На почетокот на месецот, беа објавени резултатите за истражувањето на јавното мислење, „Спорот за името 2018-та“, кое четврти пат го прават Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија, а е спроведено од М-проспект, за што пишував во претходниот коментар. Неколкуте клучни наоди се дека постои висок отпор кон можен компромис за името, на повеќето прашања доминира ставот „зачувување на името“, и Владата се соочува со отпор и на прашања како мерките за градење доверба, дека се продлабочува етничкиот јаз меѓу етничките Македонци и етничките Албанци, а дека можноста за компромис е базирана на идентитетот како крајна црвена линија и деликатен баланс на евроатлантските интеграции, стравот од нови барања од Грција и стравот од национален раскол. Деликатен баланс на последните три, бидејќи покрај истрајноста во зачувување на националниот идентитет, тие три фактори влијаат на јавното мислење.
Граѓаните ги сметаат јазикот (27,4 отсто), Уставот (23,5 отсто) и државјанство (23,1 отсто) најважни за националниот идентитет, а Уставот и уставното име бедем за негова одбрана. Скоро половина од граѓаните (45,1 отсто) веруваат дека со промена на уставното име ќе се промени идентитетот, 17,8 отсто сметаат дека во ниедна ситуација нема да се промени македонскиот идентитет. Големо мнозинство граѓани (73,8 отсто) мислат дека промена на уставното име ќе влијае, многу или донекаде, на идентитетот. Оттука е голем отпорот за промена на Уставот, односно 48,3 отсто граѓани и 60,7 отсто етнички Македонци се против каква било промена на Уставот, без разлика дали се тоа одредби за името или за други прашања. Промена на Уставот за дефинирање на меѓународно име е прифатливо за 18,3 отсто од граѓаните.