Време е за промени! (2)

Низ кратка анализа на минатото се идентификуваат научените лекции, клучните прашања или грешки, од кои ВМРО-ДПМНЕ треба да извлече поука: корупција, демократија и слобода на медиуми, како и изолацијата на земјата. Научените лекции и поуките се тие, што се смени во ВМРО-ДПМНЕ?

Предизборието, изборните програми, промените беа воведот во првиот дел на овој напис. Напишав дека во ВМРО-ДПМНЕ постои свесност за критичноста на состојбите во земјата, за силните перцепции дека земјата се движи во погрешна насока и дека јавноста има високи очекувања за промени што ВМРО-ДПМНЕ треба да ги донесе. И дека веројатно главната критика од политичките ривали ќе биде дека ВМРО-ДПМНЕ не може да донесе промени, бидејќи самото ВМРО-ДПМНЕ не е променето. Понатаму за да се демонстрира дека ВМРО-ДПМНЕ е променето, се осврнав на минатото и двата периода на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, првиот 1998 – 2002 година на Љупчо Георгиевски и вториот 2006-2016 г. на Никола Груевски. Низ кратка анализа на минатото се идентификуваат научените лекции, клучните прашања или грешки, од кои ВМРО-ДПМНЕ треба да извлече поука: корупција, демократија и слобода на медиуми, како и изолацијата на земјата. Научените лекции и поуките се тие, што се смени во ВМРО-ДПМНЕ?
За изолацијата на земјата. Тоа е главен мотив на сегашната кампања на власта на ДУИ и СДСМ, односно СДСМ не се откажува од иднината (во ЕУ) и ДУИ ќе нѐ брани од Русија и Путин. Секако проекцијата е дека ВМРО-ДПМНЕ е против ЕУ и за Русија и Путин. ДУИ и СДСМ не престануваат да ја повторуваат оваа лага, иако на дела се главните анти-ЕУ фактори, бидејќи не им останува ништо друго на што да ја темелат својата кампања. Колку се повторува лагата треба да се повторува одговорот, во Македонија нема главна политичка партија, ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту друга, која нема евроатлантска ориентација. Но дали и ова не се празни зборови како и тие на ДУИ и СДСМ? ВМРО-ДПМНЕ нема друга насока, надвор од евроатлантската. Одбивањето на францускиот предлог не е анти-ЕУ чин, туку разлика во перцепцијата во компромисот меѓу ЕУ и националните интереси. ВМРО-ДПМНЕ предложи најмалку три модели за уставните промени: првиот, преамбула по хрватскиот модел, вториот уставни измени со стапување во сила на денот на прием во ЕУ и третиот знак уставни измени по изразена добра волја од Бугарија како спроведување одлуки на меѓународен суд и дозволување регистрација и дејствување на здруженијата на етничките Македонци во Бугарија и други политички и економски мерки.

Сите три модалитети претпоставуваат влада без ДУИ и сите три модалитети се спроведливи веднаш или многу бргу. Првиот предлог поминува без коментар, а за вториот и третиот ДУИ и СДСМ ги отфрлаат тврдејќи дека не се можни и дека не може да се промени преговарачката рамка со ЕУ. А промена на преговарачката рамка со ЕУ не е потребна, најверојатно, за ниту еден од моделите. ДУИ и СДСМ ќе го бранат постигнатото како најдобро можно решение, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека има три модели што се подобри.
За корупцијата. Во претходното владеење ВМРО-ДПМНЕ воведе три клучни алатки за транспарентност и борба против корупцијата. Првата е Централниот регистар на Македонија каде што лесно може да се провери сопственоста на фирмите, како и нивните финансиски резултати. Втората е Катастарот, каде што покрај подобрувањето на услугите, секој може да ја провери сопственоста на недвижностите. И третата е објавувањето на јавните набавки преку Бирото за јавни набавки. За споредба, СДСМ воведе само една алатка, Отворен финансии, за увид во буџетските трансакции. Сепак корупцијата е темата на која ВМРО-ДПМНЕ ќе треба веројатно најмногу да се докаже и во светло дека граѓаните ја перципираат корупцијата како најголем проблем во земјата. ВМРО-ДПМНЕ започна од себе. Од судски спорови за партиското финансирање стигна до позитивни ревизии од Државниот завод за финансирање. Додека ДУИ говори за ветинг на политичари, ВМРО-ДПМНЕ се огради од носителите на корупцијата и го спроведе ветингот во своите редови. Во минатите три години ВМРО-ДПМНЕ практикуваше владеење во повеќе градови и нема коруптивни скандали, ниту кривични постапки. За петте функционери на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада, со целиот напор на СДСМ и ДУИ нема скандали и афери во нивното минато. Во изборната програма Платформа #1198, едно од шесте подрачја, второто по економијата е посветено на борба против корупцијата. Има и политичка волја да се спроведе тоа!
За демократијата. Повторно ВМРО-ДПМНЕ започна од себе и донесе нов статут, ги засили внатрешните баланси, ја засили политичката транспарентност. ВМРО-ДПМНЕ и покрај големите критики од сопствените симпатизери, ниту еднаш не го бојкотираше Собранието, како што правеше СДСМ кога беше опозиција.

Во работата на полицијата, министерот Панче Тошковски, покажа целосна посветеност на владеење на правото и целосна транспарентност. Во обидот да се креира скандал на полициско прикривање по инцидент во ноќен клуб во Скопје со член на обезбедувањето на Христијан Мицковски, ВМРО-ДПМНЕ веднаш се огради и го отстрани лицето, а МВР го суспендира лицето и поднесе кривична пријава против него.
За слобода на медиумите. Сега има променети позиции, сега СДСМ сака да ги корумпира медиумите, а ВМРО-ДПМНЕ се противи. ВМРО-ДПМНЕ сега е отворена партија, лидерот е достапен за интервјуа на сите медиуми, раководството и пратеници учествуваат во политички дебати на сите медиуми, министерот Панче Тошковски, како и другите функционери во Владата се достапни за сите медиуми. Во изборната програма Платформа #1198, во поглавјето права и слободи, еден дел е посветен на слободни медиуми, а за првпат има дел посветен и на граѓанското општество.
Моето учество во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ поради политичката волја за промени. ВМРО-ДПМНЕ има научено и е променето и способно да ги донесе промените во државата. Затоа ја бараме довербата на граѓаните на Македонија!

Авторот е аналитичар и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Избори2024

 

The post Време е за промени! (2) appeared first on Нова Македонија.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.