Ерга омнес, не, благодарам! 17.05.2018 Автор: Сашо Клековски, Нема коментари

Минатата седмица беа објавени резултатите од истражувањето на јавното мислење „Спорот за името 2018“, кое четврти пат го прават Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија. Истражувањето е спроведено од „М-проспект“, а јас бев еден од истражувачите и автори. Неколкуте клучни наоди се дека постои висок отпор кон можен компромис за името, дека се продлабочува етничкиот јаз, а дека можноста за компромис е базирана на идентитетот како крајна црвена линија и деликатен баланс на евроатлантските интеграции, стравот од нови барања од Грција и стравот од национален раскол.

Иако помалку во споредба со 2013 година, секој втор граѓанин е против каква било промена на името, како и двајца од тројца етнички Македонци. За другите се прифатливи опции од двојна формула до ерга омнес. Притоа ерга омнес е прифатливо за еден од десет граѓани, истовремено тоа е најмалку прифатливо решение за повеќето граѓани. Значајно е дека се продлабочува јазот меѓу етничките Македонци и етничките Албанци во однос на решението. Во ставовите за „зачувување на името“ наспроти „евроатлантските интеграции“, 44,6% од етничките Македонци би избрале зачувување на името (64,9 % во 2013 г.), а 90,1% етнички Албанци би избрале евроатлантски интеграции (68 % во 2013 г.). Во ставовите за решение, тоа што е најприфатливо за етничките Македонци „никаква промена“ (59,6%) е најмалку прифатливо за етничките Албанци (40,8%), и обратно, тоа што е најприфатливо за етничките Албанци „ерга омнес“ (42,3%) е најмалку прифатливо за етничките Македонци (50,6%).

Од друга страна, споени имиња, промена на кодовите на земјата или на Интернет се неприфатливи за големо мнозинство граѓани, односно е неприфатливо за осум или седум од десет граѓани. Впечатлива е неподдршката на владините мерки за градење доверба. Мнозинството граѓани (51%), целосно или донекаде, не го оправдуваат преименувањето на аеродромот и на автопатот. Тој став е повисок меѓу етничките Македонци (62,6%). На големо мнозинство од 65,6% граѓани не им е прифатливо отстранување на споменикот „Воинот на коњ“.
Идентитетот продолжува да биде гранитна црвена линија, што се огледува и во ставот против каква било промена на името, но и во противењето на додефинирање во ООН на националноста/државјанството и на македонскиот јазик. Дефинирање националност/државјанство како македонско прифаќаат 47,9% (59,1% етнички Македонци), одредени варијации како латинична или двојна употреба прифаќаат 25,3%, а дефинирање како на пример граѓанин на Република Горна Македонија прифаќаат 14,4% граѓани (34,7% етнички Албанци). Слични се ставовите и за додефинирање на јазикот.

Очекувањата граѓаните да се изјаснат на референдум се во постојан пораст, и во 2018 година изнесуваат 71,4%, од 2010 г. – 54,4%, на 64% во 2011 г. и 66,3% во 2013г. Големо мнозинство етнички Македонци (79,3%) се за референдум, додека етничките Албанци се поделени. Најголем дел граѓани очекуваат тој референдум да биде пред склучувањето на договорот со Грција. Се чини дека членството во ЕУ е фактор што може да влијае на исходот на референдумот. Додека граѓаните би одбиле промена на името, 50,2% против и 41,5% за, ставовите се менуваат доколку промената на името е кога земјата ќе стане членка на ЕУ, во кој случај 45% се против и 47,6% се за промена. Ова е промена во однос на 2013 година и гласањето против е намалено за приближно 10 процентни поени (2013 г. 62,7% против, 58,4% против при ЕУ-членство).

Порастот на очекувањата на граѓаните да има референдум може да значи дека расте важноста на прашањето за спорот за името или дека се намалува довербата во политичарите. Мнозинство граѓани (55,1%) сметаат дека не постои широк договор, односно национален консензус. Исто така не постои јасна перцепција која е позицијата на Владата во спектарот од никаква промена до ерга омнес. Граѓаните ги перцепираат на страната на „зачувување на името“ Ѓорге Иванов, претседателот на републиката, и ВМРО-ДПМНЕ, а на страната на „евроатлантските интеграции“ – Владата и СДСМ, како и ДУИ и Беса.

И додека граѓаните имаат желба за брзо решение, имаат значајно помали очекувања дека ќе се постигне решение. Секој втор граѓанин (48%) посакува решение во рок од една година, но такви очекувања има секој четврти граѓанин (26,3%). Очекувањата се зголемени во однос на 2013 година и намален е ставот дека никогаш нема да има решение. Мнозинство граѓани (62,9%) сметаат дека постои интерес на големите сили за решение, а трети страни што можат да придонесат за решение се САД и ЕУ.

На повеќето прашања доминира ставот „зачувување на името“ и Владата се соочува со отпор и на прашања како мерките за градење доверба. Тоа се одразува и на ставот дали граѓаните би ја наградиле партијата што би го решила спорот за името. Четири од десет граѓани (41,7%), како и пет од десет етнички Македонци (49,6%), не би гласале за партијата што ќе го реши спорот за името, наспроти 36% што би гласале за.
Во вакво ниво на спротивставување можноста за решение е базирана на идентитетот (јазик, Устав) и деликатен баланс на евроатлантските интеграции, стравот од нови барања од Грција и стравот од национален раскол.

(продолжува…)

Be Sociable, Share!
 

Објави коментар

Име (задолжително)

E-пошта (нема да биде објавена) (задолжително)

Вебсајт