Откако кон крајот на минатата година напишав „Параспур правосудство“, што повеќе може да се напише за македонското правосудство? Но сепак неразбирањето на Судскиот совет на концептите „легитимност“ наспроти „легалност“ (законски) и во поширок контекст „владеење на правото“ наспроти „правна држава“ (état légal), неопходно е да се алармира
Дирк Јан Коп, холандскиот амбасадор во Македонија, повторно предизвика бура во јавноста со својата изјава за нелегитимноста на Судскиот совет. Тој за Радио Слободна Европа меѓу другото ќе каже „случајот со Судскиот Совет, кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Судскиот совет“. На тоа Судскиот совет ќе одговори дека функционира законски и во согласност со надлежностите и дека „Членовите потенцираат дека првиот човек на Судскиот совет е избран на седница со потребниот број гласови утврдени во Законот за ССРСМ“. Откако кон крајот на минатата година напишав „Параспур правосудство“, што повеќе може да се напише за македонското правосудство? Но сепак неразбирањето на Судскиот совет на концептите „легитимност“ наспроти „легалност“ (законски) и во поширок контекст „владеење на правото“ наспроти „правна држава“ (état légal), неопходно е да се алармира.
На обвинувањата на Дирк Јан Коп дека Судскиот совет е нелегитимно тело, одговорот е сѐ е законски, или легално. За почеток не сум сигурен дека и промената на претходната претседателка е законска, за што истата таа има поднесено тужба до суд. Но и да земеме дека сѐ е законски останува проблемот на неправење разлика меѓу легитимно и легално. Некому можеби му личи дека нема разлика, но таа постои. Легално или законски сѐ се однесува на она што одговара на законот и е во согласност со законската рамка. Тоа нè ограничува и одредува што можеме, а што не можеме да правиме според законот. Од друга страна легитимноста вклучува следење правилен, праведен, вистински, морален и етички пат. Оттука можеби имало потребен број гласови и било законски, но дали постапките на Судскиот совет се праведни, морални и етички?
И тука доаѓаме дека заклучок дека Судскиот совет не само што не прави разлика меѓу „легитимност“ и „легалност“, туку и соодветно ниту меѓу „владеење на правото“ наспроти „правна држава“ (état légal). Владеење на правото подразбира одговорност, праведност, отвореност, непристрасност. Според енциклопедијата Британика, владеење на правото е „механизмот, процесот, институцијата, практиката или нормата што ја поддржува еднаквоста на сите граѓани пред законот, обезбедува неарбитрарна форма на владеење и воопшто спречува произволна употреба на моќта.“ Тоа е концепт на „the rule of law“ или „rechtsstaat“ каде што праведноста е пред и над законот. Правна држава во смисла на état légal смета на надреденоста на законот над праведноста и основните права. Наједноставен пример за разликата меѓу владеење на правото и правна држава е холокаустот на Евреите во Втората светска војна, кој бил заснован на закони донесени од германската држава.
Не случајно Дирк Јан Коп, во тврдењето за нелегитимноста на Судскиот совет, се повикува на ЕУ-поглавјето „основите“. Владеењето на правото е вградено во членот 2 од Договорот за Европската Унија, како една од заедничките вредности за сите земји-членки. Според владеењето на правото, сите јавни моќи секогаш дејствуваат во рамките на ограничувањата утврдени со закон, во согласност со вредностите на демократијата и основните права и под контрола на независни и непристрасни судови.
И секако тука е полициската држава во која законот се спроведува арбитрарно, нееднакво и често надвор од државна контрола. Македонија е оценета дека има хибриден режим. Судскиот совет да оцени колку со својата „законитост“ придонесува во таквата оценка и колку придонесува или, пак, ќе ја блокира ЕУ-интеграцијата на Македонија. Секако дека не е Судскиот совет единствен, ниту главен придонесувач на оцената за хибриден режим. Секако главен придонесувач е власта на ДУИ и СДСМ. Примери безброј, еве само последните закони за „Бехтел и Енка“. Тие се секако законски, но дали ги исполнуваат условите на „владеење на правото“? Сами заклучете.
Власта на ДУИ и СДСМ постојано се повикува на легалноста, законитоста, но не и на легитимноста. Затоа што е легално да владееш со 64 пратеници, но не е легитимно кога четворица од пет граѓани сметаат дека државата оди во погрешна насока, кога одобрувањето на власта е пониско од тоа на опозицијата. Овие продавачи на „ЕУ-фронтови“ во ниту еден момент не помислуваат да владеат според ЕУ-вредности. Може да се угледаат на шпанските социјалисти, кои по тешкиот пораз на локалните избори од страна на десницата и загубата на легитимноста, распишаа брзи парламентарни избори. А Судскиот совет да поднесе колективна оставка, за да ја поврати легитимноста.
Авторот е аналитичар. Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични
The post Нелегитимниот судски совет appeared first on Нова Македонија.