Самата преамбула на Уставот од 1974 година го дефинира деликатниот баланс на македонската држава за „историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и државна самостојност“ и „на народностите за рамноправност“, кој ќе
продолжи да се бара во Уставот на независна Македонија
Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ дека се подготвени да прифатат промена на преамбулата на Уставот на Македонија, според т.н. хрватски модел, првично предложен од премиерот Димитар Ковачевски, направи драматичен пресврт, во кој се дигна „ЕУ-фронт“ на власта против ЕУ-преамбула. Делумно бидејќи власта се најде затекната од иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ, која не само што кажува против што е, туку предлага можни решенија, кои сега се во дворот на власта. И секако поради разликите во начинот на кој се перципира државата, нејзиното дефинирање во преамбулата, перцепциите на преамбулата. Судирот околу перцепциите на преамбулата на Уставот е судир околу тоа дали Македонија е национална држава на етничките Македонци, дали етничките Албанци се рамноправни во Македонија, дали и колку Македонија е унитарна држава. И тој судир не е сегашен, туку е историски, од пред независноста на Македонија. Со оградување дека не сум стручен за уставно право, ќе искажам политички ставови и разбирање за историскиот развој од АСНОМ и на преамбулите од 1946 година од првиот македонски устав, преку уставите од 1963 година, 1974 година и последниот од 1991 година и сегашната расправа за измени на Уставот, без да навлегувам подлабоко во југословенската етноконфузија на поимите народ и народност наспроти нација и националност.
Во претходниот дел пишував за АСНОМ и уставите од 1946 и 1963 година. Во сите три Македонија е дефинирана како национална држава на македонскиот народ и се гарантираат еднаквоста и рамноправноста на националните малцинства, без да се дефинира кои се тие малцинства. Во трите документи од АСНОМ кон Уставот од 1963 година бледнее реториката на националната борба на македонскиот народ, а се засилува социјалистичката реторика.
Социјалистичката реторика особено се засилува во Уставот донесен на 25 февруари 1974 година, објавен во „Службен весник на СРМ“ 7/74, со кој се промовира самоуправниот социјализам. Овој устав е последен пред независноста на Македонија и битно влијае на понатамошниот тек, бидејќи е прв устав во кој се именуваат националните малцинства. Во преамбулата се вели „македонскиот народ, заедно со народностите на Македонија, ја создаде Социјалистичка Република Македонија како национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа, во која се остварија историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и државна самостојност, на народностите за рамноправност…“. Со тоа Уставот од 1974 ја дефинира Македонија како национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност. Во терминологијата е употребено југословенското разбирање на народ и народност, каде што народност е еуфемизам за национални малцинства и каде што разликите меѓу народ и народност се во правото на самоопределување. Самата преамбула на Уставот од 1974 го дефинира деликатниот баланс на македонската држава за „историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и државна самостојност“ и „на народностите за рамноправност“, кој ќе продолжи да се бара во Уставот на независна Македонија.
Доаѓаат независноста и првиот Устав на независна Македонија, донесен на 17 ноември 1991 година, објавен во „Службен весник на РМ“ 52/91. Преамбулата се повикува на „историското културно, духовно и државно наследство на македонскиот народ и од неговата вековна борба за национална и социјална слобода и за создавање своја држава“ се повикува на Крушевската Република и АСНОМ, на македонската држава во СФРЈ, на референдумот за независност „и од историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ, во која се обезбедуваат целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности што живеат во Република Македонија“. Додека преамбулата се повикува на историјата, самиот устав ја дефинира Македонија како суверена држава во која „суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните“ (членот 2), каде што нема народи и националности, и како унитарна држава „Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив“ (членот 1) и „територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива“ (членот 3).
Преамбулата повторно бара баланс меѓу националната држава на македонскиот народ и рамноправноста на малцинствата. Тоа се гледа во повикувањето на „историски факт“ за националниот карактер на државата. Исто така е прифатен југословенскиот поим народност, кој сега е заменет со нов еуфемизам „националност“. Ова понатаму само го компликува разбирањето на нација и националност, кое значи различно во европски и македонски контекст. Дополнително, преамбулата покрај Албанците и Турците првпат ги воведува Власите, Ромите и другите, без нивно именување. Веројатно тоа е рефлексија на барањата на другите, но и на стравувањата на етничките Македонци од стремежите за „бинационалност“ на етничките Албанци или понуда на либерална мултикултура наместо бинационалност.
(продолжува)
Авторот е аналитичар. Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични
The post „ЕУ-фронт“ против ЕУ-преамбула (2) appeared first on Нова Македонија.