По „работното лето“ на опозицискиот СДСМ, во основа неформален почеток на кампањата за локалните избори 2013 г., настанот во „Слупчане“ донесе пресврт во политичката агенда. За излез од состојбите се заговараат неколку решенија од техничка влада и предвремени собраниски избори до формирање на нова Влада на ново собраниски мнозинство, со можност таа Влада да ја води премиер-етнички Албанец. Како стратегиски цели на техничката или новата Влада се споменуваат решавањето на спорот со името и барања на етничките Албанци од јазикот до буџетот.
Треба да се појде од можните теории за генезата на сегашната криза да се дојде до можните конструктивни решенија. Серијата на инциденти од „Слупчане“ до „пременувањата на училиштата во Чаир“, може да се поврзани со зголемен притисок за решавање на спорот за името од страна на ДУИ, како директен политички губитник од застојот на евроатлантските интеграции. Да се потсетиме два клучни ресори за евроатлантските интеграции, за ЕУ-интеграции и за одбрана, се предводени од кадри на ДУИ. Дополнително, настаните кај нас мора секогаш да се набљудуваат и од регионален аспект, особено од развојот на Косово: неговата целосна независност, како и најавите за продолжување на косовско-српските преговори.
Но исто толку е можно да настаните повеќе да се тактики во борбата за власт, отколку за остварување на одредени стратешки цели. Дел од случувањата укажуваат на тактики во внатреетнички партиски натпревар. Опозицијата досега беше во мобилизација со партиските митинзи, градењето на коалиции, вклучувајќи и меѓуетничката на СДСМ и ДПА, како и во подгревање на социјалното незадоволство. СДСМ и ДПА донекаде го диктираа ритамот, сè досега. Во моментот, ДУИ успева да го врати ареалот на чувар на етничките права на Албанците, а ВМРО-ДПМНЕ примарно се насочи во неутрализирање на Достоинство и на десните партии во здружената опозиција, како и во обесхрабрување на национално определените гласачи во поддршката на здружената опозиција. Сè дотука целите се примарно внатре етнички.
Одговорот на СДСМ е повторно тактички, вклучувајќи негации на претходни постапки. СДСМ се одлучува да го поддржи предлог-законот за бранители. СДСМ со тоа сака да го интензивира конфликтот меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, во надеж дека тоа ќе ја продлабочи Владината криза и ќе доведе до можност за нова Влада – техничка влада или со ново собраниско мнозинство. Но СДСМ со тоа одлучи Владината криза да ја трансформира во меѓуетничка криза. СДСМ ја заборави и во старт ја поткопа својата меѓуетничка коалиција со ДПА, со која се најдоа на спротивната страна, и во Собранието доведе до етничка, а не партиска, поделба на пратениците. По подолг период се соочуваме со можна етничка мајоризација во Собранието, со можни поголеми реперкусии. Мораме да ја избегнеме мајоризацијата на етничка основа во Собранието и да се пристапи кон конструктивно решавање на проблемите, принцип договорен со Охридскиот рамковен договор. Кои се можните решенија?
Нова Влада – техничка или со ново собраниско мнозинство, е малку можно решение. Техничка влада, за или не, за подготовка на нови избори, подразбира поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ, која нема причина да ја прифати таа идеја. Влада со ново собраниско мнозинство, и со и без премиер-етнички Албанец, е легитимна за рушење на ВМРО-ДПМНЕ, но не и за спроведување на стратешки цели. На сите им е јасно дека решение на спорот за името, а со тоа и откочување на евроатлантските интеграции, не е можно без ВМРО-ДПМНЕ и национално определените гласачи. Прифаќање на премиер-етнички Албанец, би бил знак на политичко лидерство од страна на СДСМ. Но СДСМ сигурно не е спремен на политичко самоубиство, бидејќи малкумина етнички Македонци би прифатиле припадник на друга етничка заедница за премиер, посебно во контекст на спорот за името. Водење на разговорите за името од премиер кој не е етнички Македонец е далеку од реалноста. И ДУИ би требало да го згази принципот за кој толку многу се бореше и се залага – принципот на Влада на „двоен легитимитет“. Напуштањето на тој принцип може да е биде добро за Македонија, но секако ќе биде лошо за ДУИ. Од ДУИ и порано порачуваа опозицијата прво да обезбеди легитимитет, односно да победи на избори, па потоа да разговара за нови влади. Тој став ДУИ го афирмира и деновиве.
Предвремени собраниски избори, исто така не се соодветно решение. Предвремени избори, се легитимно решение за ВМРО-ДПМНЕ, веројатно единствената партија, која е спремна за предвремени избори, кои особено ако се пред локалните избори 2013 г., целосно ќе ја изместат стратегијата на опозицијата, која тешко би имала сила за две кампањи, собраниски и локални, во рок од шест месеци. Стравувајќи од нов пораз некои опозиционери, ако веќе нема техничка влада, повикуваат на бојкот, заради наводно непостоење на услови за фер избори, иако неколкуте последни избори беа оценети како фер и демократски. Но предвремени собраниски избори најверојатно би донеле до сличен сооднос на партиите во Собранието, со иста Влада која би добила само една година плус мандат, а изборите нема да ги решат постојните разлики околу одредени прашања.
Треба да се бараат решенија, надвор од досега понудените. Можеби ДУИ, кои ја „отворија 2001 г.“, со „Слупчане“, го отвора и можното решение. ДУИ не се закани со „шума“, туку порача дека ќе бара институционално решение за предлог-законот за бранителите. Тоа е чекор кон конструктивно решавање на проблемите, бидејќи проблеми има и ќе има, прашање е нашата спремност да ги решаваме конструктивно. Така претстојната дебата за предлог законот за бранителите отвора можност за решавање на едно прашање. За тоа е прво потребно расправата за предлог законот, да престане да биде гледана како „ДУИ шоу“ и во расправата да се презентираат точни и релевантни информации, да се обезбеди разновидност, надвор од црно-белите позиции, и да се разгледаат без предрасуди сите презентирани аргументи. Мора да се свика седница на Комитет за односи меѓу заедниците чија основна задача е да разгледува прашања од односите меѓу заедниците. Комитетот мора да расправа за предлог-законот за бранителите, но и за преименувањата на училиштата во Чаир. Во врска со последново, ДУИ и посебно Изет Меџити, градоначалникот на Чаир, мора да обезбедат спроведување на законот, а решение за именувањето на училиштата во Чаир да се бара низ дијалог. Мора да се спречи ризикот најавеното симнување на таблите на училиштата во Чаир биде несакана реприза на симнувањето на знамињата во Гостивар 1997 г.
Политичарите имаат одговорност на конструктивно решавање на проблемите и обезбедување на политичка стабилност, посебно во контекст на период засилени напори за решавање на спорот со името, косовско-српските разговори и секако економската криза.