Апсолутни вистини, доверба, толеранција и капитал

Македонија напредува недоволно брзо – просечниот раст на БДП во периодот 1990-2010 г. изнесува 0.8% и Македонија го достигна нивото на БДП од 1990 г. дури во 2006 г. На кратко по 16 години сме стигнале таму од каде што сме тргнале.  Секако кон тоа придонеле одредени објективни околности, но потребна е понатамошна расправа за причините за спориот напредок. (Не)напредокот е поврзан со богатство или  капиталот што е акумулиран во минатото, за кој е потребно време и напор да се гради и одржи и директно или индиректно придонесува кон економскиот развој и  добросостојбата. Повеќето од нас живеат во верување за националните богатства (капиталот) на  Македонија, но дали е така?  Македонија нема посебен капитал, не е богата со економски капитал, културен или човечки капитал, социјален капитал и општествено-политички и институционален капитал. На ова тема ќе посветам неколку написи, а овој ќе биде посветен на социјалниот капитал, бидејќи тој зависи од нас самите, од граѓаните.

Што е социјалниот капитал? Тоа е вредноста на социјалните (општествените) мрежи. Социјалниот капитал е само нов бренд за стари идеи. Тој постои во природата – гуските со летање заедно постигнуваат 70% поголема далечина на летање отколку секоја гуска би летала самостојно. Мојата омилена африканска изрека порачува „Ако сакаш да одиш брзо – оди сам, ако сакаш да стигнеш далеку – оди заедно со другите“. Тоа било препознаено од римското Ex unitate vires, преку романтичарските „соединението ја прави силата“ и „спасот е во слогата“, до народните изреки како „сложни браќа куќа градат“. Алексис де Токвил  го открива „здружувањето“, а денес социјалниот капитал го популаризираат Путнам и Светската банка. Социјалниот капитал е системот на вредности или е духот на заедница. Тој може да има форма на  врзување, во група со многу заеднички работи како семејството, етничка група или премостување со луѓе од „туѓи“ – други социјални групи или слоеви. Есенцијална вредност на која се гради социјалниот капацитет е довербата, а толеранцијата  е клучна за премостувачкиот социјален капитал.

Постојат се повеќе докази дека социјалниот капитал е критичен за економски просперитет и за одржливост на развојот. Се тврди дека недостатокот на социјален капитал е главна причина за спор БДП раст на пост-комунистичките земји, а со тоа и на Македонија. Од друга страна премостувачкиот социјален капитал кој ги премостува различните етнички, верски и други заедници има дополнително значење за Македонија како мултикултурно општество. 

Каква е социо-културната околина на Македонија? Каква е довербата и толеранцијата? Македонија има ниско ниво на доверба – општа доверба и доверба во институциите. Меѓу 10 и 23% од луѓето веруваат во другите луѓе, што е пониска доверба споредено со било која членка на ОЕЦД. Највисоката доверба во Претседател на Македонија е 38%, што не ја надминува најниската забележана доверба во САД (во Џими Картер и Џорџ Буш). Во земјата имаме култура на апсолутна вистина на верско и идеолошко ниво, и високи ниво на нетолеранција. Приближно секој трет граѓанин и секој втор етнички Албанец смета дека постои само една вистинска религија. Малку помалку граѓани, односно секој десетти смета дека постои само една исправна политичка партија. Или со зборовите на Катерина Колозова „логиката на правоверноста значи дека припаѓате на едната линија (м.з. една вистина)  – линија на политичка мисла или партиска линија, или припаѓате на другата. Значи, ересот е исклучен…“. Постоењето на апсолутна вистина, без да навлегувам во ризикот на расправата за апсолутната вистина и моралниот релативизам, и фактот дека основата на толеранцијата е во несогласноста, е основа на недовербата во другите или „туѓите“ (страв од различните – ксенофобија) и нетолеранцијата.

Во нашата култура нема простор за дијалог, туку за монолози и полемики. Не зачудува што полемиката доведува до подолени мислења и поларизација, а самото значење на полемика е „војување“ каде целта е победа – воспоставување на супериорност на сопствените погледи. И полемиката е легитимна, но во совојата логика е конфликтна. Конфликтот нè оддалечува едни од други, нè вкопува во сопствените ровови, ги мобилизира нашите подржувачи (најлесно се воочува на „лајкањето“ на социјалните медиуми), троши  многу енергија,  но на крај најчесто нè доведува до решение на проблемите. А без тоа нема раст и развој. Дијалогот е за разбирање и учење на другата страна, и како таков е неопходен за пријателско разрешување на комплексните и долготрајните проблеми. Најдобар пример за каде води отсуството на дијалог е соседна Грција – додека политичарите се обидуваат да го наметнат сопствениот став како победнички, земјата тоне во рецесија.

Сумирано во Македонија недостига социјален капитал, посебно премостувачкиот – надвор од семејството и сопствената група – етничка, партиска итн. Но вината не може да ја лоцираме исклучиво на политичкото лидерство за недостаток на политички дијалог, дијалогот недостига на секое ниво, во семејствата (сакаме послушни деца), во соседствата и заедниците (регистрирани заедници на сопственици во околу 15% од зградите), меѓу социјалните партнери, формален граѓански дијалог, во еснафот, меѓу јавните личности, итн.

Ако е таква стварноста, дали може нешто да направиме? Социјалниот капитал зависи од секој од нас. Социјалниот капитал се гради од сите социјални-општествени групи од семејството до нацијата. Семејството, со своето влијание на вредностите и социјалните врски, е основен камен темелник на социјалниот капитал. Улога имаат и воспитно-образовните институции, соседствата, претпријатијата и секако организираното граѓанско општество. Менувањето на стварноста е долгорочен потфат, а патот кон „заедно е подобро“, зошто „цивилизацијата се мери со степенот на постигната разноличност и степенот на зачувано единство“, може да го започнеме со прв едноставен чекор – да ги поканиме новите соседи на кафе и да го исклучиме ТВ кога ќе ни дојдат пријатели на посета.

1 thought on “Апсолутни вистини, доверба, толеранција и капитал”

  1. Почитуван Госп.Клековски,
    Поразително, но вистинито е ова што денес го пишувате. Но, има ли речение? Има ли излез од оваа состојба?
    Често пати и самиот размислувам , па проблемот го барам во нашиот КОД. Социјалниот капитал е богатството на душата. А, можат ли да бидат богати ситни душички со огромни дупки во себе си кои со ништо неможат да се наполнат? Зборувате за толеранција. Постои ли тој збор во Македонскиот Јазик???
    Сеге веќе не е пожелно да му умре козата на комшијата, туку да умре комшијата и да му ја земам козата.
    Со почит,
    Чиракот
    П.С. Можам да пишувам стотици страни за ова, ама добивам мачнина во стомакот, ме тера на повраќање

    Одговори

Напиши одговор на Перо Чиракот Откажи одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.