Балканскиот начин, иако личи на обид за реприза за „Преспа 2“, повеќе ќе биде обид за „Панорама 2“, за останување на ДУИ во власта по изборите следната година
„Раскол вообичаен за вмровците“, „Панорама 2“ и многу други бомбастични наслови ги пополнуваат медиумите, а се однесуваат на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ, поточно на лидерот Христијан Мицкоски, дека Никола Груевски е во тајна комуникација со владата, дека имаат „валкан дил“ со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ, за да се протуркаат уставните измени.
Првични реакции на изненаденост, не знам дали од тоа дека постои наведената тајна комуникација или од тоа дека ВМРО-ДПМНЕ проговори за тоа. Бидејќи наводите за комуникацијата беа објавувани претходно. Во јуни оваа година Зоран Димитровски на Канал 5 објави дека СДСМ испратил луѓе во Будимпешта на средба со поранешниот премиер Никола Груевски за да побараат помош од него за обезбедување одреден број пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните промени за Бугарите да влезат во Уставот, во замена за амнестија за него и за некои негови луѓе. Димитровски изјави и дека Груевски ја одбил таквата соработка. За комуникацијата говори и Али Ахмети во своето интервју за 360 и МРТ, каде што истовремено донекаде се става во заштита на Никола Груевски и неговото политичко наследство. И политички аналитичар близок на СДСМ – „најизненадената страна“, во август оваа година рече: „Перипетиите околу уставните измени не се завршени додека не се видат резултатите на посетата на Ескобар“. Па, велејќи дека и ако влијанието на американската дипломатија не е доволно и „може опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ) да остане на тој став, па да се оди на други креативни решенија“. Не знам за други, но „други креативни решенија“ мене најмногу ми асоцира на Јоханес Хан и неговата препорака за „балкански начин“ или „Преспа 2“, постигнување на целта со незаконски и насилни методи.
Зошто ВМРО-ДПМНЕ, ако знаело, не се огласи претходно? ВМРО-ДПМНЕ е целосно посветено на обединување во уривањето на оваа влада. Верувам дека целото ВМРО-ДПМНЕ не посакува судир со делови од поранешното раководство, како што постоеше во 2020 година со т.н. „Мериот-коалиција“, која ненадејно згасна на почетокот на 2021 година. Toa што ВМРО-ДПМНЕ се огласи сега говори во прилог дека наводниот „валкан дил“ не е само гласина, туку започнува со реализација со ненадејното носење на измените на Кривичниот законик. Фактите ќе бидат изнесувани во јавноста, но тоа што Никола Груевски одбра да има интервју на Инфомакс, медиум со отворено непријателство кон ВМРО-ДПМНЕ, не е баш најдобар начин на демантирање на „валканиот дил“.
СДСМ, покрај најизненадена страна, веројатно е и најзбунета страна. СДСМ, партијата што со години води негативна кампања дека Никола Груевски раководи со ВМРО-ДПМНЕ од Будимпешта, дека секое одење на функционер на ВМРО-ДПМНЕ во Будимпешта е тајна средба со Груевски, која имаше изборна кампања во која кога ќе се скине постерот на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ се појавува ликот на Никола Груевски – „најголемото зло“, која на секоја критика одговараше со „ако не, Никола да го вратиме“, не најде сили да го поздрави раздвојувањето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Но како да поздрават нешто што ги остава без изборна кампања, башка со бреме да им ја објаснуваат на своите гласачи и симпатизери комуникацијата со „најголемото зло“. Уште нешто за СДСМ. Нивен апологет пишува за „раскол вообичаен за вмровците“ и набројува кој сѐ се отцепил од ВМРО-ДПМНЕ. Пишуваш за „раскол вообичаен за вмровците“ и забораваш на сите расколи на СДСМ, забораваш дека првиот лидер на СДСМ, Петар Гошев, ја напушти партијата и ја формира Демократската партија, забораваш дека највисок функционер на СДСМ, Тито Петковски, ја напушти партијата и ја формира НСДП, како што и Стевче Јакимовски ја напушти и ја формира Гром. Јас знам дека страдаме од „политички трибилизам“ и страсна субјективност, но да работиш за странски медиум и да не исполниш минимум критериуми за објективност е премногу.
Од друга страна, не сум докрај убеден дека валканиот дил е за уставните измени. На ДУИ и СДСМ не им се важни уставните измени, туку само гола власт. Да им беа важни уставните измени, немаше цела година да се фокусираат на „Бехтел и Енка“, туку ќе се фокусираа на уставните измени. Уставните измени се само реторика за покривање на вистинските антиевропски дејствувања на власта. А и Никола Груевски го нема потребното влијание врз пратениците, за да обезбеди потребно мнозинство. Тогаш, што е целта? Најдобро е да се види кој добива, кој губи. Некои сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ губи, иако јас верувам дека добива. СДСМ сигурно губи со кое било негово поврзување со Груевски. Се чини дека ДУИ е клучна во ова мешетарање. А и Али Ахмети не го крие тоа. Верувам дека целта е ослабување на ВМРО-ДПМНЕ, за намалување на изборниот резултат, што ќе попречи да направи самостојна влада или, во најмал случај, ќе го принуди да прави коалиција со ДУИ. Балканскиот начин, иако личи на обид за реприза за „Преспа 2“, повеќе ќе биде обид за „Панорама 2“, за останување на ДУИ во власта по изборите следната година.
Авторот е аналитичар. Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
/ Ставовите се лични
The post „Балканскиот начин“ обид за реприза? appeared first on Нова Македонија.