Блескава власт и багра народ (2)

Во моментот кога почнаа да се заговараат избори во полн капацитет се активира клиентелистичкиот карактер на македонската политика: Владата почна да корумпира гласачи, а МВР престана да казнува

Минатата недела кога започнав да пишувам за „Блескава власт и багра народ“, односно за перцепцијата за неуспешноста во справувањето со короната и напорите за лоцирање на вината во некој друг или колективизација на вината во „багра народ“, не очекував дека само за една недела ќе стане многу јасно дека најголемата вина е во партизацијата на корона-одговорот. Тогаш завршив со прашањата што треба да бидат коментирани. Дали „блескавата власт“ е блескава? Дали имаше грешки во јавно-здравствените и економските политики? Доколку, според мојата оцена, јавно-здравствените политики беа релативно успешни, а владиниот економски тим е недораснат, каде е вината? Таа е, секако, на повеќе места, ама главната вина не е ниту во литиите, ниту во оџите, ниту во првомајските скари, најголемата вина е во партизацијата на корона-одговорот!
Дали имаше грешки во јавно-здравствените политики и мерки? Секако да, и тоа најмалку три: почетното потценување; Струга и Куманово; и фокусот на мерките на полицискиот час.

Почетното потценување најдобро се илустрира со постапките во периодот 24-27 февруари. На 24 февруари министерот Венко Филипче изјави дека за следење на можните случаи ќе се користат болниците во Штип, како и тие во Велес и во Гостивар. Дали тие болници беа подготвени? Болницата во Штип во март набавува скафандери, а во април шест здравствени работници се позитивни на корона. Болницата во Велес се прочу по првиот смртен случај од корона во Велес што не бил примен во болница. А болницата во Гостивар никогаш не беше ставена во употреба. Главниот товар во справувањето со ковид-19 го презедоа Клиниката за инфективни болести и болницата „8 септември“ во Скопје, како и болниците во Битола, Штип, Велес, Прилеп и во Охрид. Уште една илустрација, кога се појави првиот случај, Караџовски од Комисијата за заразни болести изјавуваше дека ковид-19 е како грип, само предизвикан од друг вирус. Во еден портал таа изјава беше комбинирана со изјава дека грипот е поопасен од ковид-19 и дека од грип умираат 60 пати повеќе луѓе.

И тука беше колебањето за откажување на екскурзиите, особено на осмомартовските.
Струга и Куманово се два примери за несоодветни постапки. Во Струга на 13 март станува јасно дека постојат контакти на Лабуништа и други места со Дебар. На 14 март се одржува состанок на полицијата со локалните лидери. А првиот тест е на 26 март, речиси две недели по епидемиолошките податоци. Оправдувањето е дека таков бил алгоритамот за тестирање. Деновиве сме сведоци дека за државни функционери не важи алгоритамот. Зошто го издвојувам Лабуништа? Затоа што Лабуништа е нашето Бергамо и има 16 починати од ковид-19, што на шесте илјади жители е смртност од 266 лица на 100.000 жители, неколкупати повисока од смртноста во земјата.

Простор за одговорност? Ако во Струга првиот случај беше идентификуван еден ден пред да почине, во Куманово првиот случај се утврди посмртно, тогаш, на 22 март, беа дадени уверувања дека во болницата во Куманово се постапувало по сите протоколи, за веќе на 12 април позитивни на корона да бидат 40 здравствени работници во истата болница, што го демантира постапувањето по протоколи.
Има повеќе такви примери, но последен пример е фокусот на полицискиот час. Македонија го следеше примерот на повеќе земји во регионот и фокусот го стави на полицискиот час. Во повеќето земји во Европа немаше полициски час, ама имаше рестрикции на многу други места од затворени бизниси, сите неесенцијални продавници или фризерници, до затворени паркови. Или, најважното, имаше рестрикции во меѓуградскиот транспорт и јавниот градски транспорт, нешто што кај нас никогаш не се направи.

Зошто тогаш јавно-здравствените политики беа релативно успешни? Затоа што министерот Венко Филипче и јавното здравство учеа од грешките и се поправаа и по врвот на активни случаи во средината на април, земјата влезе во период на намалување. И поддршката од Наќе Чулев и полицијата, особено во контрола на спроведување на мерките како самоизолација и полициски час, беше значајна.
И тогаш, почнаа грешките, и тие не се ниту во лажичињата, ниту во литиите, ниту во првомајските скари, ниту во оџите, туку најголемата вина е во партизацијата на корона-одговорот. Првиот знак беше случајот на Куманово. На 14 април Максим Димитриевски, градоначалникот на Куманово, побара 14-дневен карантин за Куманово по примерот на Дебар, а веднаш беше одбиен од премиерот Спасовски, со кого имаат познати партиски недоразбирања, поради неприменливост.

Е сега, додека карантинот за Куманово беше неприменлив, деновиве станува актуелен за Скопје, Штип и за Тетово. Но вистинскиот крах на јавно-здравствените политики започнува кон крајот на април, кога СДСМ започнува да размислува и да заговара брзи избори. Веќе на 8 мај, Кондарко, член на ДИК (!), изјави дека се можни избори на 7 јуни. Оттогаш датумот се поместува на 14 јуни, па 21 јуни, па 5 јули итн. и секогаш е само тогаш и на ниеден друг датум. Во моментот кога почнаа да се заговараат избори во полн капацитет се активира клиентелистичкиот карактер на македонската политика: Владата почна да корумпира гласачи, а МВР престана да казнува. Има многу примери, од кои најилустративен е прекинот на полицискиот час за Рамазан-бајрам, прва позначајна одлука на Владата спротивна од заклучоците на Комисијата за заразни болести, а по ултиматумот на ИВЗ за тоа како ќе се постави за изборите.

Сега е повеќе од јасно дека сегашниот раст на заразени е од тој период, а ќе се продолжи со нови кластери од партиските штабови и изборни настани.
Доколку на почетокот на короната една од најдобрите одлуки беше одложување на изборите на 12 април, што доведе до натпартиски одговор на кризата, сега мора да престане изборниот фокус и веднаш да се рефокусираме на короната. Деновиве постои ризик за продор на вирусот во домовите за возрасни, кои успешно ги заштитивме три месеци, а тоа ќе води во катастрофа! Да не го дозволиме тоа, избори СТОП!

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Covid-19 #Ковид-19 #SARS-CoV-2 #coronavirus #Избори2020 #ИзбориСТОП

The post Блескава власт и багра народ (2) appeared first on Нова Македонија.