Во периодот на големи очекувања за интеграциите на Македонија во НАТО и во ЕУ, по склучувањето на договорот со Грција, на прагот сме да не го добиеме тоа што го очекувавме. Прво дојде изјавата на Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, која парафразирана е дека НАТО во јули ќе донесе одлука за започнување со пристапувањето на Македонија, но дека Македонија ќе добие покана само откако договорот ќе биде одобрен на референдумот. Изградената перцепција беше дека покана од НАТО ќе добиеме на самитот во јули оваа година, а дека членството во НАТО, Грција ќе го ратификува по одржаниот референдум. Таквата перцепција е многу поинаква од кажаното од Столтенберг, што значи референдум, па потоа покана. НАТО со ова не ја прејудицира одлуката на референдумот, што е коректно, и ќе врачи покана само потоа. Тоа ќе беше во ред ако не беше претходно создаденото очекување дека Македонија ќе добие покана за НАТО во јули, а не во октомври или потоа.
Вака се создава впечаток дека НАТО не се придржува на ветеното, што создава нова несигурност околу референдумот. Изјавата на Столтенберг брзо беше потисната од текот на Советот на ЕУ, кој донесе заклучок, што го остава патот кон ЕУ отворен и нуди можност за почнување преговори кон крајот на 2019 година, под услов да постои напредок на реформите во судството, безбедносните служби и јавната администрација, за што ќе биде повторно разговарано во јуни 2019 година. Заклучокот е типичен за ЕУ и е резултат на компромисот на земјите што се против проширувањето (Франција, Холандија и Данска) и тие кои се за, пред се Германија. Заклучоците се формулирани така што дозволуваат Владата на Македонија (и на Албанија), како и комесарот Хан, да говорат дека е добиен датум, а Холандија да говори дека не е доделен датум и за тоа ќе се одлучува во јуни 2019 година. Домашната јавност се подели прво дали е добиен датум, а потоа дали е ова напредок. Самиот факт дека јавноста се подели дали е добиен датум говори дека не е добиен датум за почеток на преговорите за пристапување, бидејќи ако беше доделен датум, тоа ќе беше самоевидентно и ќе немаше дилеми за тоа. Дали е тоа напредок? По десетина години препораки за почнување преговори, без одредување датум, освен подобрена формулација, се чини нема суштински напредок. Независноста на правосудството и департизација на јавната администрација, како и контрола на безбедносните служби, не се ниту изненадување, ниту се нови услови, тие како такви постојат подолг период.