Македонската православна црква (МПЦ) ќе гради црква во центарот на градот. Покровител на изградбата е градоначалникот. Советот на општината одлучил да додели земја за изградба на црквата, која треба да стане сопственост на МПЦ.
Веста веднаш асоцира на изградбата на црква на плоштадот во Скопје. Но не, веста не е за црква во Скопје, туку за црква во центарот на Струмица. МПЦ ја промовира изградбата на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во далечната 2005 г., а покровител на изградбата е Зоран Заев, градоначалник на Струмица и потпретседател на СДСМ. Во февруари 2011 г. Советот на општината на Струмица одлучува да го отстапи просторот на противпожарната служба за изградба на црквата. На 15 април 2012 г. на Велигден со повторно осветување на темелите најавено е започнувањето на изградбата на „Соборниот храм Успение на Пресвета Богородица“ – иден најголем православен храм во Македонија, со голема поддршка од граѓаните на Струмица. И младите струмичани ќе го градат светиот храм. Младинскиот совет на Струмица организира хуманитарен концерт за поддршка на изградбата. Зоран Заев го предводи Иницијативен одбор за изградба на соборниот храм, а поддршка дале и „локалните лидери на двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од македонскиот парламент“.
Од стојалиште на општествена вклучителност (инклузивност) се залагам за вклучување на црквата и верските заедници во главните општествени текови, вклучувајќи и нивно вклучување во јавниот простор (и плоштадите). Во погорниот пример вниманието ми го привлече екстремната разлика во двата случаи од општествена и политичка хармонија во Струмица до состојба „речиси до степен на граѓанска војна“ во Скопје.
Накратко да се потсетиме што се случуваше во Скопје во 2009 г. Таа година се најави изградба на црква, подоцна именувана „Св. Констатин и Елена“, на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Црквата требаше да се гради на државно земјиште и со поддршка од државниот буџет. Против изградбата на црква се мобилизираа повеќе групи, кои во пролетта 2009 г. при мирен протест беа спречени и физички нападнати од друга група граѓани. Потоа се појавија други групи со свои барања за изградба на „Бурмали џамија“. Црквата на плоштадот „Македонија“ не се изгради.
Аргументите против изградбата на црквата на плоштадот „Македонија“ во Скопје беа: нарушување на урбанистичко/естетски критериуми; владеење на правото / законитоста (начинот на кој градежното земјиште е отуѓено на МПЦ); загрозување на секуларноста на државата (државно финансирање на изградбата, „сакрализација на просторот“, „дискриминација на атеистите“); загрозување на демократијата (тајност, недемократско одлучување, барања за референдум); економска неоправданост во услови на криза („што може да направиме со тие пари“, воведување на „храмарина“) и ставање во нееднаква позиција на верските заедници и загрозување на мултикултурниот живот. Аргументите против се сумираа во „Црква на плоштад? Не, Благодарам“.
За повеќето аргументи против изградбата на црква во Скопје, може да се изведе аналогија во случајот на Струмица. Дали има владеење на правото и законитоста, односно врз која основа Советот на општината отстапил објекти? Дали е нарушена секуларноста, доколку се точни вестите за општинско финансирање на изградбата, или со тоа што иницијативата ја предводи градоначалник? Верувам дека верниците во Струмица имаат потреба од нов храм, но дали постои потреба тоа да биде најголем храм во Македонија? Зошто на Струмица, која е десетта по големина општина (и град) во земјава ѝ е потребен најголем храм? Кому му треба тоа, на граѓаните или на локалните владетели? Што е со економската оправданост во услови на криза? Што може да се направи со парите, не доколку не се изгради црквата, туку парите што ќе се заштедат доколку не се гради најголема црква во земјата, туку црква според потребите? Дали тие пари можат да се употребат за подобрување на образовната структура во Струмица, со околу 10.000 неписмени? Дали е потребно приватниот сектор да дава донации („храмарина“) сега кога Македонија има негативен економски раст? И на крајот, дали се загрозува мултикултурноста на Струмица и дали се доведуваат верските заедници во нееднаква позиција? Да, Струмица има околу 10% немакедонци и околу 15% католици, протестанти и муслимани. Тоа е помалку од Скопје, но зошто 85% православни христијани во Струмица би имале различни можности од 73% православни христијани во Скопје, и обратно.
