Некои политичари кога го опишуваат спорот за името Македонија, често велат дека „е неразбирливо едно ирационално прашање да блокира …“. А всушност ирационалноста или емотивноста, колективните стравови и потсвесното е таа што го прави спорот тешко решлив, но не и нерешлив.
И Македонците и Грците го споделуваат истиот колективен страв за идентитетот – „стравот од иднината, проживеан низ минатото“. Во Грција, осебeно во регионите на Македонија, постојат стравувања дека независна Македонија може да ги поткопа нивните придобивки од Македонската борба 1904-1908 г. со која е “бранет грцизмот во Македонија“. Колку ли е голем тој страв, што Самарас посакува „Скопје да се распадне“, и за свои соседи, наместо малата и мирољубива Република Македонија, ги посакува Велика Бугарија и Велика Албанија? Во Македонија, пак, стравувањата се двојни, за идентитетот и за просперитетот.
За Македонците, името и идентитетот се право на самоидентификација. Клучниот страв е дека крајната цел на Грција е Македонија да ја нема, односно дека Грција ќе бара нови и нови отстапки дури не го уништи македонскиот идентитет. Сличноста на двете страни e до тука. Сè што има направено Македонија, на пример со вклучувањето на античката историја, што според мислењето на Меѓународниот суд не претставува кршење на Привремената спогодба, не предизвикува последици по Грција. Од друга страна, акциите на Грција нанесуваат значителни штети – Македонија „ веќе (за)губи чекор во напредокот во однос на оној што би бил постигнат во нормални услови“. Стравот од Македонците, Грците не ги чини ништо, а нас не чини многу. Македонија три пати е блокирана од Грција: повремените блокади 1992/93, трговското ембарго 1994/95 и блокадата на евроатлантските интеграции од 2008 г. Тоа го засилува стравот од загуба на просперитетот – страв од застој на евроатлантските интеграции, страв од економски застој и можно влошување на меѓуетничките односи.
На стравувањата се надоврзува внатрешно политичката употреба на спорот со наизменично припишување на улогите на „предавници“ и „спасители“. И додека донекаде е за очекување цврстиот став на десницата и во двете земји, изненадува таквиот став на левицата. Трговското ембарго го воведе левичарскиот ПАСОК, а сега умерените македонски политичари го употребуваа спорот за отстранување на политички ривали, ја поддржуваа кампањата „Не ме фиромирај, кажи Македонија“, го бараа “мажот што ќе го промени уставното име!“ и во 2005 г. го направиле единственото прекршување на Привремената спогодба.
Иако нема формална стратегија за спорот со името, македонските црвени линии се исцртани и од политичарите и од граѓаните: решение кое нема да го промени Уставот на Македонија / името, нема да го загрози македонскиот национален идентитет и граѓаните да се согласат со можното решение на референдум. Декларираната позиција на Грција е „ерга омнес“ или „едно име со географска одредница“. Грција всушност бара Македонија да се врати во состојбата пред независноста во 1991 г., кога постоеше само во СФРЈ, да не постои меѓународно, туку само внатрешно или во за нив најлош случај македонскиот идентитет да се ограничи само на сега и тука. Дека ставовите се оддалечени покажа и А1 симулациите на преговори за името во Охрид во 2010 г. – разговори имаше, но решение не!
Македонија и Грција во едно се согласуваат – за нив работи времето. Самарас, како и одредени меѓународни аналитичари, сметаат дека времето работи за Грција. И за тоа не треба многу ум – Грција не губи ништо, а Македонија трпи големи штети. Но така ни велеа и во 1992 г. кога требаше да ја прифатиме Лисабонската декларација на ЕУ за бришење на Македонија од името. И да, времето работеше за нас, со нашата одлучност, Грција се помести, барем на зборови, од ексклузивното право врз Македонија.
Инаку Атина својот притисок секогаш го образложува со „цврстиот став на Скопје“. Така беше во 1994/95 кога на власт беа ПАСОК и СДСМ, така беше и 2008 г. кога на власт беа Нова Демократија и ВМРО-ДПМНЕ. Но со последната блокада на евроатланстките интеграции Грција всушност ја отфрли Привремената спогодба и со тоа ги саботира разговорите за разликите за името бидејќи го засилува македонскиот страв – дека Грција нема да се придржува на договореното и постојано ќе бара нови и нови отстапки, сè до уништување на македонскиот идентитет.
Сега по Чикаго, како и по Лисабон, треба да бидеме одлучни во тоа што го сакаме. Но да си одговориме за кого понатаму ќе работи времето, повиците за национално единство, од зборови треба да ги преточиме во дела. Поделбите на патриоти и предавници мора да престанат или, како што вели премиерот Груевски „не смееме да се делиме дека едните сме повеќе за името и за идентитетрот, а другите сме повеќе за НАТО и за ЕУ, треба сите да сме и за едното и за другото и треба сите да се откажеме од градење политички капитал и ловење изборни гласови“. Премиерот Груевски и власта ја имаат основната одговорност да се придржуваат кон тоа. Позитивен е ставот на опозицијата биде дека ќе поддржи решение кое е прифатливо за власта, но неодржливо е и истовремено да ја напаѓа истата власт дека прифатила одредено решение во 2008 г.
За постигнување национално единство за стратешките цели „и Македонија и евроатлантски интеграции“ по Чикаго, Претседателот Иванов треба да ги повика на разговор релевантните политички лидери и да се оцени потребата од затворено заседание на Собранието. Треба да бидат разгледани сите можни решенија, од чекори во ООН, до повторно разгледување на некои предлози, како тој на ЕСИ за „спогодба сега, а одложена примена по приемот во ЕУ“. Македонија мора да се придржува на Привремената спогодба и да ги продолжи разговорите со Грција. Затоа што сме соседи и кога веќе мораме да биде соседи да бараме начини за унапредување на довербата и соработката. Охрабрува неодамнешниот чекор на Бутарис и на Талески, градоначалниците на Солун и Битола. Кој знае како што во Чикаго дијаспората му додели награда „Гоце Делчев“ на министер на Турција, може еден ден ќе му биде доделена на некој од Грција.