Короната го соголи гнилиот клиентелизам на кој е заснован политичкиот систем во Македонија. Станува сѐ појасно дека короната неочекувано го забрза распадот на патрон-клиентелистичкиот систем и жестоката криза ги исцрпува можностите за задолжување за финансирање на неспособниот клиентелизам! Или го забрза грчкото сценарио во Македонија!
Додека јавноста е шокирана од невидениот дилетантизам на националните институции за образование како министерството или Бирото за развој на образованието до таа мера што приватниот сектор преку МАСИТ – Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии се мобилизира за спас на образованието во корона-услови, власта ни продава приказни за „начела и принципи“ и „чесни и способни кадри“. И малку зачинети со етнички зачини за подигање на меѓуетничката температура. Ако е договорот таков како што се кажува, зошто тогаш комуникацијата од ДУИ е за „три министри за надворешни работи Албанци“? За компензација на изгубениот премиер Албанец. Кого интересира дали министерот е на СДСМ или на ДУИ, дали е христијанин или муслиман, етнички Македонец или Албанец, доколку министрите имаат принципи, се чесни и способни?
Село гори, баба се чешла или Македонија гори во здравствена и економска криза, во колапс на образованието, а власта (СДСМ, ДУИ) ветува принципи, чесност и способност! Да, добро е оти што поскоро ќе се формира влада, бидејќи очајно многу ни е потребно со другите кризи, здравствената, економската и образовната, да немам и политичка криза! Но не ни е потребно ветување за идни принципи, чесност и способност, тоа е потребно сега веднаш! Короната го соголи гнилиот клиентелизам на кој е заснован политичкиот систем во Македонија. Станува сѐ појасно дека короната неочекувано го забрза распадот на патрон-клиентелистичкиот систем и жестоката криза ги исцрпува можностите за задолжување за финансирање на неспособниот клиентелизам! Или го забрза грчкото сценарио во Македонија!
Македонија го удвои задолжувањето, генерално за непродуктивни работи, а не за капитални инвестиции на пример во енергетиката, но понатамошно задолжување е неизвесно поради глобалната рецесија. За распадот на патрон-клиентелистичкиот систем повеќе во следна пригода.
Нема место за песимизам, уште помалку паника, уверуваат експерти, бидејќи Македонија има проектиран годишен пад на БДП само од 3,5 до 4 проценти според разни релевантни извори! Од друга страна, како е тоа можно кога ЕУ прогнозира пад од 7,1 проценти, падот во второто тромесечје е 12 проценти, најголем пад од 1995 г. откако се водат статистиките. Во Германија падот е над 10 проценти, скоро двојно повисок од кризата во 2009 година и највисок од 70-тите години на минатиот век. Состојбата е полоша отколку што се прогнозите од две причини: базирани се на пооптимистички модели и сивата економија.
Пооптимистичките модели значат дека е планирана брза обнова, која ќе почне на крајот на второто тромесечје, што не е случај. Поважната причина е сивата економија, која според различни извори е 24 до 35 проценти од БДП. Тоа е една третина економија, која не е прикажана во статистиките и сивата економија е главен бафер на ударот на кризата. Статистиките за невработеност бавно реагираат бидејќи први на удар на губење на работа се работниците на дневници и договор на дело, кои секако се водат како невработени. Македонија изгуби илјадници ако не и десет илјади, релативно добро платени сезонски работници во туристички земји како Малта, Хрватска, Црна Гора, бродовите и авиокомпаниите. Стотици млади се враќаа со денови од бродовите, кои веќе не пловат.
Зошто нема протести ако е толку лошо? Верувам од две причини. Првата, Македонецот никогаш не очекувал ништо од државата. Втората, научил да опстане и со многу малку.
Но протести ќе има, многу набргу за десетина дена и ќе започнат со протести на лозарите. За десетина дена ќе почне бербата на винското грозје и лозарите ќе се соочат и со ниски цени и откуп ограничени во количества. Веќе објавените цени ќе се движат од 7 и 9 денари за смедеревка и вранец, а минатата година лозарите протестираа на цена од 12 денари, барајќи цени од 16 денари нагоре. Покрај цените што ќе бидат пониски, поголем проблем ќе биде дека винарниците нема да ги откупат сите количества. Зошто е тоа така? Поради короната е затворена или ограничена работата на угостителството, а каналот ХоРеКа е важен дел од продажбата на вино. Паѓа продажбата и во маркетите особено на премиум-вината, поради економската несигурност. И тоа се случува и дома и во странство.
Големите извозници како Франција, Шпанија и Италија прават дополнителен притисок на цените. Како резултат на сето тоа паѓа продажбата и во количества и во цени, а во винарниците се големи резервите на старо вино. Во таква состојба е очекувано да се намалат и цените и количествата за откуп на грозје. За потсетување, од лозарство остваруваат приходи околу 30.000 индивидуални земјоделски стопанства, како и 12.000 сезонски работници и повеќе од 2.500 вработени во 74 регистрирани домашни винарски визби, а извозните ефекти од виното се 50 милиони долари.
Лозарството и винарството се пример за отсуство на државата. Намалената продажба на вино, во количества и цени, и резервите може да се решат само со соработка на сите чинители и државна интервенција. Една мерка во износ од 1,5 милион евра државна субвенција за правење алкохол од старо вино е предвидена со третиот пакет корона-мерки. Но тоа е премалку и, веројатно, ќе се примени предоцна. А можните мерки се предложени од „Вина од Македонија“ пред неколку месеци.
Затоа, доста од празни фрази и тавтологии, фатете се за работа!
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Ковид-19 #TooManyToFail
The post Село гори, баба се чешла! appeared first on Нова Македонија.