Загрижени незагрижени за корона

Скоро еден од двајца граѓани, кои не се загрижени лично за себе и за ширење на вирусот на други луѓе, се поврзани со граѓаните што не веруваат дека постои вирусот или веруваат во конспирациски теории

Еден од десет граѓани во Македонија смета дека не постои коронавирус, а еден од дваесет верува дека коронавирусот е поврзан со телекомуникациската мрежа5Г. Тоа беа сензационалистички откритија на деновиве објавеното истражување на јавното мислење, на МЦМС и на „М проспект“, за ковид-19, или корона-вирусот. Надвор од ваквите откритија, тоа истражување е веројатно најголемото истражување досега кај нас, кое опфаќа прашања како препознавање на коронавирусот, загриженоста, информирањето, ефектите врз економијата, образованието, личната и семејната состојба и начинот на живот.

Додека некои граѓани не веруваат дека постои вирусот, скоро половината веруваат дека е намерно или ненамерно создаден во лабораториски услови, а само еден од пет граѓани верува дека вирусот е природно настанат. Тука постојат и демографски разлики и етничките Македонци повеќе веруваат во лабораториската теза, додека дури секој четврти (25 проценти) етнички Албанец не верува дека постои вирусот.
Разликите во ставовите за потеклото на вирусот не значат дека граѓаните не се загрижени, напротив постои голема загриженост кај граѓаните (71 отсто) од моменталната состојба предизвикана од ковид-19. Демографски гледано, жените се позагрижени (81 отсто) од мажите (62 отсто), а етничките Македонци (75 отсто) од етничките Албанци (56 отсто). Разликата во загриженоста е поврзана со ставот дека вирусот не постои. И додека има голема загриженост за состојбата (71 отсто) и малку помала загриженост дека лично ќе се заразат (60 отсто), само еден од двајца граѓани или само половина (49 отсто) се загрижени дека можат да го шират вирусот без да знаат. И покрај вообичаените стереотипи дека младите се тие што не се загрижени, истражувањето оди во прилог дека младите се загрижени колку и другите возрасни групи.

Скоро еден од двајца граѓани, кои не се загрижени лично за себе и за ширење на вирусот на други луѓе, се поврзани со граѓаните што не веруваат дека постои вирусот или веруваат во конспирациски теории. Како меѓу етничките Албанци секој четврти не верува дека постои коронавирусот, загриженоста за себе и за ширење е помала во таа заедница. Ова е од големо јавно здравствено значење, и вакво истражување требало да биде направено од главниот кризен штаб, за да бидат скроени информативните кампањи. Тезите дека коронавирусот во Тетово се шири поради динамичноста, а во Чаир поради густината на населеноста, доколку не се поврзе со негирањето на постоењето на вирусот, нема да доведе до соодветна акција и ќе опстои јавниот здравствен ризик.

Застапеноста на конспиративните теории или негација на постоењето, не значи дека народот е багра и дека тој е одговорен за неконтролирањето на заразата. Изворот на конспиративни теории не е кај нас ниту ние сме главниот поддржувач, а исто е и со негирачите на постоењето. Конспиратори и негирачи има насекаде во светот. Покрај 5Г-поборниците, тука се и „антиваксерите“ и поборниците „уапсете го Бил Гејт“, кои сметаат дека заканата од вирусот е преувеличена за да мора населението да биде вакцинирано. Постоењето на такви групи не го прави народот багра. Одговорноста е во власта, бидејќи власта не може да се вади на „ниту се тера, ниту се води“, до нивната (не)способност е да изградат пристап како ќе се справиме со конспиративните теории и негациите на постоењето и на сериозноста.

Граѓаните веруваат дека излезот од економската криза нема да биде лесен, го сметаат угостителството како најпогоден сектор, а мерките на Владата ги оценуваат со 2,7 (на скала 1 до 5) или 40 проценти ги оцениле со ниски оцени. Големо мнозинство граѓани (77 отсто) се за отворање на економијата, но тоа не е проследено со толку висока подготвеност за враќање на работното место – 35 проценти одговориле дека би се чувствувале комфорно да се вратот веднаш.

Отворањето на економијата мора да биде проследено со зголемен капацитет на брзо следење на контактите, но граѓаните не се подготвени да учествуваат во тоа со користење на апликацијата „СтопКорона“ – повеќе од половина од граѓаните (55 отсто) не се подготвени да ја користат апликацијата, за разлика од 21 процент, кои се целосно или донекаде подготвени за тоа. Властите и тука мора да бараат одговор, како да се отвори економијата, а да се контролира заразата со брзо следење на контактите. Во повеќе земји тоа е со радикални парични и затворски казни.

Една од критичните информации е и дека мнозинство граѓани (65 отсто) не се согласуваат дека образовните институции треба да започнат со спроведување часови во училиштата, ниту треба да се отворат градинките (57 отсто) барем за децата на клучните работници (здравствени работници, полиција). Со ваквите перцепции ќе се соочиме со повеќе предизвици. Како што ќе расте заразата меѓу здравствените работници секој ќе биде потребен и не ќе може да си дозволиме здравствени работници да чуваат деца дома. И секако тешко дека ќе може да си допуштиме нова учебна година во која нема да име часови во училиштата или многу сериозен систем за учење од дома. Тоа уште потрагично ќе се одрази на образованието на генерациите што сега се во образовниот систем.

Ова е само дел од сознанијата од истражувањето, но веќе е сериозна листа на предизвици за власта.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк
@sklek #Covid19 #Ковид19 #coronavirus

The post Загрижени незагрижени за корона appeared first on Нова Македонија.