Од нас зависи!

Недобивањето покана за членство на НАТО-самитот во Чикаго, ја отвори расправата за нашата стратегиска ориентација. За контекстот на случувањата, многу се напиша за грчката блокада, но малку за проширувањето како приоритет на НАТО и на ЕУ. И во НАТО, но и во ЕУ сè појасно е дека и покрај постоењето волја за  проширување, тоа не е приоритет во овој контекст.  НАТО е преокупиран со операциите во Авганистан, а ЕУ со економската криза.  ЕУ тврди дека не е заморена од проширувањето и ја префрли вината за застојот врз апатијата на Западен Балкан. Но ЕУ-јавноста смета поинаку – според последниот Евробарометар од есента 2011 г., 53% од граѓаните на ЕУ се против натамошно проширување во иднина. Најмногу „против“ се во Австрија (77%) и старите членки, а  најмногу „за“ се во Полска (69%) и новите членки. Големо мнозинство на граѓаните во клучните земји се против проширувањето, на пример во Германија (76%) и во Франција (71%). Таквата состојба е веројатно резултат на економската несигурност и имиграцијата, најдобро илустрирана со „полски водоводџија“.  На политичко ниво двоумењето за проширувањето е резултат на судирот на земјите кои претпочитаат лабав пазарен сојуз и се за проширување и тие кои претпочитаат појаки федеративни врски и се за продлабочување на ЕУ. Резултат на тој судир е двоумењето за приемот  на „слаби“ држави и барањето за построго исполнување на критериумите од кандидатите, отколку во минатото. Бугарија се соочува со тоа сега по приемот во ЕУ, со ветото за прием во шенген-договорот. А од Западен Балкан паралелно со ЕУ интеграцијата, се очекува повеќе интеграција на регионално ниво (слободна трговија, енергетска заедница, транспортна заедница), како и решавање на билатералните спорови. Така, всушност билатералните спорови (името, Косово, Северен Кипар) стануваат видливиот дел од заострените критериуми, кој функционира во поширокото опкружување – двоумењето за проширувањето. И тоа е добро и за двете страни, и за ЕУ и за кандидатите како Македонија. На примерот на Грција, времето покажа дека пропуштањето на исполнување на одредени стандарди не е добро за ЕУ, која веќе ја нема финансиската моќ да си го допушти тоа, но многу поважно за нас, неисполнувањето на стандардите е погубно за самата држава. Колку и да сме бесни на тоа, построгите критерими се подобри за нашата успешност.

Дали може да се очекува проширување на ЕУ во блиска иднина со проблемите во еврозоната и со такво јавно расположение во клучните држави? Со ваква ситуација може да се очекува следно проширување  на НАТО за 2-4 години, а на ЕУ за 5-10 години.

Но ваквите, забавени, евроатлантски перспективи никако не значат дека Македонија треба да се откаже од нив. На  Македонија како мала земја (економија) без богатства ѝ е неопходна интеграцијата, неопходни ѝ се отворени граници и отворена економија. Иако Македонија опстанала и овие дваесет години без нив, евроатлантската, посебно ЕУ перспективата влијае врз нас, на пример на нашиот кредитен рејтинг  и цената на странскиот капитал, кој ни е неопходен. Да, „Со НАТО во јато“ ќе постигнеме повеќе благосостојба и просперитет, отколку самите.

Од друга страна, тоа не смее да заврши во другиот екстрем, дека без НАТО и ЕУ нема да нè биде.  НАТО и ЕУ не можат да ни направат држава, тие можат да помогнат, но успешна државност може да направиме само ние самите – од нас зависи. Иако е општоприфатено дека евроатлантските интеграции, посебно ЕУ, обезбедуваат рамка за помирување, демократија и просперитет, од нас зависи дали ќе го постигнеме тоа. Никој од страна нема да ни ги реши меѓуетничките односи – 14 земји на ЕУ имаат конфликти за територија или за сецесија, на пример Северна Ирска. Од нас зависи. Ќе се пишуваат извештаи за демократијата, но никој од страна нема да ни обезбеди независност на судството и слобада на медиумите – како што не ја обезбедуваат во Турција или Унгарија. Од нас зависи. Никој од страна не може да обезбеди наша економска компететивност, БДП, пораст и вработување – меѓу самите членки на ЕУ невработеноста варира од 4% во Австрија до 24.1% во Шпанија. Од нас зависи. Промената доаѓа однатре, самите мора да „полетаме“, за да можеме да „летаме во јато“. Затоа е клучно свртувањето кон внатре и суштинска посветеност кон реформите во услови на одолговлечени евроатлантски интеграции.

