Оставка? „Мало сутра!“

По добивањето на (ЕУ) датумот и примањето на пораката (од граѓаните), се надоврза давањето оставка, како непресушен извор на хумор и сатира. И отвори дебата за (не)оправданоста на оставката, (де)легитимноста на власта и за излез од политичката криза

По целовечерно исчекување на исходот од заседанието на СДСМ, остана нејасно дали СДСМ донело одлука или воопшто не одлучувало за оставката на Зоран Заев на функциите премиер и претседател на партијата, но стана јасно дека оставка ќе нема на неодредено време, или преведено на изворниот стил на премиерот: Оставка? „Мало сутра!“ Ситуацијата поттикна бран, цунами од хумор, кој би можело да пополни еден двоброј на „Остен“, и уште еднаш покажа дека Македонците најголемите тешкотии ги пребродуваат со смеа. Така, по добивањето на (ЕУ) датумот и примањето на пораката (од граѓаните), се надоврза давањето оставка, како непресушен извор на хумор и сатира. И отвори дебата за (не)оправданоста на оставката, (де)легитимноста на власта и за излез од политичката криза.
За (не)оправданоста на оставката е клучна дебатата за (де)легитимноста на власта. Може да се аргументира дека ова се локални избори, поради тоа не се поднесува оставка на национално ниво и за пример да се посочи Косово, каде што Самоопределување изгуби на локалните избори, но нивниот премиер Албин Курти не поднесе оставка ниту на премиерската ниту на лидерската позиција. Од друга страна, таквата аргументација не зема предвид дека Бранко Црвенковски и Никола Груевски се повлекоа по поразите на локалните избори во 2013 и 2017 година. Аргументи и контрааргументи за ова може да се редат. Тоа што говори во прилог на оставките е Зоран Заев и делегитимизација на власта. Никој од страна, туку лично Зоран Заев го подигна влогот на овие локални избори, уште во концептот на изборната кампања, каде што тој, а не кандидатите за градоначалници, беше централен дел. Човек да не знае дали гласаме за градоначалници или премиер! Лично Зоран Заев најавуваше убедлива победа уште во првиот круг. Лично Зоран Заев вториот круг во Скопје го претвори во референдум за него, а не избор меѓу Петре Шилегов и Данела Арсовска. Лично Зоран Заев по полноќ поднесе оставка на функцијата премиер и претседател на власта! Та дури малкумина и му поверуваа и му честитаа за политичката храброст и лидерство.

Ова е само врв на многуте други причини за делегитимизација на власта, за кои пишував претходно во „Време на избори, време на одговорност“, „Гејм оувер“ и „Умислени либерали и бугарски летоци“. Тоа се одрази на изборниот резултат на овие избори и се одрази на личниот рејтинг на Зоран Заев. Најмалку на две анкети рејтингот на Зоран Заев е преполовен во однос на неговиот врв и за првпат Христијан Мицковски е политичар со највисока доверба. И во самиот СДСМ граѓаните препознаваат интегритет и работливост во веќе второрангиран, а од СДСМ избркан, Максим Димитриевски. И да, само еден од три граѓани има доверба во Владата и само 20 проценти или само еден од пет граѓани мисли дека земјава се движи во правилна насока. Ако ова не е делегитимизација на власта, молам некој политиколог или политички аналитичар близок на власта да објасни што е делегитимизација. Ама власта имала парламентарно мнозинство и дури има парламентарно мнозинство е легитимна. Не, имањето парламентарно мнозинство не е исто со легитимитет. Да, со парламентарно мнозинство, ако го има, можеш да владееш, но тоа не дава легитимитет. Од друга страна, политички е во ред власта што го изгубила легитимитетот да го избере моментот за одржување избори кога смета дека е најповолно за неа.
Доколку Зоран Заев и СДСМ купуваат време за избори во најповолен момент за нив е едно, а ако е маневар за избегнување на одговорноста, тогаш нема да биде добро ниту за нив ниту за Македонија. И ако е купување време до декември за можен позитивен исход за деблокада и започнување преговори за ЕУ-членство, ќе има големо разочарување и тоа ќе биде премалку за враќање на довербата. А тоа, другото сценарио, е веќе видено. Веќе еднаш, не многу одамна, во 2016/2017 година, видовме како еден лидер, Никола Груевски, не прифаќајќи да се повлече, ја влечеше земјава надолу во агонија, дури ја доведе до граница на конфликт. Изговори за одложување на крајот секогаш ќе се најдат, дали во меѓуетнички односи, дали енергетска криза, дали безбедносна криза, ама крајот ќе дојде и колку подоцна толку полошо за сите. Ќе биде лошо, многу лошо ако Зоран Заев и СДСМ не извлекле поука од Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Омилена изрека, на која се придржуваше еден голем политичар и човек, Аце Коцевски, повеќекратен градоначалник на Велес, и која ја кажа на примопредавањето на власта, е дека во политиката е многу важно кога да влезеш, но уште поважно е да знаеш кога да излезеш!

Одговорот ќе го добиеме деновиве. Доколку Зоран Заев и власта си купат парламентарно мнозинство, а за купување пратеници покажаа невидени способности, и гласањето недоверба не успее, тоа ќе значи дека влегуваме во период на политичка и друга агонија. Клучот за гласање недоверба во моментот е во рацете на Алијанса за Албанците, Алтернатива и Беса. Имаат ретка можност да го предизвикаат ранетиот ДУИ, по загубата во Тетово и изгубените коалиции во Скопје и во Куманово. Доколку не се зрели за предизвикот, ДУИ ќе се одржи, а на Алтернатива ќе ѝ се случи целосна маргинализација како на ДПА и Нова демократија, ако се сеќавате кои беа тие партии.
Доколку се изгласа недоверба на Владата, сите политички чинители мора да земат предвид изборниот роковник да не ги затвори, колку и да се мали, шансите за ЕУ-деблокада, а тоа ќе значи да имаме функционална влада во декември/јануари 2021 година и во јуни/јули 2022 година. Или многу брзи избори сега, веднаш, или избори во април 2022 година, а дотогаш влада што ќе има капацитет за разговор со Бугарија и за справување со економските и енергетските предизвици. Тоа може да биде влада на ВМРО-ДПМНЕ доколку има солидно парламентарно мнозинство, или други форми како голема коалиција или експертска влада, за кои ќе се обезбеди мнозинство.

#Избори2021
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek

The post Оставка? „Мало сутра!“ appeared first on Нова Македонија.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.