Вакцинациска трка за Македонија

Кога сопствената држава и власти не ги обезбедуваат потребите на своите граѓани, се јавува простор за вакцинациска трка за Македонија

Соочени со немоќта на властите на Македонија да обезбедат доволно вакцини против ковид-19 според очекувањата на граѓаните, се отвори простор за вакцинациска трка за Македонија.

Доколку има спорење на заклучокот дека вакцинацијата не се одвива според очекувањата на граѓаните, треба да се погледнат статистиките. Во статистиката има убав обид за спин со бројката од над 480.000 „аплицирани дози“, но кога ќе се преведе тоа значи околу 203.000 граѓани вакцинирани со две дози, и околу 75.000 граѓани вакцинирани со една доза. Тоа е околу 15 проценти од гласачкиот список на полнолетни граѓани. На другата страна 450.000 граѓани пријавени за вакцинирање, за што се потребни околу 900.000 дози вакцини, што е далеку повеќе од најавени вакцини следните неколку месеци, а земајќи предвид дека почна сезоната на одмори, ќе нема ниту капацитет за вакцинација на пријавените. Самите власти го признаваат тоа, со тоа што повторно се вратени на вакцинација лица над 60 години. Еј, по два месеца вакцинација уште популацијата над 60 години не сме ја вакцинирале. Тука треба да се расчисти со владините апологети, кои ненабавките на вакцини ги правдаа со мал интерес за вакцинирање и со некакви анкети колку Македонци не сакаат да се вакцинираат. Јасно е дека властите во Македонија не обезбедуваат доволно вакцинација според очекувањата на граѓаните.

Кога сопствената држава и власти не ги обезбедуваат потребите на своите граѓани, се јавува простор за вакцинациска трка за Македонија. Вакцинациските трки или вакцинациска дипломатија како што ја нарекуваат на глобално ниво, не е само тука, таа е глобална. На глобално ниво во основа има три блока: западниот блок („Фајзер Бионтек“, „Астра Зенека“, „Модерна“ и др.), Русија („Спутник V“) и Кина („Синофарм“, „Синовак“ и др.). ЕУ сѐ уште не ги регистрира руските и кинеските вакцини, Русија навлезе во Унгарија и во Србија со поддршка на пријателските влади, Кина обезбедува масовна вакцинација во Третиот Свет, „Фајзер Бионтек“ обезбеди ексклузивен пристап за Израел итн. Во оваа вакцинациска дипломатија некогаш се употребуваат и алатки на пропаганда и специјална војна за несаканите ефекти на вакцините, секако тие на другите, додека своите се добри, или сега за ефективноста на вакцините, повторно колку туѓите се неефективни, а своите најефективни.

Вакцинациската трка за Македонија ја отвори Србија, а кон неа се приклучија повеќето регионални и глобални сили. Од регионалните тука се Бугарија, Грција и Турција, а од глобалните се ЕУ, Русија и Кина. Видливо е отсуството на САД. Ова за тие што деновиве повикуваат на засилено партнерство со САД како надоместување на ЕУ-блокадата. Србија прва понуди вакцинација на својата територија, а предноста покрај тоа што беше прва, ја обезбеди со целосен спектар на достапни вакцини, како и кратката дистанца меѓу големите градови како Скопје и Куманово од Србија. За кумановци вакцинацијата во Врање е помалку напорна отколку за велешани во Кавадарци, сѐ додека градоначалникот Аце Коцевски не се избори за пункт во Велес. И можеби најважното, ниту на политичко ниту на локално ниво вакцинацијата во Србија не беше проследена со јавни или скриени српски барања. Една целосна отвореност и добредојденост ги освои срцата на многу Македонци. Иако самиот опфат на вакцинацијата на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија говори за одредени геополитички цели на Србија. Според некои процени, во Србија со две дози досега со вакцинирани околу 30.000 граѓани од Македонија, бројка што ќе расте како што домашната испорака ќе се намалува.

Бугарија почна да ветува помош во вакцини дури откако Србија почна на големо да вакцинира, и за нивна штета првите ветувања беа празни. Празнината таму ја дополнија бугарски фондации, кои започнаа вакцинација на Македонци во граничните подрачја. Ефектот, покрај доцнењето, е намален и поради тоа што во близината на границата со Бугарија нема големи популациски центри. И, секако, се губи во контекстот на растечката недоверба меѓу двете земји по бугарското вето во ЕУ.
За разлика од Србија и од Бугарија, кои своите земји и здравствени системи ги ставија достапни за нас, Турција и Грција се одлучија за донација на вакцини. За забележување е дека Грција се одлучи за донација, а на пример да ги отвореше границите за дојранци, гевгеличани и битолчани тоа секако ќе беше поздравено локално. ЕУ настапува главно под водство на Австрија, што е повторување на историските интереси за Балканот.

Вакцинациската трка за Македонија, на одреден начин наликува на образовната трка во Македонија 1870 – 1912 година, образовна трка за „душата, срцата, мислите и јазикот на Македонците“. Многу од актерите се истите и сега и тогаш, секако разликата сега е дека имаме наша држава Македонија. Од властите очекувам да го намалат јазот меѓу очекувањата и испораката, за да го намалат влијанието на странски актери во Македонија.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк@sklek

The post Вакцинациска трка за Македонија appeared first on Нова Македонија.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.