Read more

Мултикултурата – проклетство или богатство

Честит Светскиот ден за разновидност на културите, за дијалог и развој!
Дваесет и први мај е прогласен за светски ден од ОН во 2002 г., што следи по Универзалната декларација за разновидност на културите на  УНЕСКО од 2001 г. Со декларацијата се прогласува дека „културната разновидност е неопходна за човечкиот род“, се говори за „културниот плурализам“ и дека „есенцијално е да се обезбеди хармонична интерактивност на луѓето … и волја да живеат заедно“. На овој ден се промовира културната разновидност, како и свесноста за вредноста на јазичната разновидноста.

Културната разновидност не е само неминовност во ерата на глобализација, мултикултурата постоела отсекогаш и насекаде. Денес во светот само 11% од државите може да се сметаат за монокултурни. Мултикултурата постои дури и во Европа, перцепирана како дом на етнолингвистички хомогени национални држави,  каде што клучни политички лидери ја прогласуваат мултикултурата за пропадната. Во Европа  се говорат 234 јазици, а сите држави имаат меѓу 3 и 42% немнозински етнички заедници, а две држави немаат мнозинство. Мултикултура постоела и во Берлин кој во 1700 г. имал 20% Французи, а ѝ сега  Германија признава пет јазици како малцински јазици. Добра илустрација за мултикултурата е видеото Европа во стои бои кое неделава кружи низ интернет.

Како македонското општество се справува со мултикултурноста? Македонија има разновидност на културата, која ги надминува песимистичките изјави за двонационалност, или стандардните описи за седум јазици што се говорат или неколку религии што се практикуваат. Нашата мултикултурата е многу повеќе од тоа, на пример 22 дијалекти се прогласени за културно наследство во 2011 г., а планирани се мерки за заштита на гагаускиот и мегленскиот јазик кои се во опасност од изумирање. Но според едно истражување, граѓаните се поделени околу тоа дали Македонија е подобро место поради многуте култури, односно имаат дилема дали мултукултурата е проклетство или богатство. Од каде е таа дилема? Иако меѓуетничките односи се подобруваат по 2001 г., повеќето граѓани сметаат дека тие се воздржани или ривалски. Предрасудите и недовербата се високи, висока е перцепцијата на етничка дискриминација, а етничките тензии се водечка причина за делби во општеството – живееме еден покрај друг, а не еден со друг.  Мултикултурноста во Македонија е на дното на 4 Д скалата: разновидност, разлики, поделба и спор (Diversity, Difference, Division, Dispute), односно се движи меѓу поделеност и спорови (конфликт). Хајделберг институтот за истражување на меѓународните конфликти меѓуетничките односи од 1991 г. наваму ги класифицира како отворен конфликт (2) и криза (3) во скала од латентен конфликт (1) до војна (5). Македонија е заробена во општествената (социетална) безбедносна дилема – „на Македонците (на кои Македонија им е се што имаат) за опстанокот на државата (и нацијата), а на Албанците дека ќе бидат маргинализирани во таа држава“. Тоа е дополнително комплицирано со непризнавањата од соседите, и  се надоврзува на  постојната перцепција дека (несправувањето со) мултикултурноста е причина за распадот на СФРЈ. Тоа ја намалува поддршката за мултикултура и дел од етничките Македонци,  мултикултурата ја оценуваат како самоуништување на Македонците и се залагаат за национална држава, а што на другата страна ја засилува подршката на етничките Албанци (ДПА, НДП) за двонационална држава.  И така во затворен круг.

Read more

Апсолутни вистини, доверба, толеранција и капитал

Македонија напредува недоволно брзо – просечниот раст на БДП во периодот 1990-2010 г. изнесува 0.8% и Македонија го достигна нивото на БДП од 1990 г. дури во 2006 г. На кратко по 16 години сме стигнале таму од каде што сме тргнале.  Секако кон тоа придонеле одредени објективни околности, но потребна е понатамошна расправа за причините за спориот напредок. (Не)напредокот е поврзан со богатство или  капиталот што е акумулиран во минатото, за кој е потребно време и напор да се гради и одржи и директно или индиректно придонесува кон економскиот развој и  добросостојбата. Повеќето од нас живеат во верување за националните богатства (капиталот) на  Македонија, но дали е така?  Македонија нема посебен капитал, не е богата со економски капитал, културен или човечки капитал, социјален капитал и општествено-политички и институционален капитал. На ова тема ќе посветам неколку написи, а овој ќе биде посветен на социјалниот капитал, бидејќи тој зависи од нас самите, од граѓаните.

