Игра кој е „кукавица“

Среќна Нова година! И честит Божиќ! Со мојот, како и на мојата најдрага, роденден на 13-ти, немам причина да верувам дека 13 е малер број, ниту да верувам дека 2013 година ќе биде малер-година. Но ќе биде година со големи предизвици. Клучно прашање во 2013 година требаше да биде напредокот во ЕУ интеграциите и планот на Филе „и преговори и решение“ на спорот со името. Требаше да биде клучно прашање, но јасно е дека тоа ќе биде политичката криза која започна со буџетската блокада.

Последниот коментар во 2012 година го насловив „Балкан е ова, бе“, како резиме на начинот на водење на политика, каде што теснопартиските интереси најчесто се ставаат пред пошироките јавни или национални интереси, и каде политиката е во мачо-стил, со цврсти, агресивни потези и каде секоја умереност се смета за слабост. И покрај разбирањето како се води политика, сепак по само една недела морам да си самозабележам дека доста наивно повикав на прекин на спиралата на ескалација на конфликтот, на лидерство што ќе ја прекине мачо-политиката, на дејствување во и на институциите, со постапки за можни кршења на законот, од било чија страна.

И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, колку што можев да забелажам, не го ни коментираа предлогот на пратеникот Павле Трајанов за формирање на анкетна комисија за 24 декември. Премиерот Никола Груевски го повикува СДСМ да се врати во Собранието, а 02012013150111_naser-selmani1_608_345СДСМ тоа веднаш го одбива. МВР ја отфрли претставката на ЗНМ за употреба на прекумерна сила врз новинарите. „Пучот стана пуф“ и јавниот обвинител не покренува постапки за дело против државата. И кршењето на Уставот е пуф, и нема претставка пред Уставниот суд. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја продолжуваат конфронтацијата. И ја доградуваат својата вистина. Така дознавме дека малку новинари се спротивставиле на отстранувањето од галеријата во Собранието и тие биле во комуникација со пратениците кои ја попречувале работата, дефокусирајќи нè од суштината – зошто јавноста е отстранета. Или дознавме дека републиканците го блокираат буџетот на САД, дефокусирајќи нè од суштината – дека легитимитетот на републиканците е во мнозинство кое го имаат во претставничкиот дом, еден од двата дома на Конгресот. ВМРО-ДПМНЕ игра на можен внатрешен раскол во СДСМ на прашањето на бојкот на локалните избори: дали десетици кандидати за градоначалници и стотици за советници, јасни добитници на локалните избори, како Зоран Заев или Стевче Јакимовски, ќе ги жртвуваат личните во име на партиските интереси. Затоа баш Зоран Заев мораше да соопшти на јавноста дека не само дека ќе има бојкот, туку и „пукање“, на локалните избори. Проследено со, да ми извини Заев, глупаво објаснување дека ВМРО-ДПМНЕ ќе пукале на избори на кои, па уште бојкотирани од СДСМ, ќе освои победа. Но да не биде само глупава закана, проопозициски чинители, веќе градат образложение зошто е оправдана употреба на насилство во рушење на власта т.е. на „тоталитарниот режим“, а СДСМ најавува и „други форми на дејствување“.
СДСМ очајно заигра и на неправедноста на меѓународната заедница, а проопозициски чинители ја обвинуваат Светска банка и ЕУ за молк поради „кариеристички причини“. Како и на жесток вербален напад на неопределените и/или независните, како активни или пасивни „колаборационисти“ на „тоталитарниот режим“.
И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја играат играта „кукавица“, односно во обид да обезбедат најдобар можен исход за себе, го ризикуваат најлошото и за себе и за сите нас. Играта „кукавица“ или „chicken“ е модел според кој двојца возачи возат во една лента во спротивна насока. Во моделот во зависност од однесувањето на двете страни, да завртат или продолжат право, можни исходи се од блокада, преку победник-губитник (кукавица) до жесток судир. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ играат и „хазардерство“ или „балансирање на раб на војна“, односно туркаат опасни настани на работ на катастрофа („освојување“ или „одбрана“ на Собранието, „пукање“ на локалните избори), повторно со цел да се постигне најповолен исход за себе.

