Очајни домаќинки!

СДСМ ја објави својата шеста бомба, а јас го пишувам својот четврт коментар посветен на „бомбите“. Во декември минатата година започнав со „Каков бомбаш, таква бомба“, со анализа кои информации може да ја дестабилизираат власта, потоа во февруари на двапати во „Укажувач или соработник на странски служби?“ и во „No more secrets!?“ пишував на наративите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, за растечката поларизација и потребата од чекори за деескалација.

По шестата бомба стануваат појасни работите и можат да се проценуваат наративите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Во основа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се фокусираат на тоа што перципираат дека е силна страна на нивниот наратив: СДСМ на содржината на прислушуваните разговори, ВМРО-ДПМНЕ на начинот на стекнување на истите. Има знаци дека и двата наративи не се најверодостојни во однос на дел од првичните тврдења.

ochajni-domakinkiИнформации објавени од СДСМ, или доставени на прислушуваните новинари може да помогнат да се проценат одредени работи. Прво за опфатот на прислушувањето. Јасно е дека бројката презентирана од СДСМ за над 20.000 илјади прислушувани е преценета. Досега објавените разговори се од неколку министри, најверојатно има стотина прислушувани новинари, како и фактот дека разговорите се аналитички обработувани говори во прилог дека бројката на прислушувани е далеку помала. Второ јасно е дека покрај филтерот што да се објави од страна на Зоран Заев, имало и претходен филтер. Доколку Зоран Заев има 1.500 разговори од Ставрески од неколку години, тоа е веројатно обем на разговори по телефон што Ставрески го прави за еден до два месеци. Значи некој од неколкугодишно прислушување избрал кои разговори ќе му ги предаде на Заев. Од друга страна прислушувањето на новинари, тематското прислушување (разговори поврзани со 24 декември), како и аналитичката обработка на прислушуваните разговори укажува на потпис на владината Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК). Сè потешко ќе биде ВМРО-ДПМНЕ и власта да ја убеди јавноста во наративот за странска разузнавачка служба, доколку не се објават убедливи докази. Да, еден од обвинетите се спогодил со обвинителството и го признал делото, но еден човек не може да сработи анализа на стотина прислушувани новинари, за тоа е потребен поголема мрежа на аналитичари.

Колку ќе расне убеденоста на јавноста дека изворот на прислушувањето е УБК, толку ќе натежнува мислењето дека Зоран Заев е укажувач, а не е соработник на странски служби и јавноста ќе се сосредоточува на содржината на објавените разговори.

А објавените разговори, надвор од спознавањето на нивото на одмаздата, нивото на комуникација, досега се оговарања, сапуници! Со тоа Заев и СДСМ, си прават противуслуга, бидејќи ја „вакцинираат“, ја десензибилизираат јавноста, ја отапуваат јавноста, која го губи интересот за темата. Тоа станува видливо по опаѓањето на прегледите на објавените прислушувани разговори, со исклучок на тие на министрите Ставрески и Јанкуловска, кои ја стекнаа популарноста на „Очајни домаќинки“! Зоран Заев има многу малку време, веројатно овој месец, да објави снимки со директен криминал.

Тоа не значи дека досега Зоран Заев е неуспешен! Зоран Заев делумно ја постигнува целта, не само со тоа што го привлече вниманието на јавноста.

Прво, сè поблиску е во убедување на јавноста за одговорноста на УБК. Во наративот на СДСМ одговорноста е за незаконско прислушување од страна на владината УБК. Во наративот на власта дека станува збор за заговор од групата на Верушевски внатре во УБК, одговорноста е за неуспехот на контраразузнавањето кое со години не нè заштитило од прислушување.

Второ, Зоран Заев начна еден од столбовите или митовите на кои се заснова ВМРО-ДПМНЕ на Груевски, а тоа е единството, монолитноста. Сапуници или очајни домаќинки, објавените прислушувани разговори укажуваат на неединство внатре во ВМРО-ДПМНЕ. Девет години ВМРО-ДПМНЕ успешно спречуваше домашните караници да не стигнат до јавноста. Сега тоа ѝ стана достапно на јавноста. Уште повеќе, јавноста дозна дека во ВМРО-ДПМНЕ има заткулисни или дворски игри. Дворските игри беа типични за СДСМ, и најверојатно беа значајна причина за нивниот неуспех.

И трето, колку да оговарањата не носат директни докази за незаконски дејства, Ставрески и Јанкуловска во значајна мерка делегитимизираат владини политики пред се „Скопје 2014“ и јавните финансии, нешто што повеќе години е во фокусот на критиката на СДСМ. Сега критиките на СДСМ, за трошењето за „Скопје 2014“ и за јавните финансии добија во веродостојност!

Претходно коментирав за мерките потребни за деескалација, за намалување на поларизацијата, како на пример избегнување на говор на омразата. Се чини дека станува неопходно власта да направи прв чекор со согледување на одговорноста за прислушувањето. И во наративот на СДСМ за незаконско прислушување, и во наративот на ВМРО-ДПМНЕ за заговор на Верушевски, одговорна е УБК. Тоа мора да резултира во оставки и разрешувања сега. Понатамошната разврска може да утврдува можна кривична одговорност, одговорноста за несоодветно вршење на функцијата постои и сега.

Политичка разврска, во смисла на избори, не е доволна. Прислушувањето мора да има судска и/или истражна разврска. За да ја дознаеме вистината. Доколку СДСМ не верува на правосудството, ја отфрла идејата на ЕУ за анкетна комисија, тогаш нека предложи истражна постапка којa би билa прифатливa за нив.

Натамошното инатење на двете страни ќе нè чини многу сите!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.