Што е социјалниот капитал? Тоа е вредноста на социјалните (општествените) мрежи. Социјалниот капитал е само нов бренд за стари идеи. Тој постои во природата – гуските со летање заедно постигнуваат 70% поголема далечина на летање отколку секоја гуска би летала самостојно. Мојата омилена африканска изрека порачува „Ако сакаш да одиш брзо – оди сам, ако сакаш да стигнеш далеку – оди заедно со другите“. Тоа било препознаено од римското Ex unitate vires, преку романтичарските „соединението ја прави силата“ и „спасот е во слогата“, до народните изреки како „сложни браќа куќа градат“. Алексис де Токвил  го открива „здружувањето“, а денес социјалниот капитал го популаризираат Путнам и Светската банка. Социјалниот капитал е системот на вредности или е духот на заедница. Тој може да има форма на  врзување, во група со многу заеднички работи како семејството, етничка група или премостување со луѓе од „туѓи“ – други социјални групи или слоеви. Есенцијална вредност на која се гради социјалниот капацитет е довербата, а толеранцијата  е клучна за премостувачкиот социјален капитал.

Постојат се повеќе докази дека социјалниот капитал е критичен за економски просперитет и за одржливост на развојот. Се тврди дека недостатокот на социјален капитал е главна причина за спор БДП раст на пост-комунистичките земји, а со тоа и на Македонија. Од друга страна премостувачкиот социјален капитал кој ги премостува различните етнички, верски и други заедници има дополнително значење за Македонија како мултикултурно општество. 

Каква е социо-културната околина на Македонија? Каква е довербата и толеранцијата? Македонија има ниско ниво на доверба – општа доверба и доверба во институциите. Меѓу 10 и 23% од луѓето веруваат во другите луѓе, што е пониска доверба споредено со било која членка на ОЕЦД. Највисоката доверба во Претседател на Македонија е 38%, што не ја надминува најниската забележана доверба во САД (во Џими Картер и Џорџ Буш). Во земјата имаме култура на апсолутна вистина на верско и идеолошко ниво, и високи ниво на нетолеранција. Приближно секој трет граѓанин и секој втор етнички Албанец смета дека постои само една вистинска религија. Малку помалку граѓани, односно секој десетти смета дека постои само една исправна политичка партија. Или со зборовите на Катерина Колозова „логиката на правоверноста значи дека припаѓате на едната линија (м.з. една вистина)  – линија на политичка мисла или партиска линија, или припаѓате на другата. Значи, ересот е исклучен…“. Постоењето на апсолутна вистина, без да навлегувам во ризикот на расправата за апсолутната вистина и моралниот релативизам, и фактот дека основата на толеранцијата е во несогласноста, е основа на недовербата во другите или „туѓите“ (страв од различните – ксенофобија) и нетолеранцијата.

Read more

Еден суперхерој не е доволен…

… Македонија падна на 132 од 153 места во 2011 година, со што се најде за 41 место подолу во споредба со 2010 година … Драматично, кој е индекс е тоа, дали е „слобода на медиумите“, „индекс на корупцијата“ или, пак „доинг бизнис“? Не ќе да е. Веста објавена на 25 април 2012 г.  скоро не предизвика внимание: немаше партиски прес конференции, ниту уреднички коментари или расправа по социјалните медиуми.

Да, веста за Светскиот индекс за добротворство помина незапазено. Индексот вклучува три критериуми: донации на пари на организација, волонтирање во организација и помагање на непознати. Светскиот индекс за добротворство во 2011 г. вклучува 153 земји, а на врвот се наоѓаат англоамериканските земји, а понатаму следуваат скандинавски и северно европски земји. Земјите од Југоисточна Европа се при дното на листата, а Македонија е подобро рангирана од повеќето земји од регионот. Ваквите состојби се потврдени и со други истражувања како Индексот на граѓанското општество и Општествена одговорност на граѓаните.

Тоа е тогаш одговорот, станува збор за не толку важен индекс, односно не толку важно општествено прашање. Но дали е тоа така. Индексот вклучува прашања кои се суштествени за граѓанскиот ангажман, за граѓанското општество. Алексис де Токвил во своите студии за Демократијата во Америка говори за „демократски состојки“ од кои за најважна го смета здружувањето (associations). Тој смета дека активното здружување е услов за демократија и слобода. „Граѓанско општество без граѓани“ е оксиморон – граѓанското општество не е возможно без активни граѓани, без граѓански ангажман. Затоа, Светскиот индекс на добротворство укажува на битен општествен предизвик.

