Огромен успех, но кога се доближи агендата кон редистрибуција на моќ и ресурси, започнаа блокадите и одложувањата до конечен заборав на една од најголемите граѓански иницијативи во историјата на Македонија
Годинава што полека изминува, на глобално ниво изминува во сенка на пандемијата на ковид-19, а локално кај нас тука е и добрососедството, овој пат со Бугарија во главната улога на блокатор. И така некако во сенка на ковид-19 и на спорот со Бугарија, ја запоставивме сегашноста, запоставивме многу прашања, а најмногу ги запоставивме прашањата што и во нормални времиња се запоставени. Едно од прашањата што изгледа како изгубено во агендата е положбата на лицата со посебни потреби и барем на 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, треба да се потсетиме за потребите и предизвиците и зошто многумина имаат чувство дека се изгубени во агендата.
Како вовед во темата накратко за дискриминацијата и социјалната дистанца или растојание, или социјална близина поставено во позитивна смисла. И, да, терминот социјална дистанца е земен за заложник од ковид-19 како несоодветна замена за физичка дистанца, а смислата во која тука е употребен е социолошки или повеќе дисциплинарен концепт за блискост или чувство на блискост на индивидуи или групи. Блискоста или не може да биде детерминирана од афект, стереотипи, норми, култура, интерактивност итн. Често го споредувам како бар-кодови каде што линиите ги сочинуваат разни белези како пол/род, боја/раса, хендикеп, религија, етничка припадност, политичка, социјален статус, образование, сексуална ориентација итн.
Колку повеќе белези или црти во бар-кодот се препознаваат како блиски, колку поголема ќе биде социјалната близина, односно помала ќе биде социјалната дистанца. Тоа се мери со скалата на социјално растојание на Богард, каде што се мери прифатливоста на одредени индивидуи и групи во земјата, соседството, работното место и во најблискиот круг на семејството.
Многумина сметаат дека луѓето со видливите белези како пол/род, боја/раса и хендикеп страдаат од потешки форми на дискриминација, бидејќи нивниот белег е видлив и не е можна социјална мимикрија. И тоа е точно, доволно е да го видите концептот на институционализација, што е можно подалеку од сите на пример домот во Демир Капија. Некои сметаат дека овие прашања се изгубени во агендата и поради тоа што правата на жените или на лицата со хендикеп не се „ин“, и се запоставени поради тоа што либералите ги наметнуваат ЛБГТ-правата како тренд и „ин“. Можеби е така, но можеби има и друг поглед на работите.
Можеби лицата со посебни потреби се изгубени во агендата поради впечатокот на успех? Правата и движењата на лицата со хендикеп, како и правата и движењата на жените се највкоренети во Македонија и нивните почетоци се во социјалистичкиот период. Пред две години во „NIMBY – Not In My Back Yard“, а поврзано со противењето на згрижување деца со попреченост во мал групен дом во неготинското село Тимјаник, пишував за истражувањата на гореспоменатата социјална дистанца или близина. Гледано низ таа призма, лицата со хендикеп се прифатени од други групи, околу 72 проценти би сакале да имаат соседи – лица со попреченост, слично на прифатеноста на друга верска или етничка припадност, и многу поприфатени од хомосексуалци – 78 проценти не сакаат такви соседи. Слична е и прифатливоста на центри за лица со хендикеп што се прифатливи за мнозинството (58 проценти).
Но баш споменатиот случај со Тимјаник бара да се погледне другата страна на успехот. Пронајдов мој говор на седница на лоби-групата за хендикеп во парламентот (ИППЛГ) организирана од „Полио плус“, подоцна објавен како напис „Рамковен за лицата со хендикеп“, од далечната 2006 година. Заговарам рамковен за хендикеп со намера за интеграција на лицата со посебни, а поврзано со системски закон за лицата со посебни потреби. Тоа е првиот закон со граѓанска иницијатива со собрани 19.000 потписи и одобрен во прво читање со акламација во парламентот. Огромен успех, но кога се доближи агендата кон редистрибуција на моќ и ресурси, започнаа блокадите и одложувањата до конечен заборав на една од најголемите граѓански иницијативи во историјата на Македонија. Поддржувам деинституционализација, а до Тимјаник поминаа цели дванаесет години.
Успеси има во интеграцијата во образованието, вработувањата, помалку во политичката партиципација. Успеси доволни дел од граѓанското општество да перципира успех и да се помести кон нови проблеми и предизвици. А за лицата со посебни потреби, најверојатно, далеку од доволни и за тие успеси беа потребни децении борба.
Дури ние разговараме за права од минатиот век, светот се поместува на нови права и можности. Затоа покрај нашата преокупираност со многу проблеми и предизвици, не смееме лицата со посебни потреби да ги изгубиме во агендата.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek
The post Изгубени во агендата appeared first on Нова Македонија.