„Тази тест не е тест, освен…“

Серолошките антитела-тестови не се тестови, освен ако не треба да го делегитимираш опонентот (јавна тајна е фракционерството во СДСМ Куманово) и да ја одбраниш својата позиција

Има бугарска анегдота за „тази дупка не е дупка“, која е применлива за опис на неколку состојби и за македонско-бугарските односи, и за справувањето со коронавирусот. Минатата седмица во „Лаги, проклети лаги и статистика“ пишував за важноста на статистиката во носењето многу важни одлуки за јавното здравје и економијата, и дека поаѓајќи од тоа дека САРС-Ков-2 е нов вирус, постои мерка на несигурност во јавно здравствените статистики и предвидувања.
Како во тоа централни прашања се репродуктивниот индекс (степен на заразност) и стапката на смртност и со нив поврзаните прашања на сезонска зависност и имунитет, голема улога во статистиките има опфатот на тестирањето.

Во случаите на земји во кои спаѓа и Македонија, каде што се тестираат само лица со симптоми или епидемиолошка поврзаност, логично дека бројот на заразени ќе е помал, но тие случаи се потешки, и ќе има повисока смртност. Наспроти тоа, во земји каде има широк опфат на тестирање, вклучувајќи и асимптоматски носители, ќе има поголем број на заразени и пониска смртност, како на пример во Германија и Јужна Кореја. Исто така некои земји, како Италија, вршат тестирање само на починати во болница, додека починати дома и во домови за возрасни лица не се тестираат и соодветно се намалуваат евиденцијата и стапката на смртност од ковид-19.

Новите анализи направени од „Фајненшл тајмс“ врз основа на историски податоци за смртноста во 14 земји, доведуваат до заклучок дека смртноста од ковид-16 може да е и до 60 проценти повисока од пријавената. Здравствени политики и капацитети значајно влијаат на статистиките: тестирање само на лица со симптоми и на смрт во болница влијае на намалување на случаите на ковид-19 и смртноста, односно ги намалува, и обратно.
Едно од прашањата кој влијае и кои тестирања се признаваат од страна на властите. Во јавноста започна конфузија околу микробиолошки и серолошки тестови. Првите, микробиолошки, во случајот на ковид-19, PCR, нарекувани и молекуларни, имаат за цел да го покажат присуството на вирусот во лицето. Вторите, серолошки, во случајот на ковид-19, тестови за антитела IgM и IgG, имаат за цел да докажат присуство на антитела на корона, како индиректен доказ дека лицето е или било заразено, при што IgM повеќе покажува на моментална заразеност, а IgG на мината заразеност.

И двата методи, како и различните продукти, имаат свои предности и недостатоци. PCR e поскап и побавен и ја покажува моменталната состојба, и општо е со поголема сигурност. Антителата се побрзи и поевтини, полесни за употреба, ја покажуваат моменталната и минатата состојба, но различни производи се со различна сигурност. За сигурноста на различните производи (метод, производител) веќе има доволна евиденција во стручната литература. И двата методи се легитимни во зависност од целта. Серолошките, поради брзината и евтиноста се прикладни за масовни тестирања, чести тестирања (здравствени работници) или екс-постепидемиолошки студии, како таа во Дебар.

Целата случка комплетно ја збуни јавноста, ја наруши довербата во тестирањето и ја поткопа довербата во јавното здравство, поради водењето дневна фракционерска политика. Не ни е потребно тоа воопшто, кога ни е потребна доверба за да прејдеме во отворањето на општеството и на економијата

Примената на еден или друг метод претставува и политичка одлука. Признавање само на микробиолошки тестови (PCR) значи дека се евидентираат како ковид-19 случаи само лица што во моментот го имаат вирусот. Тоа ги исклучува лицата што некогаш го имале вирусот но заздравеле „од нога“, кои пак може да се откријат со серолошките антитела-вируси. Доколку се признаваат само PCR-тестови, како ковид-19 ќе бидат регистрирани помалку случаи, а доколку се признаваат и антитела-тестовите, таа бројка ќе биде поголема.
Покрај тој вид на јавно здравствена политика, која е легитимна ако е конзистентна, секако кај нас има и дневна политика. Почетните шпекулации за непризнавање на серолошките антитела-тестови беа дека ги воведе „Систина“, која се поврзува со Орце Камчев, кој е опонент на сегашната власт. Имаше серија написи за да се наруши кредибилитетот на овие тестови во „Систина“.

За да ги воведе власта премолчно истиот тип тестови за екс-постепидемиолошка анкета во Дебар. Ако серолошките антитела-тестови не беа добри, зошто власта ги употребува во Дебар?
Секако, случајот на Куманово е клучен за „тази тест не е тест, освен…“ во случајот на Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово. Градоначалникот е тестиран на ковид-19 во ИЈЗ, и тестовите беа позитивни, свесен за ризикот (самата потреба на тестирање) не се ставил во самоизолација или практикувал неопходни мерки за дистанцирање и заштита (прес-конференција без маска). За да ја намали политичката штета, градоначалникот самоиницијативно се тестира (претпоставувам во „Систина“ и „Жан Митрев“) и тие тестови се негативни. Министерот Венко Филипче имаше рационално објаснување, дека меѓу двата теста е поминато време и дека вторите може да бидат негативни поради заздравување.

И дотука збрката немаше да биде голема, да не се вклучеше директорката на здравствената инспекција, која надвор од законот даваше лични податоци, но и го употреби серолошкиот антитела-тест, за потврди дека градоначалникот имал во минатото ковид-19 (позитивен IgG). Серолошките антитела-тестови не се тестови, освен ако не треба да го делегитимираш опонентот (јавна тајна е фракционерството во СДСМ Куманово) и ја одбраниш својата позиција.

Целата случка комплетно ја збуни јавноста, ја наруши довербата во тестирањето и ја поткопа довербата во јавното здравство, поради водењето дневна фракционерска политика. Не ни е потребно тоа воопшто, кога ни е потребна доверба за да прејдеме во отворањето на општеството и економијата.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #Covid-19 #Ковид-19 #SARS-CoV-2 #coronavirus

The post „Тази тест не е тест, освен…“ appeared first on Нова Македонија.