Кои се причините за таквата состојба на добротворството? Македонија има неповолна социокултурна околина за добротворството со недоверба во институциите и ниска вклученост на граѓаните. И социо-економската состојба, со распостранета невработеност, е неповолна. Сепак студии покажуваат дека е погрешен митот дека донираат богатите  – често посиромашните донираат повеќе, бидејќи самите можат да имаат потреба или бидејќи познаваат луѓе во потреба. И една каректеристика за пост-комунистичките земји – и во Македонија  сè уште постои етатистичка свест и очекувана одговорност на државата, а не на граѓаните или приватниот сектор, за решавање на проблемите. Еден добар пример за етатистичката култура беше снегот изминатата зима – никој не запраша зошто граѓаните не се волонтерски самоорганизираат за чистење на снегот или што прават општинските власти. Заборави волонтерство, заборави децентрализација, бараме силна и сеприсутна држава. Уште една последица на државниот социјализам е дека заедно со репресијата врз верските заедници, потисната е добротворната работа заснована на вера. Поради сите ограничувања тешко ќе може да се споредуваме со англо-американските земји, но мора да бараме решенија за напредок.

Државата има своја улога, но еден суперхерој не е доволен, потребна е плурализација на херои, потребни се секојдневни херои. Покрај државата, секој чинител и граѓаните и приватниот сектор и организациите и  треба да го преземат својот дел од одговорноста.

Ние, граѓаните, мора да ја преземеме својата општествена одговорност. Нема кој, ниту може да има некој да не замени во нашата одговорност и солидарност кон заедницата и општеството.

Read more

Новиот бран – промена или трик

„Новиот бран“, или кадровските промени во ВМРО-ДПМНЕ се еден од фокусите минатата недела. Тоа е мешавина на партиска реорганизација на ВМРО-ДПМНЕ, пред сè на ниво општински комитети и  реорганизација на државни раководни функции. Помалку информации има за случувањата на општинско ниво каде најверојатно промените се поврзани со промена  на раководствата со помалку постигнувања и подготовките за локалните избори во 2013 г. Првите промени на национално ниво се  раководители што и до шест години ја вршат функцијата, и тоа, во основа, е ротација на кадри.

ВМРО-ДПМНЕ  го комуницира „новиот бран“ како: постојана работа и надградување, учење од сопствените грешки, мобилизација, континуирани промени… Со тоа се  нагласуваат политичката доктрина и програма, резултатите и отчетноста и подобрувањето на организацијата. Новина е апелот кон непартиските членови за заедничко дело или „прераснувањето во движење“.  Меѓутоа, за СДСМ  „новиот бран“ е „театар“ за спас на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ од неуспешните политики, а „наводните нови функционери, ќе бидат слепи послушници“ и идни „жртвени јагниња“. Една од критиките  вели дека „новиот бран“ е клучен маркетиншки проект на власта во пресрет на локалните избори, кој треба го пресретне незадоволството и потребата од промени и на општествено-политичко ниво и на партиско ниво, но ќе има само минлив ефект, бидејќи е супституција на потребата од промена на политичкото лидерство и промена на неуспешните политики. Освртот понатаму е на раководните промени, а успешноста на политичкото лидерство и политиките е засебна целина која останува за друг коментар.

Профилот на мојот пратеникИ доколку новиот бран е клучен маркетиншки проект, појдовна основа на секој маркетинг е производот, и тука ВМРО-ДПМНЕ има примарна цел да покаже дека имаат подобар производ, односно подобра кадровска политика.  Или, како што самите велат, нивната цел е „да се биде подобар од конкурентите“, бидејќи успехот или квалитетот постојат само со споредба – со план, со временски период, со друга политика, партија, земја. ВМРО-ДПМНЕ сака да го насочи вниманието во споредба на кадровската политика, својата и таа на ривалот- СДСМ.  „Новиот бран“ следува по „Приклучи се ѝ ти“- формирањето на партиските совети на СДСМ кон крајот на 2011 г. Што покажува споредбата. Двете партии направија слични чекори и ги привршуваат процесите на враќањето на поранешни членови. ВМРО-ДПМНЕ е повклучителен – има простор и за поранешните ривали на нивниот лидер, а во СДСМ само за „вистинските социјал-демократи“.  Наспроти враќањето на поранешните членови,  ВМРО-ДПМНЕ со „новиот бран“ ќе се стреми јасно да ја направи разликата – на нови, модерни, отчетни, мобилни раководители, како и капацитетот да направи значајни кадровски промени наспроти неуспехот на СДСМ да го направи тоа во претходните три претседателства.

Read more