Не, не е Министер за смрт за Венко Филипче, министер за здравство, тој според опозициската ВМРО-ДПМНЕ е министер за зараза и смрт, туку Министер за смрт е за Никола Тодоров, министер за здравство во периодот од 2011 до 2017 година. Потсетувањето како Никола Тодоров стана министер за смрт во 2015 година, што се случуваше, кои беа чинителите, може да биде корисно во денешната расправа за одговорноста за погинатите во ковид-центарот во Тетово.
Како Никола Тодоров стана министер за смрт? Тоа е поврзано со смртта на деветгодишната Тамара Димовска, која почина од бронхопневмонија, во очекување на операција во странство. Непосредно пред смртта на Тамара, Никола Тодоров јавно ќе изјави дека Министерството за здравство и Фондот за здравство (ФЗОМ) ќе ги покријат трошоците за операцијата, иако и првостепената и второстепената комисија го имаат одбиено барањето за лекување во странство. Одобрувањето стигнува предоцна, два дена по смртта на Тамара. Целата јавност сочувствуваше со семејството на Тамара, а случајот поттикна и низа протести. Во февруари 2015 година, граѓанската платформа „Ајде“ организира протест пред Министерството за здравство носејќи бели маски и темна облека за симболично да побара одговорност за смртта на Тамара.
„Деветгодишната Тамара е последната од серијата жртви на неодговорното однесување на Министерството за здравство и Фондот за здравство“, изјавуваат од платформата „Ајде“. Неколку дена подоцна мајката на Тамара предводи марш, организиран на социјалните медиуми и поддржан од „Ајде“, на кој се бараат одговорност и оставка од Никола Тодоров, иако во тој момент оставки имаат поднесено Маја Парнаџиева Змејкова и Џемаил Мехази, првиот и вториот директор на ФЗОМ, но тоа не е доволно и се бара оставка од најодговорниот Никола Тодоров. „Хелсиншкиот комитет“ ќе поднесе кривични пријави за министерот, директорите на ФЗОМ, како и сите членови на двете здравствени комисии. Тогаш Никола Тодоров ја добива етикетата министер за смрт. Етикета што за малку ќе го чинеше живот, кога во 2017 година член на семејството на Тамара се обиде да го убие.
Тогаш, еден од главните баратели на одговорност е платформата за граѓанска политика „Ајде!“, основана на 23 декември во 2014 година од 123 граѓани и граѓанки. Прв говорник на основањето е Марјан Забрчанец, кој ќе изјави дека „Ајде“ има намера да ги поддржи граѓаните слободно да бараат подобра власт! Тогашниот граѓанин Марјан Забрчанец, кој бараше одговорност од најодговорниот, сега е национален координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата, или е главен за ПР на Владата.
Што беше расплетот? Оставки поднесоа Маја Парнаџиева Змејкова и Џемаил Мехази, првиот и вториот директор на ФЗОМ. Маја Парнаџиева Змејкова, првата директорката на ФЗОМ, давајќи ја оставката ќе рече дека не е ладен бирократ и се повлекува од човечки причини: „Револтот и гневот на пошироката јавност мене ми се сосем разбирливи. Лично се соживувам како човек и како мајка“. Никола Тодоров не поднесе оставка. Не поднесе оставка ни Аспазија Софијанова, тогашна директорка на Клиниката за педијатрија и потписничка на одлуката на второстепената комисија.
Инаку, Аспазија Софијанова е еден од најценетите педијатри во земјата и иако беше разрешена во 2017 година при промена на власта, во 2020 година повторно е избрана за директорка на Клиниката за педијатрија. Кривичните пријави на „Хелсиншкиот комитет“ не доживеаја разврска. Случајот „Тамара“ заврши со оставки од морални причини на два директора на ФЗОМ, и без друга, вклучувајќи и кривична одговорност.
Всушност, не можев да се присетам на ниту еден случај на кривична одговорност на вршител на функција, а и моралната одговорност е сведена на неколку, дали и толку примери. Покрај овој случај на двата директори на ФЗОМ, се сеќавам само на уште еден, на Антонио Пешев, министер за транспорт од 1992 до 1994 година, кој поднесе оставка од морални причини по третата авионска несреќа во 16 месеци. Не се сеќавам да имаше кривична одговорност ниту тогаш. Да, и Миле Јанакиевски, тогашниот министер за транспорт поднесе оставка за бродската несреќа во Охрид во 2009 година, во која се удавија 15 туристи од Бугарија. Поднесе оставка, но тогашниот премиер Никола Груевски не ја прифати оставката. И со тоа воспостави начело на неодговорност. Да ја прифатеше Никола Груевски оставката на Миле Јанакиевски и да поставеше високи стандарди на одговорност, во таа 2009 година, можеби сѐ ќе беше поинаку.
Но, ете, во стилот на враќање во иднината (минатото), повторно сме во ситуација како во 2009 или 2015 година. Венко Филипче, како и Илир Хасани, заменик-министерот за здравство, поднесоа оставки поради тетовската трагедија, поради морални причини. Тоа не се оставки на докторските позиции, бидејќи двајцата се меѓу најдобрите во нивното подрачје. Нивните оставки се на функциите што ги вршат, како најодговорни во институцијата во чиј делокруг се случи трагедијата. Се надевам дека министерот Венко Филипче не ги изгубил човекот и докторот Венко Филипче, и ќе ја потврди неговата оставка како неотповиклива. Илир Хасани веќе се врати во салата за операции, каде што се чини е посреќен отколку во фотелјата. Зоран Заев нека не ги чека резултатите од истрагата, тие се важни за можна кривична одговорност, но не за морална одговорност. Доколку има и малку дилема како ќе заврши ова доколку не ја прифати оставката на Венко Филипче, нека ја погледне судбината на Никола Груевски и на Миле Јанакиевски. Да, „Балкан е ова бе“, поделени на опозиција и власт, на „наши“ и „ваши“, мачо политичари, и веројатно флоскулата за европеизација дома, се заборава во моментот кога ќе влезеш во власта. Но, Марјан Забрчанец, како се стигнува од граѓанин за слобода за барање подобра власт до ПР-советник за заташкување на одговорноста!
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek
The post Министер за смрт appeared first on Нова Македонија.