И не, не е овој домашен рецепт, туку практика која постоела и во други времиња и други места. А дома кај нас, играта „кукавица“ одвреме-навреме се игра и во меѓуетничките односи и во меѓупартиските односи. Политичарите, во својата кусогледост, го забележуваат зголемувањето на личниот или партискиот рејтинг, по секоја игра „кукавица“. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ перцепираат пораст на својот рејтинг по „одбраната на своите“. Сега СДСМ со „одбрана на демократијата“, се надева на исход во своја корист. Таквата партиска перцепција ја охрабрува понатаму играта на „кукавица“. Чудно е дека партиите не го забележуваат сè поголемиот протест на граѓаните против ваквата практика на политика, одразен во сè поголемиот број на граѓани кои се неопределени или независни. Тоа е јасен знак дека ваквата мачо-политика на антикоординација, не-соработка, не е префериран модел, мнозинството бара координација и соработка.

Можеби ВМРО-ДПМНЕ гледа можност за победа во можниот раскол на СДСМ на прашањето на бојкотот на локалните избори. Можеби СДСМ гледа можност за победа, во збивање на сопствените редови и делегитимизација на ВМРО-ДПМНЕ преку бојкот на локалните избори, како што самите СДСМ се делегитимираа во 1994 година. Но во оваа игра на „кукавица“ нема ништо да се добие, и сега само гордоста ги запира од попуштање. А постои ризик од жесток судир во кој сите катастрофално ќе изгубиме. Тој може да се случи и поради настани надвор од контрола на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Можеби пак наивно, но да повторам, времето до локалните избори е прекратко, имаме уште неколку недели пред дополнително да се заплеткаме. Да ги употребиме за смирување – потребни се храбри чекори за смирување. Значајно е што ДУИ и опозициската ДПА учествуваат во работата на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ е примарно одговорна за смирување, како власт и бидејќи раководството на СДСМ може да ја изгуби само партијата. ВМРО-ДПМНЕ би требало да го помогне враќањето на СДСМ во институциите со поддршка на процес на утврдување на (не) законитоста на настаните на 24 декември, со анкетна комисија, пред Уставниот суд, други мерки. Со тоа ќе порасне притисокот врз СДСМ да се врати во институциите и да учествува на локалните избори. На обратната страна, доколку СДСМ, наместо радикализација и рушење на власта, поддржи институциска акција за (не)законитоста, ќе порасне јавниот притисок врз ВМРО-ДПМНЕ. И сигурен сум тој што ќе го направи првиот чекор на смирување нема да биде кукавица, туку тој ќе биде победникот награден од граѓаните.

2 thoughts on “Игра кој е „кукавица“”

  1. Клековски, Добра колумна, добра.
    Каде се сега авторитетите во државава? Играчите од сенка.На пр.Академијата на Науки или Македонската Православна Црква? Ги посочувам овие две институции затоа што се работи за судир во македоскиот етникум. Молчат. Знаеш зошто? Па и тие се партиски определени.Зошто е Камбо постеве за Претседател на МАНУ? Кој го избра за Поглаварот на МПЦ? Клеко мој, многу работи се поставени наглавачки уште од 1991г. Знам дека не се согласуваш за ова со мене, ама на моите аргументи , не слушнав контра. Знаеш то е УДБА? Ако не знаеш прашај го Гошев,тој го донесе човекот 1991 г.

    Одговори
  2. Најпосле добра колумна!
    Молам да се задржи ова ниво во 2013 како минимум стандард.
    Штета што граѓанскиот сектор не е (или е?) спремен да направи граѓански контра протест како што доликува, во радиус од бихаќка до вмро, за да ја покаже својата моќ.
    Мислам дека не остана кој друг.
    Среќни празници!

    Одговори

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.