Минатата седмица во коментарот „НАТО е застарен“, со позајмен наслов од советник од администрацијата на Буш постариот, отворив дебата пред претстојната покана за членство на Македонија во НАТО. Аргументирав зошто можеби НАТО за САД е застарено, истечено, со завршена употреба, но дека сето тоа не значи дека антинатовски ориентираните можат да се радуваат дека му е дојден крајот на НАТО. Сегашната кавга е најверојатно само зголемување на притисокот на САД врз ЕУ да ги зголеми воените буџети на декларираната цел од 2 проценти, што сега ја исполнуваат, покрај САД, само Велика Британија и Полска. Целата кавга нема да заврши со крај на НАТО, туку најверојатно со зголемување на придонесот на ЕУ во европската одбрана. И доколку биде неуспешна потрагата по нова мисија на НАТО, и доколку геополитичките промени покажат дека подобро е НАТО да се замени со армија на ЕУ, која секако ќе биде сојузничка со САД, и доколку дојде крајот на НАТО, дебатата за целисходноста на НАТО е нешто што САД можат да си го дозволат, што Германија може да си го дозволи, но малите земји како Македонија не можат да си го дозволат.
Во пресрет на поканата за НАТО, поврзана со договорот за името, дебатата за целисходноста на НАТО во Македонија се води во две погрешни насоки, песимистичка и оптимистичка. Но пред да продолжам јасно да разграничам дека оваа анализа се однесува на НАТО, но не и на ЕУ, и меѓу двете членства има јасни разлики во добивките. Во првата песимистичка насока, изразена преку НАТО не е ѝ потребно на Македонија, има повеќе фракции, од левичарски антимилитаристички преку проруски ориентирани поединци, но најверојатно се најмногубројни тие што таквиот став им е протест поради условувањето на членството со промена на името. Во последните истражувањата (МЦМС, 2017 г.) довербата во НАТО е 50 проценти, што е намалување во однос на претходните години (60,5 проценти во 2010 година), но сѐ уште е високо ниво, на пример повисоко од тоа во Шпанија, која е членка на НАТО (45 проценти). За Македонија нема друга кредибилна алтернатива, што се илустрира со ниската перцепција на Русија како најдобар сојузник на Македонија (14 проценти). Од друга страна треба да постои свест дека промена на геополитика без согласност на заинтересираните светски и регионални сили не завршува добро по засегнатите земји, и за тоа примери се Украина и Сирија. Оттука геополитичката евроатлантска ориентација на Македонија е потврдена и поддржана, и членството во НАТО е целисходно и потребно.