Звук на сирена, луѓе, некои со вистински ентузијазам, кои застануваат за едноминутен молк, државни, воени и други делегации кои полагаат цвеќе во мавзолејот и на спомениците низ сите градови во целата земја. Не, не станува за збор за 4 мај и за Тито. Сирените се огласуваат во 9.05 часот секој 10 ноември, како и оваа година, за Мустафа Кемал Ататурк. Ниту еден лидер во светот не би бил комемориран на таков начин 74 години по својата смрт. И не само во Турција, туку и на други страни. И кај нас во Македонија најмалку три училишта го носат неговото име.
Ататурк е херој на Турската војна за независност, благодарејќи на кого од пепелта на колабираната империја се основала Републиката, реформатор кој ставил крај на шеријатот и воспоставил западно-ориентиран секуларен систем и релативно модерна економија. Ататурк го запрел напредувањето на странските војски и ги повратил градовите како Измир (Смирна) и други градови. Меѓу нив и Газиантеп (Антеп), сега познат како градот на баклавите од популарната турска серија „Зет домазет“ – во која е проткаено огромното значење на татковинската војна за Турците.
За други луѓе постои и друг Ататурк – човек, демократ, хуманист, љубител на алкохол и љубовта, политичар кој сака Турција да ја направи нераздвоен дел од Европа, лидер кој не е религиозен, кој смета дека религијата е прашање на однос меѓу индивидуата и Бог. Но, и лидер кој го поттикнува преводот на Куранот на турски јазик бидејќи сакал „да се изучува религијата на турски за Турците, кои со векови го практикувале исламот без разбирање“.
Сепак предимензионираните церемонии, репродуцирани од војската, посебно по воениот удар во 1980 г., за многумина се најконтроверзните симболи на Кемализмот. Кога и да се спомене, тој потсетува на војска: портрет со строг лик на војник и воена дисциплина. Кемалистите сакаат да го заштитат кемализмот на авторитарен начин. Тие се националисти, стриктниот секуларизам е за нив највисок принцип, не постои простор за други мислења. Најголема штета нанесена на Ататурк е таа од Кемалистите.
Всушност негова демистификација и запознавањето со Ататурк – човекот, овозможува Партијата за правда и развој (АК-партијата), која со доаѓањето на власт, го намалува протоколарното ниво на Денот на Ататурк, како и на 29 октомври, Денот на Републиката. Оваа година, главна „кромид-вест“ е дека аеродромот во Анкара бил пребукиран на 10 ноември, алудирајќи на голем број високи функционери на владејачката АК-партија кои го напуштиле градот за да ги избегнат официјалните церемонии за Денот на Ататурк. Тука вклучувајќи го и премиерот Реџеп Таип Ердоган, кој ја продолжил посетата на Индонезија и не бил во земјата.
АК-партијата прави и други чекори за демонтирање на Кемализмот. Деновиве се најавува укинување на четири од осум „револуционерни закони“ кои се наметнати на почетокот на 1920-те. Ќе се укине „законот за шапки“ со кој се забранува фесот и се наредува на администрацијата да носи само шапки во западен стил. Ќе се укине и законот со кој се забрануваат „теќиња, турбиња и сл.“, храмови на редот Суфи (Суфизам) кои технички се забранети од 1924 г. За споредба, во Македонија таква забрана никогаш не постоела. Се укинува и забраната на почесни титули како „ефенди, бег, паша, ага, хаџи и др.“ кои потекнуваат од Отоманската култура. И на крај ќе се укине забраната на „одредени правила на облекување“ со кои е забрането на имамите, поповите и рабините, да ги носат своите религиозни обележја надвор од храмовите.
Ваквите чекори за демонтирање на Кемализмот, долгогодишната државна идеологија на Турција, се поддржани и надвор од АК-партијата. Од едноставни причини: сите тие декрети се антидемократски и нелиберални. Кемализмот, како самоповикана еманципација, е далеку од авторитарноста на некои други режими, но луѓе се егзекутирани зошто ја критикувале забраната на носење фес. Иако Кемалистите ги бранат наведените декрети, дека целта им била „да го ослободат општеството од традиција и догма“, самиот Кемализам се претвора во догма. Многумина во Турција сметаат дека е важно да се укинат наведените закони, за да се демонополизира Кемализмот и да се редефинира како уште една, покрај другите, валидна политичка идеја, како што треба да биде во една демократска земја.
И додека религиозните го добиваат своето право и простор, покрај секуларистите, многу потешко се расправа за друг елемент на Кемализмот- ултранационализмот. Ататурк стремејќи се кон западниот модел на држава-нација, воспоставува ултранационализам, како основа за етничка и верска хомогенизација. Последица на тоа се: размената според едни, протерувањето според други, на 1,5 милиони Грци и христијани; турско-ерменските судири, според едните или Ерменскиот геноцид со 600.000 до 1.500.000 жртви според другите; конфискација на имоти на христијанската и еврејската заедница; признаен статус на малцинства само на Грците, Ерменците и Евреите. Тоа е и позадината на децениските бунтови на Курдите и околу 45.000 жртви досега. Но и во ова подрачје клучните проблеми се од интерпретацијата на Кемализмот и Уставот од 1981 г., донесен за време на воената власт, со кој имплицитно и експлицитно се утврдува етничката турска дефиниција на нацијата и се забранува образование на кој било друг јазик, освен турски.
АК-партијата, направи голем чекор минатата година, кога одлучи да врати назад делови од конфискуваниот имот на Православната црква, Ерменската црква, како и Еврејската заедница. Сега Турција е во процес на редефинирање на Уставот. Уставната комисија на турскиот парламент, ги усогласува ставовите на сите партии и чекор по чекор постигнува заеднички решенија и на прашања како уставна забрана на присилен брак и брак во рани години, или пак заштита на жените од домашно насилство, значајни проблеми во Турција. Но комисијата е далеку од согласност во делот за „Фундаментални права и слободи“. Најдобро се видливи разликите во дефинирањето на граѓанството: АК-партијата предлага „неутрално граѓанство“, кемалистичката и левичарска Републиканска народна партија (ЦХП) „турско граѓанство“, крајно десната Партија на националистичко движење (МХП) „граѓанство со турска дефиниција“, а левичарската прокурдска Партија за мир и демократија (БДП) бара „уставно граѓанство“. Партијата за мир и демократија бара и воведување мајчин јазик во образовниот систем.
Турција не треба да го замени Кемализмот со друга авторитарна официјална идеологија, како исламизмот, туку со плурална Турција, во која постојат повеќе различности и ниту една не е репресирана со закон. Турција во која сите – и религиозните, и следбениците на Ататурк и Курдите и другите заедници, ќе живеат заедно. Споредбата со Кемализмот и градење на плурална Турција е неопходна, но за тоа во следна прилика.
Прашање е колку демонтирањето на Кемализмот ќе води кон плурална и секуларна „западнолика“ Турција, а колку кон похаотична и понагласено исламистичка „источнолика“ Турција, распната меѓу два света. Тоа е процес што треба мудро да се води. Војската во Турција е симбол на ред, чувар на „црвените линии“ на секуларноста и точно е замена за авторитетот на Ататурк. Тоа им пречи на антикемалистите, ама ги држи во „дисциплина“ сите останати. Прашањето е како ќе се снајдат (ослободени од авторитет или во потрага по кој нов авторитет) луѓето што се задоени да имаат авторитет. Притоа, треба да се знае дека Турција не е Истанбул, а Истанбул никогаш нема да биде Турција.