Празници се ближат!

И тука се вообичаените дебати дали имаме премногу празници, дали ни се потребни, а зошто кај нас Божиќ не е во декември, дополнето сега со одлуката на Собранието да ја озакони неделата како неработен ден, повторно

Претстојниов период, покрај неизвесноста на политичката криза, сепак ќе биде означен со претстојните празници, веројатно ако не општествено најважни, сигурно најдолги. И тука се вообичаените дебати дали имаме премногу празници, дали ни се потребни, а зошто кај нас Божиќ не е во декември, дополнето сега со одлуката на Собранието да ја озакони неделата како неработен ден, повторно.
Дали имаме премногу празници кај нас се гледа во зависност од сопствените, лични позиции, често и идеолошки и политички уверувања или, пак, верска припадност. Затоа што како празник се доживува само тој што е вткаен во сопствената култура. Така може да се слушне од левицата дека имаме премногу празници и тука мислат на верските празници, но истите тие би сакале Нова година и Денот на трудот да се слават со два неработни дена, како во минатите времиња. На муслиманите им изгледаат бесмислено многуте христијански празници и обратно. Но колку празници имаме и дали се многу или малку? Во земјава имаме државни и верски празници, кои се одбележуваат со неработен ден за сите граѓани: Нова година на 1 јануари, Божиќ на 7 јануари, Денот на трудот на 1 мај, Велигден втор ден, Рамазан-бајрам прв ден, „Св. Кирил и Методиј“ на 24 мај, Денот на републиката на 2 август, Денот на независноста на 8 септември, Денот на востанието на 11 октомври, Денот на македонската борба на 23 октомври, „Св. Климент Охридски“ на 8 декември. Или вкупно 11 дена. Уште пет дена се неработни за православните христијани, и тоа Бадник на 6 јануари, Богојавление на 19 јануари, Велипеток, Духовден на 28 август. Има и празници за сите етнички заедници, како и дополнителни празници за муслиманите и Евреите. Така што во зависност од верската и етничката припадност има најмалку 12 дена до најмногу 16 дена јавни празници или неработни дена. Иако може да се смета и најмалку 16 неработни дена земајќи предвид дека најголем дел институции или банки не работат за празниците за православните христијани, бидејќи тие се мнозинската работна сила.

Дали се многу од 12 до 16 неработни денови? Многумина ќе речат, да многу е. Дали така говори споредбата со другите земји? Сличен број јавни празници или неработни денови има Германија, која во зависност од државата има од 13 до 17 јавни празници, каде што најмногу има една од најбогатите Баварија. Во ЕУ бројот на неработни денови се движи од девет дена во В. Британија, до 15 во Шведска. Од регионот, Бугарија, Грција и Словенија имаат по 13 дена. Во светот најмногу празници, веројатно, има Израел со 34 дена, а повеќе денови се вообичаени во Јужна Америка, каде што Бразил има 18 дена, а Чиле има 17 дена. За потсетување, Чиле во БДП спаѓа во ОЕЦД-земји. Најмалку денови имаат во англо-американскиот свет, каде што САД има 10 јавни празници. Оттука со 12 јавни празници сме во средината, но ефективни 16 јавни празници се во горниот дел на рангирањето.
Германски научници имаат истражувања за ефектите на јавните празници. Според нив, јавните празници немаат ефект само во зголемување на времето за одмор. Тие имаат големо влијание во зголемувањето на социјалните или општествени односи, бидејќи јавните празници се фестивали и време за семејни или пошироки дружби, па така придонесуваат во социјалната кохезија и социјалниот капитал. Тоа, пак, има позитивно влијание на побрз економски развој, подобро здравје и помали социјални трошоци. Тоа е аргумент за земјите како англо-американскиот свет да го зголемат бројот на празници. Кога има премногу денови, не е лесно да се одреди.

На пример земји како Македонија со богатство на етнички и верски култури мора да имаат повеќе празници за чествување на сите разноличности. Бидејќи јавните празници, како и годишниот одмор се платени празници, колку ефективно ќе има зависи од продуктивноста и од добивките за работа во празници. Доколку таа има висока вредност за работодавачот, ќе постои преференција за плаќање за работа во јавни празници.
Дали може празниците во Македонија да бидат поефективни? Веројатно, да. Доколку, на пример, Божиќ се слави според грегоријанскиот календар. Или, пак, дел од празниците за православните празници како Бадник и Велипеток, кои овозможуваат повеќе споени неработни денови, да бидат неработни за сите граѓани, а друг дел да бидат работни за сите. Во некое идно време, кога македонскиот идентитет нема да биде оспоруван, може дел и од другите празници да се преиспитаат. Ефективноста на празниците треба да се стреми кон можност за кратки одмори надвор од летните одмори во зима, пролет и есен.
Иако прашањето за Божиќ, односно неговото славење по грегоријанскиот календар, а не по јулијански календар има големо значење, брзо решение нема да има. Православните од католиците и протестантите не се разликуваат само по јулијанскиот или грегоријанскиот календар, според кој се одредуваат фиксните празници, туку и по начинот по кој се одредува Велигден. Бугарија, Грција и Романија, односно нивните цркви, го прифатиле грегоријанскиот календар на почетокот на 20 век. Со тоа, Божиќ е на 25 декември, а не на 7 јануари, а Св. Богородица не се одбележува на 28 август туку на 15 август (би била дел од летните одмори пример од 2 до 15 август). Македонската православна црква останала на јулијанскиот календар, бидејќи кога се носеле одлуките била дел од Српската црква. Сега постои стравување од раскол, кој се случил секаде, и во Грција и во Бугарија има старокалендарци. Но, секако, МПЦ би сакала да избегне дополнителни проблеми со Српската и со Руската црква. Оттука нереално е да се очекува промена пред автокефалноста на МПЦ.

Во претпразнична атмосфера, Собранието ја утврди неделата како неработен ден, повторно. Повторно, зашто во претходните законски решенија неделата беше работен ден, а со последното решение беше утврдено дека може и друг ден да биде неделен ден за одмор. Ова овозможуваше неработен ден според верски разлики, пример фирма каде што мнозинството се муслимани да не работи во петок, или секторски разлики, пример музеите работат во недела, а одмораат во понеделник. Со недела неработен ден нема да се уважат културните или секторски разлики, и се наметнува унификација. Сите што сакаат да имаат неработен ден во друг ден, а да работат во недела ќе мора да платат повисока цена на трудот. Добро ќе биде да се види дали на јавниот сектор исто ќе му биде платена работата во недела, или ова ќе важи само за приватниот сектор. Оттука работодавачите, како за работа во празниците така и за работа во недела, ќе се водат од добивките. На пример, доколку маркетите, сите, не работат во недела, веројатно нема да имаат пад на приходите, вработените ќе бидат задоволни од недела неработен ден, а работодавачите ќе можат да заштедат и до 15 отсто на работна сила поради помало работно време. Тогаш е веројатно маркетите да одлучат да не работат во недела.
Оваа дискусија за повеќе слободно време и ефектите на работата нема никогаш да заврши, но има општествено и економско значење што не смее да се занемари!
***
Честит Божиќ на католиците, протестантите и православните што слават на 25 декември!

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek

 

The post Празници се ближат! appeared first on Нова Македонија.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.