Не се виновни извршителите за празнењето на сметката на Министерството за здравство, туку крајно неспособните и крајно неодговорни министри за здравство и функционери на истото министерство
Во сенката на загриженоста за моменталниот енергетски и економски колапс и мрак не е само неспособноста на Владата за завршување на стратегиските коридори, и патничкиот и железничкиот, а и енергетски што нѐ води во стратегиски мрак, за што пишував минатата недела, туку и многу други теми. Навистина е криза, но многу од лошите вести не се резултат на кризата, оваа или претходни, туку на крајно неспособното и крајно неодговорно владеење и раководење на државата и институциите, во повеќето подрачја и сектори!
Деновиве еден наслов ме поттикна денешниот коментар да му го посветам на
здравството. Насловот е „Извршители ја празнат сметката на Министерството за здравство“. Во кратки црти, Институтот за јавно здравје, самата јавна институција, присилно наплатува, го извршува министерството за здравство за два милиони евра, за добиен судски спор за од државата неплатени услуги на Институтот за време на поплавите од Стајковци во 2016 година. Доколку добро ја разбрав веста, еден милион евра е за спорот, а вториот милион е за камати, судски и адвокатски трошоци и извршување. Како и секогаш, насловот рефлектира префрлање на вината на последицата – извршителите, како последен чекор, а не на причината – неплаќањето сметки на Министерството за здравство. Не се виновни извршителите за празнењето на сметката на Министерството за здравство, туку крајно неспособните и крајно неодговорни министри за здравство и функционери на истото министерство. Зошто? Затоа што способен и одговорен министер ги плаќа сметките на Министерството или постигнува договор за начинот на плаќање или бара решение.
Дури и да е започнат судскиот спор, па дури и да е изгубен судскиот спор, сѐ уште има простор за договор, со кој, во најмал случај, би се намалил износот за извршување, а можеби и за другите трошоци и камати. Но не, министрите Тодоров, Филипче и Сали одлучуваат да не прават ништо. Од ваквиот исход никој нема добивка, освен адвокатите и извршителите. Е, сега, тука земајќи во обѕир дека не само во здравство туку и во други министерства, како Министерството за внатрешни работи, се водат однапред изгубени судски спорови, од кои добивка имаат само адвокатите и извршителите, се остава простор за сомнеж за договорена шема.
Кој има штета? Ние, граѓаните на Македонија. Во горецитираниот текст се вели дека дополнителните трошоци за судскиот спор од еден милион евра се колку две програми за превенција на малигни заболувања. Крајно неодговорно водење на само еден судски спор нѐ лишува нас граѓаните од две програми за превенција на малигни заболувања. И тоа не е сѐ, против Министерството не се води само овој судски спор туку и други.
Но и тоа не е сѐ, бидејќи Министерството за здравство ќе треба да плати 8,5 милиони евра за раскинување на договорот за новиот клинички центар „Мајка Тереза“. За жал, и ова можеби не е сѐ, бидејќи тоа е износот без камати, адвокати и извршители, така што многу лесно може износот да се удвои. Колку се тоа во превентивни програми или неизградени болници? Венко Филипче, поранешниот министер за здравство, кој го раскина договорот, тврди дека нема да има пенали за раскинување на договорот. Но доколку има, едно е извесно – нема да има одговорност. Бидејќи толку крајна неодговорност може да има само ако постојат „недопирливи“ и нема ниту политички санкции, а камоли кривични санкции. А за ова одговорноста е јасна, или Никола Тодоров потпишал штетен договор што морал да биде раскинат, или Венко Филипче неоправдано го раскинал договорот.
Кога сме кај крајната (не)одговорност? Не мора да се земе пожарот во ковид-болницата во Тетово, за жал има мноштво новинарски истражувачки стории, на пример за Клиничката болница во Штип, или за набавка на медицинска опрема. Клиничката болница во Штип, која се гради над шест години, за која во 2021 година истече договорот за кредит со Банката за развој на Советот на Европа, за која фалат најмалку 13,5 милиони евра за завршување, над планираното. Или во 2020 година, од апарати вредни над 100 милиони евра, 75 апарати се надвор од функција или расходувани; за 39 бил во тек сервис, 64 биле ставени за функција, а уште за 21 требало да се распише јавна набавка од Министерството за здравство. Во моментов има медицински апарати во магацини во вредност од десетина милиони евра. Доколку воопшто имаат вредност, бидејќи некои од апаратите се расходувани за застареност пред да бидат ставени во употреба.
И да повторам, толку крајна неодговорност може да има само ако постојат „недопирливи“ и нема ниту политички санкции, а камоли кривични санкции. И тука штетата на таа крајна неодговорност е не само во изгубени милиони евра туку во изгубени здравје и животи. Крајната неспособност и крајната неодговорност само во корона-кризата ја чинеа Македонија илјадници животи „смртност над очекуваното“, или на самиот врв во Европа. Тоа не е веќе корупција и криминал, туку злосторство против здравјето на луѓето.
Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
/ Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek
The post Кој ја празни сметката на здравството? appeared first on Нова Македонија.