Минатата недела се понадевав дека меѓупартискиот натпревар се поместува од натпревар кој е поголем предавник, во натпревар на постигнувања. Позитивно реагирав на поместување на дебатата кон енергетските и инфраструктурните потреби на земјата, кој изградил, гради и ќе изгради повеќе. Таа радост ми траеше кратко, се потсетив на сето ова што е напишано погоре. Разликите во реакциите во двата случаи на Струмица и Скопје, укажува на недоследност. Дали опозицијата е против изградба на цркви воопшто, или само кога не ги гради самата? Мислата на Аристотел за доследноста на човекот, примената на партиите би била: партијата се стекнува со одреден квалитет со тоа што постојано дејствува на одреден начин. Без доследност не можеме да изградиме модел на квалитетен општествено-политички дијалог и доверба во политичките и партиски чинители.
Очигледно на дел од тие активисти бунтот бил чисто „скопски“ значи без некоја поширока идеолошка доследност.
На сличен начин узурпацијата на просторот не се „приметува“ тогаш кога актер е бизнис интересот туку, веројатно, само тогаш кога политичкиот интерес е узурпаторот.
Кудос за текстов.
Почитуван Госп. Клековски,
Нема да полемизирам со Вас. Ќе го кажам моето мислење околу градење на верски објекти во 21 век. Прогресивното е тоа што го носи напред општеството. Догмата одамна го кажа своето – во 19 век. Да ве потсетам на шпанската инквизиција или на исламскиот фундаментализам? Препознавате прогрес во овие “учења”? И, ни недостасуваат ли на нас во Македонија цркви и џамии? Училишта ни требаат, болници,фабрики…работа и образование за младите поколенија. Цркви и џамии ли ќе им оставиме за во иднина?
Сите овие кавги околу верскиве објекти се неразбирливи за мене, просто ме прават да се запрашам каде и во кој век живеам јас?
Но сепак , верниците се огромна гласачка машина. Или грешам?
Јас кажав
Чиракот
Почитуван г. Перо, и јас нема да полемизирам (тоа означува војна до победа). Блогот не е за градење на нови цркви. Црквите се употребени само како пример на недоследност на политиките и политичките партии и блогот е за тоа, за партиската недоследност. Бидејќи г. Заев ми напиша отворено писмо во Нова Македонија низ одговорот на тоа писмо ќе се обидам да се појаснам дека не пишував ниту за цркви, ниту за Скопје и Струмица, туку за недоследноста на политичките партии. Поздрав. Сашо
Protestot vo Skopje NE beshe PROTIV gradenje na crkva na ploshtadot tuku beshe protiv gradenje na BILO KAKOV OBJEKT na soodvetnoto mesto. Potoa celata rabota se izvrte kako nekoj da ima protiv gradenje na crkvi. Ako gi prashavte tie shto protestiraa kje bevte podobro informiran
Здраво Вики, со моите ограничени ресурси морав да се задржам на деск анализа на настаните. Во повеќето медиуми доминираше дека тоа се протести против црквата. Во мојата анализа, делот за физичкиот напад врз протестантите е линкуван до вест на Утрински од 2009 г. во која се вели дека протестите се против изградба на црква. Но поентата на анализата е разликата во два слични случаи: цркви во Скопје и Струмица и разликите во реакциите пред се на политичките партии. Затоа и поднасловот е за партиите „Партијата се стекнува со одреден квалитет со тоа што постојано дејствува на одреден начин“. Поздрав. Сашо