Изминатата седмица изобилуваше со настани кои треба да се коментираат, но сепак, во пресрет на Светскиот ден на бегалците (20 јуни) мојот фокус се прогонетите – бегалците. Мотивацијата е и лична – од една страна потекнувам од семејство на прогонети од Грција. Но поттикнат од неодамнешна изјава на Јанис Јоанидис, пратеник од Грција, погледот ќе биде и од друг агол.
Во пресрет на 100-та годишнината од Балканските војни, потребно е потсетување дека распадот на Отоманската Империја и проширувањето и зацврстувањето на националните држави се извор на страдање и прогон на етничките Македонци, но и страдања на сите балкански народи. Всушност страдањата на народите биле меѓусебно преплетени – прогонот на етничките Македонците од Грција е поттикнат со колонизацијата од „маџирите“ – самите прогонети Грци од Мала Азија и црноморскиот регион. На пример со Лозанскиот мир во 1923 г., во размената на население меѓу Грција и Турција прогонети се околу 1.5 милиони православни, главно Грци, и пола милион муслимани, главно Турци и Помаци. Слична процеси се случувале и во другите земји од Балканот. Значајно е да се забележи дека „размената на населението“ е поддржана од големите сили – тогашната меѓународна заедница, потписнички на повеќето договори, како чекор на хомогенизација и стабилизација на националните држави.
Наша е одговорноста за бегалците – прогонети по основањето на (Народна) Република Македонија, во 1944 г. Потребна е смелост да се проговори за прогонетите од нашата татковина: од борци и активисти за независна Македонија, преку идеолошки противници–антикомунисти, до немакедонците, верски или етнички различните. За пример и потсетување и ние имаме една голема „размена на население“ во 1952 г. кога тогашна ФНРЈ и Турција склучиле договор за слободна емиграција на етничките Турци. Од НР Македонија во Турција се иселиле 127.000 лица, а се доселиле околу 28.000 муслимани од другите делови на Југославија. Иако државните архивски материјали говорат за слободно иселување, етнографските податоци говорат за присилна емиграција во одредени делови од земјата, поттикната од недовербата на власта кон малцинствата, присилната секуларизација (забрана на були) и економското профитерство.
Не дека сопствената приказна е најболна, но големите прогони на Балканот предизвикале најмногу страдања во Македонија. Страдале цели градови, села, семејства во цела Македонија, од задушувањето на Тиквешкото востание, преку палењета на селата меѓу Солун и Кукуш, до страдањата на децата-бегалци. Убиства, силувања, палења на куќи, биле притисок за асимилација или за иселување. Страдале и другите народи, но овие, македонските страдања, сè уште трајат, до денешен ден. Се радувам дека Бутарис, градоначалникот на Солун е добредојден кај нас и може да ја обнови својата родна куќа во Крушево, но не е така на другата страна. Се попречува слободно движење, се свири музика без зборови, подигаат гробови без имиња, зошто етничките Македонците и македонската култура и јазик не смаат да постојат. Да, сега, во 21 век.
На крај, да ги споменам и луѓето кои се прогонети во својата татковина – судбината на раселените лица од Матејче и Арачиново од 2001 г. сè уште не е решена.
Целосно сочувствувам со Јанис Јоанидис, ако неговите предци биле прогонети од Гевгелија, како човек чии предци се прогонети од Прекопана (Перикопи). Сочувствувам, бидејќи не можам да разберам да прогонетиот нема сочувство за другиот прогонет. Сочувствувам, бидејќи „светлата зора“ за едните, била „мртва темнина“ за другите. И дека зората и темнината, победниците и губитниците ги менувале страните предизвикувајќи страдања на сите страни. И дека сите заедно „стравуваме од иднината, преживеана во минатото“. Не верувам дека единствено решение е прогонство на другиот, во бескрај, верувам дека луѓето можат да бидат различни и да живеат како добри соседи.
За етничките Македонци протерани од Грција, го посакувам само тоа за што се радувам за Бутарис. Тие кои сакаат, да можат слободно да ги посетат или се вратат на своите огништа, да ги обноват куќите, да ги именуваат гробовите, да запеат кога им се пее на мајчиниот јазик. Реституцијата на граѓанските и имотните права е процес што мора да го водат самите граѓани и нивните здруженија, можеби засилени со правните тимови кои ја водеа тужбата за привремената спогодба. Но, од друга страна, треба да постои свесност дека во сите поголеми договори за помирувања на пример меѓу Германија и СФРЈ или Полска, страните се откажале од реституција, посебно на имотните права.
Како веројатно најголеми страдалници на Балканот, етничките Македонци имаат поголема одговорност во помирувањето и спознавањето на вистината – треба да проговориме за комплексноста на историјата и таа да биде соодветно рефлектирана во образовниот систем. Треба да ги реинтегрираме прогонетите – бегалците од Република Македонија. На пример статус на иселеници треба да добијат и нашите сограѓани, претежно иселени во Турција, кои сега го немаат тој статус – за законот, не се иселеници тие што се иселуваат во своите „матични држави“. Во нашето разбирање за дијаспора, покрај организациите на етничките Македонци, треба да ги вклучиме сите организации кои здружуваат граѓани кои се по потекло од Република Македонија, без разлика на верско и етничко потекло. Треба да бидеме пример и понатаму да ја развиваме културата каде другиот, различниот е добредојден и безбеден. Тоа да биде нашиот придонес во Балкан без прогонети и без бегалци.
Ochigledno ne ja znaete celata prikazna bidejki za vreme na Balkanskite vojni, 1913-ta, golem broj na naselenie bilo progoneto od Strumica, Bitola, Demir Hisar i dr. mesta . Tie lugje isto taka se progoneti od tuka, od ovaa teritorija (delovi na togashnata Otomanska imperija ) kon drugi, na pr. deneshna Grcija, Deneshna Srbija, Bugarija, Turcija i t.n. Denes seushte postoi Strumichka kolonija vo Solun. Nie dolgo vreme sme preokupirani samo so sudbinata na Egejskite Makedonci zaboravajki gi ostanatite. Sudbinata na civilnoto naselenie (od bilo koj etnikum) koe nastrada vo Balkanskite vojni za nas e nepoznanica, a samo proterani, vo razni pravci, imalo okolu 800.000 zhiteli! Velite: “Потребна е смелост да се проговори за прогонетите од нашата татковина”. Da, se slozhuvam, no, potrebno e samo da se kazhe vistinata i nishto povekje. Sekoja drzhava, narod, si ima svoi herojski no i temni petna od istorijata. Nie ne sme izuzetok