„Доживотен мандат за Павле Трајанов“

Дали „доживотен мандат за Павле Трајанов“ е дискредитација, дали е нелегитимно некој да биде избиран во парламентот повеќе мандати и дали тоа важи и за Али Ахмети, лидерот на ДУИ, кој е пратеник 21 година, за разлика од Павле Трајанов, кој е пратеник 13 години? Од друга страна, тоа што ДУИ не е способна за аргументирана расправа, не значи дека иницијативата за воведување една изборна единица е оправдана

„Доживотен мандат за Павле Трајанов“ одговорија од Демократската унија за интеграција (ДУИ) на барањето на повеќе политички партии за реформи во изборниот систем со воведување една изборна единица. Очигледно нервозен одговор на ДУИ, кои не можејќи да аргументираат зошто се против воведувањето една изборна единица, се обидуваат да ја дискредитираат иницијативата со дискредитација на Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, како еден од носителите на иницијативата. Но дали „доживотен мандат за Павле Трајанов“ е дискредитација, дали е нелегитимно некој да биде избиран во парламентот повеќе мандати и дали тоа важи и за Али Ахмети, лидерот на ДУИ, кој е пратеник 21 година, за разлика од Павле Трајанов, кој е пратеник 13 години?
Од друга страна, тоа што ДУИ не е способна за аргументирана расправа не значи дека иницијативата за воведување една изборна единица е оправдана. Пред малку повеќе од една година, во март 2022 година, кога повторно се иницираше воведувањето една изборна единица, во „Нова Македонија“ напишав коментар „Фарсата ’една изборна единица’“. Тогаш, како и сега, тврдев дека бидејќи Македонија поминала и има искуство на повеќе изборни модели, се чини дека во моментот е постигната добра комбинација на изборни модели на различни нивоа: мнозински изборен модел за претседател на Републиката, пропорционален изборен модел за Собрание со шест изборни единици, затворени партиски листи и родова квота, мнозински изборен модел за градоначалник и пропорционален изборен модел за совети на општините со затворени партиски листи и родова квота. Различните модели, со нивните предности и недостатоци, носат баланс на легитимност, репрезентативност и стабилност. Со примена на една изборна единица на изборите во 2020 година резултатите не би претрпеле огромни промени, со можеби еден-двајца пратеници помалку за партиите на етничките Албанци и толку пратеници повеќе за Левица. Како и тогаш, и сега темата за отворени листи е оставена настрана, иако ВМРО-ДПМНЕ предложи да се започне со пилот отворени листи за локалните избори за општинските совети.

Значајни аргументи против воведувањето една изборна единица донесе студијата на Институтот за демократија (ИДСЦС), каде што авторите Кристијан Фидановски, докторанд на „Оксфорд“, и Влора Речица, магистерка на Лондонската школа за економија, ќе заклучат: „Со оглед на исклучително високата пропорционалност (репрезентативност) на актуелниот изборен модел, оваа студија проблематизира дел од аргументацијата на поборниците за изборни реформи кон (уште) повисока пропорционалност. Во согласност со постојните сознанија во политичките науки за негативните страни на високопропорционалните изборни модели, посочуваме дека евентуалното воведување на (уште) попропорционален изборен модел би можело сериозно да ги загрози формирањето и стабилноста на извршната власт, на тој начин (дополнително) ослабувајќи ја македонската демократија“. Овој заклучок е темелен на анализа на четири критериуми, и тоа: број и големина на изборни единици, изборна формула, изборен праг, број на пратеници, како и на споредба со 32 земји од Европа.
Една од главните цели на изборните единици е да се создаде директна врска помеѓу пратеникот и гласачите од географската област каде што се избирани. Колку помала изборна единица толку поблиска врска, но од друга страна помала шанса за влез на помалобројни партии. На пример, во мнозинскиот систем има најмала изборна единица, односно толку изборни единици колку што има пратеници, во нашиот случај 120. За влез во парламентот треба 50 проценти или мнозинство гласови.

Во сегашниот модел со шест изборни единици, каде што се избираат 20 пратеници, се потребни, според различни изборни формули, различни проценти: според Липхарт, ефективниот изборен праг е 3 проценти, според други тоа е 5 проценти (100/20) за влез во парламентот. Доколку воведеме една изборна единица, би било потребно под 1 процент (100/120) за влез во парламентот. Колку изборни единици се практикуваат во анализираните 32 земји? Најмали изборни единици има на пример во Германија и Австрија, каде што во една изборна единица се избираат двајца односно четворица пратеници. Македонија со 20 пратеници во изборна единица е слична со Литванија (20) и Данска (18). Единствени земји од 32-те земји во Европа со една изборна единица се Србија, Косово, Црна Гора и Словачка. Студијата заклучува дека „генерално, повеќето европски земји имаат просечна големина на изборните единици помеѓу 4 и 15 пратенички места. Ова значи дека актуелниот изборен модел во Македонија, кој постојано трпи критики од страна на помалите партии за недоволна пропорционалност, всушност има натпросечно големи изборни единици во споредба со остатокот од Европа“. Тоа значи дека влезот во парламентот на Македонија е полесен за помалобројните партии во споредба со други земји во Европа.

(продолжува)

Авторот е аналитичар. Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични

The post „Доживотен мандат за Павле Трајанов“ appeared first on Нова Македонија.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.