Оспорени граници

Не сакам да влетам во замката на плукање и осудување на ставовите на Љубчо Георгиевски од две причини. Го почитувам Љубчо Георгиевски како еден од катализаторите, поттикнувачи на независна Македонија и сметам дека „сите прашања заслужуваат одговори“, наспроти состојбата на умот каде што „некои прашања не заслужуваат одговори“

„Оспорени граници“, не е анализа за бугарско-македонските односи, туку наслов на студија за Норвешка и за Шведска, до која ќе стигнам малку подолу. Поттикнат од предлогот на Љубчо Георгиевски за негов патоказ за решавање на бугарско-македонските разлики, повторно се осврнувам на темата, но имав дилема како. Прво, не сакам да влетам во замката на плукање и осудување на ставовите на Љубчо Георгиевски од две причини. Го почитувам Љубчо Георгиевски како еден од катализаторите, поттикнувачи на независна Македонија, и покрај повеќе скандали и контроверзи што ги имаше во текот на своето владеење. И сметам дека „сите прашања заслужуваат одговори“, наспроти состојбата на умот каде што „некои прашања не заслужуваат одговори“. Второ, ниту јас ниту Љубчо Георгиевски не сме ниту историчари, ниту јазичари, јас сум аналитичар и консултант, Георгиевски е поранешен премиер и политичар. Дебатата може да биде само политичка, никако историска или јазична. Оттука пред да навлезам во конкретна дебата за конкретните предлози на Љупчо Георгиевски (малцинства, заедничка историја, потекло на јазикот, инфраструктурна и друга соработка) сакам да споделам неколку концепти што обезбедуваат рамка за понатамошна дебата.
Првиот концепт е дека нацијата и идентитетот не се генетски, крвни, вродени особини, туку се социјален конструкт, кој се формира под различни влијанија и околности. Социјалниот конструкт е историски и динамичен, базиран на верувања, вредности, претпоставки. Верувањата или митовите биле централни во секоја нација и често се поважни од фактите.

Една не балканска, туку скандинавска илустрација. Роскилде, град со педесет илјади жители, на 30 километри од Копенхаген, е централен дел од данската митологија. Роскилде е главен град на Данска меѓу 10 и 14 век, и е седиште на најстарата камена катедрала во Данска од 1275 година, во која се сместени гробниците на 39 дански кралеви, како и на Музејот на викиншкиот брод каде што се сместени пет брода откриени во 1962 година. Роскилде за многу дански патриоти е најданското место во Данска, барем таков е митот. Кои се фактите? Катедралата е изградена во готски стил од француски архитекти, а за бродовите се спори дали се викиншки или, пак, се нормански, испратени во 11 век од Норманците да направат коалиција со викинзите. А кралевите се посебна приказна. Првиот крал погребан во црквата е кралот Кристофер (1416 – 1448). Проблемот е што тој ниту е Данец, ниту бил крал на Данска. Кралот Кристофер е всушност кралот Кристофер од Баерн (Баварија), роден е во Баварија, а татко му е кралот Руперт на Германија. Ај што овој дански крал е Германец (?), туку тој немал титула крал на Данска, туку бил истовремено и крал на Шведска и крал на Норвешка во Калмарската Унија. Многумина дански кралеви носеле таква титула, а пред тоа имало и кралеви на Данска, Англија и Норвешка, како и заеднички кралства со други кралства. Тоа што кралот Кристофер е Германец, или поточно Баварец, и што ги владеел и Шведска и Норвешка, не го прави помалку дански, од други дански кралеви. Ниту може да го смени верувањето за Роскилде како најдански град.
За вториот концепт, на потребата од ревидирање на историјата ќе се вратам на горната студија за Норвешка и за Шведска, која покажува како нацијата е динамична категорија. Норвешка и Шведска, како и Данска, имале не само заедничка историја, туку и заедничко кралство – Калмарска Унија.

И имале заедничка платформа – скандинавство, силна културна и политичка сила во текот на 19 век. Студијата ги анализира музеите во Норвешка и во Шведска, во периодот 1862-1909 година. Музеите како места каде што се отелотворуваат и изведуваат националните идентитети и како места што придонесуваат за конструирање и претставување на етничката и историската посебност на нацијата. Студијата утврдила дека во периодот 1862-1909 година, музеите се менувале во тој период како одраз на промената на разбирањето „етнографија“ и „нација“, од крајот на 19 век, од оригиналниот концепт на „нација“ што значи луѓе и култура постепено подредени на концептот на „нација“, како државна и политичка територија. По распадот на заедничката држава на Норвешка и на Шведска во 1905 година, почнува процес на „национализирање“ на музеите и историјата во Норвешка и во Шведска.
Човек да се измори од овие скандинавски проблеми со историјата, а уште не сме почнале со балканските проблеми.
За третиот концепт, за јазикот, разликата меѓу јазик и дијалект не е лингвистичка туку политичка, најдобро изразено преку „Јазик е дијалект со армија и морнарица“. Сите нации, сите држави при избор на стандарден литературен јазик го избирале дијалектот од дијалектниот континуум што служел за политички цели и најчесто е најоддалечен од конкурентските дијалекти.

И четвртиот концепт како алатка за разбирање на бугарско-македонскиот конфликт е „Нарцисоидност на малите разлики“ (германски: der Narzissmus der kleinen Differenzen). На преговори во Осло, меѓу Израел и Палестина, министер од Израел му се обраќа на колега од Палестина, „знаете ли зошто толку ве мразиме? Затоа што толку многу нѐ потсетувате на нас“. Според Фројд, и во однос на блискост, има потреба и да се најдат и дури и да се пренагласат разликите, за да се зачува чувството на посебност и себство. „Нарцисоидност на малите разлики“ е теорија дека заедниците со соседни територии и блиски односи е веројатно да се впуштат во расправии и меѓусебно исмевање поради пречувствителноста кон деталите на диференцијацијата. Во 2010 година, Кристофер Хичинс, зборувајќи за етнонационални конфликти, вели дека најдлабока омраза се манифестира меѓу луѓе што – до повеќето надворешни појави – покажуваат многу малку значајни разлики. Покрај примерот за Израел и Палестина, ова теорија е практична за српско-босанско-хрватскиот, бугарско-македонскиот или турско-грчкиот конфликт.
Сметав дека овие четири концепти, или рамки, треба да се споделат пред дебатата за конкретните предлози.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #Добрососедство

The post Оспорени граници appeared first on Нова Македонија.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.