Пасошки афери, (ни)чија одговорност?

Во две години, три скандали на вмешаност на македонски институции или на вработени во истите тие, во заштита, со доделување македонски државјанства и пасоши или на друг начин, на криминалци и лица на црни листи

Изминатиот петок бев гостин во Тема на денот во вестите на ТВ Сител и не коментирав една, туку повеќе теми, затоа што тој ден се редеа лоши вести, скандали, протести… Подготвувајќи се за учеството ги гледав вестите во 16 часот и таму: Алијанса на Албанците (не) преговара за влез во Владата, сослушување во собраниска комисија на Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), веста за издавање пасош на лице од црната листа на САД самата се претвори во скандал, протести на студентите, најава за штрајк на медицинските сестри и на докторите на Клиничкиот центар во Скопје, нова објава на ВМРО-ДПМНЕ на темата „Паразити“ итн.
Повеќето теми ќе се развиваат. Но скандалот во скандал, сослушувањето на Виктор Димовски, нема да се развива, веројатно потиснат од некој нов скандал и, секако, од политичката (не)култура на неказнивост. Повеќепати имам коментирано на темата за неказнивост, а последен пат пред локалните избори во 2021 година кога напишав „Пораката до граѓаните е многу едноставна, драги граѓанки и граѓани на Македонија, ние никогаш нема да одговараме морално, а уште помалку кривично, и во отсуство на индивидуална одговорност, единствен начин да одговараме е колективно да нѐ казните на избори!“ Се чини дека и покрај тешкиот пораз на локалните избори, што доведе до промена во раководството на СДСМ, нема анализа, согледување, научени лекции што ги доведе до тоа. А неказнивоста е голем дел од изборните порази не само во 2021 година и на СДСМ туку и на сите избори во минатото.
Дека СДСМ не ги научил лекциите е јасно, но крајно навредливо е што се обидува по третпат да ни ја продаде истата приказна, за отсуство на одговорност на највисоко ниво. Кратко за аферата „Онишченко“. Онишченко е украински и руски државјанин, кој по една година аплицирање добил и македонско државјанство и пасош, по основа на заслуги за развој на спортот. По таа основа имаат стекнато македонско државјанство и пасош повеќе спортисти, како борачките репрезентативци Владимир Егоров и Магомедгаџи Нуров. Спорно е дека Онишченко самиот не е спортист и прашање е како ќе придонесе за коњичкиот спорт во Македонија. Но скандалот не е за тоа, а би требало, туку за фактот што Онишченко е на црната листа на САД. Владата донела одлука по претходна проверка од АНБ, а постапката траеле над една година. Виктор Димовски не чувствува одговорност за скандалот, а целата вина им се префрла на двајца службеници што требало да извршат проверка на досието и истите тие се суспендирани.

Не толку одамна, на почетокот на минатата 2021 година, ВМРО-ДПМНЕ го откри скандалот „Мафија“, по што Министерството за внатрешни работи веднаш објави дека се спроведува меѓународната акција „Двојник“ за злоупотреба на службената положба во издавање оригинални македонски пасоши со украден идентитет на странски криминалци. Од средината на јуни 2017 година до јануари 2021 година, организирана група од Министерството за внатрешни работи им издала 215 такви пасоши на сериозни криминалци по кои имаат распишано потерница голем број држави. Овој случај заврши само со судска пресуда на директните извршители во издавањето на пасошите, но не и против нарачателите.
Овој скандал уште не стивна, па во есента 2021 година имаше нов скандал со Ерменија. Тројца македонски дипломати со приватен авион и дипломатски пасоши во 2019 година ги извлекле од Ерменија македонскиот бизнисмен Димитријевиќ, обвинет за измама, и ерменскиот дипломат Левон Саркисјан, брат на братот на поранешниот ерменски претседател вмешан во многу корупциски скандали. Скандалот изби кога вмешаните беа приведени во соседни земји по меѓународна потерница од Ерменија.
Во две години, три скандали на вмешаност на македонски институции или на вработени во истите тие, во заштита, со доделување македонски државјанства и пасоши или на друг начин, на криминалци и лица на црни листи. И власта и највисоките функционери по третпат не чувствуваат одговорност и сакаат сѐ да заврши со фрлање вина на пониските нивоа на администрацијата. Еднаш-два пати истиот изговор, но третпат е премногу. И одговорноста на Виктор Димовски не е само за аферата „Онишченко“ туку и за претходните два погореспоменати. Овие афери се сериозно загрозување на националната безбедност, а АНБ не ги разоткрила. Како што некогашниот министер за транспорт поднесе оставка по три авионски несреќи, не затоа што ги урнал авионите туку затоа што не воспоставил систем за безбедност во летањето, така и Виктор Димовски, ако не е директно вклучен во наведените афери, е виновен за тоа што тој и АНБ допуштиле истите тие да се случат.

Самото сослушување на Виктор Димовски во собраниска комисија стана скандал, бидејќи протекоа аудиоснимки од затворената седница. Во сенка на тоа помина и застрашувачка изјава на Виктор Димовски дека ќе поднесе кривична пријава против пратеник на ВМРО-ДПМНЕ за откривање на идентитетот на агенти на АНБ, кои, според пратеникот, вршат незаконско следење на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е само закана на директор на АНБ кон опозициски патеник туку закана против пратеник што е заменик-претседател на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање. Директорот на АНБ му се заканува на заменик-претседателот на Комисијата за надзор на АНБ. Само тоа, без претходните, е доволна причина Виктор Димовски да поднесе оставка!

Авторот е аналитичар
Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични

The post Пасошки афери, (ни)чија одговорност? appeared first on Нова Македонија.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.