Минатата недела редовната посета на Штефан Филе, еврокомесарот за проширување, предизвика редица нa реакции. Се редеа написи: „Брисел повторно бара алиби за да ги одложи преговорите“, „Македонија пак ги заплетка евробирократите“, „Никој нема идеални добрососедски односи“, „Имаме ли друга опција освен евроболшевизмот“. Реакциите следуваа на спомнувањето на добрососедските односи, како, во досега познат контекст со Грција, првпат и со Бугарија. Што е тоа што толку нè погодува што за краток период му се посветија толку насловни страници и коментари? Чувството на оспорување, добрососедските односи или Бугарија, или сè заедно?
Македонија е заробена во чувството на загрозеност или општествената (социетална) безбедност: „способноста на општеството да истрае во својот есенцијален карактер во променливи услови и можни или актуелни закани“. На тоа, од различни агли, досега се навратив двапати и тоа во „Мултикултурата – проклетство или богатство“ и „За кого работи времето“.
Во Македонија истрајуваме веќе долго време. Не говорам само за нашите „предци, за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија“ , ниту само за Илинденското востание или Народноослободителната војна, туку и за сегашните генерации. Македонија овие 21 година независност помина тројна транзиција: од федерална единица во независна држава; од авторитарен систем во демократија и од планско стопанство во пазарна економија. И сето тоа под постојани блокади од Грција, со чувство на непринципиелна поддршка на САД и ЕУ, до сомневање дека „Брисел сè уште не успева да се помири со фактот дека Македонија и Македонците постојат“.
Но „македонскиот народ е посилен од секоја сила и има докажан нагон за самоодржување“. Ние веќе плативме висока цена за нашето право да бидеме дел од независните нации, да бидеме дел од 193-те членки на Обединетите нации (ОН). Нашиот пат во независноста, почнува да личи на „Најдолгиот пат“. И сè до тука е така! Но не смееме да западнеме во стапицата на жртва – само нам ни е најтешко!
Да, тешко се гради независна нација. Да беше поинаку не ќе имаше само 193 членки на ОН. Во светот има над 5.000 етнички групи и далеку помалку независни нации. Во моментот има над 70 групи или организации кои бараат независност ширум светот, да ги споменам само Курдистан, Тибет, Сахарската Република… Неколкуте држави кои се стекнаа со независност последните десетина години, како Источен Тимор или Јужен Судан, се стекнаа со независност по повеќедецениски насилства.
Очекувано е дека треба да се истрае за правото на независна нација. Но истовремено очекувано е дека постоечките и стари нации ќе ги оспоруваат новите. Очекувано бидејќи новите независни нации може да се создадат само на територија на сметка на старите нации.
Ама да не одам во далечни примери, еве соседски примери за тешкиот пат на независноста. И Бугарија морала да помине тежок пат. Бугарија не е независна држава од 1878 г., туку од 1908 г., а во меѓупериодот е вазал на Отоманската Империја. И Бугарската православна црква прогласува автокефалност во 1872 г., но е признаена од Константинопол по 70 години во 1945 г. И друг соседски пример. Косово, по повеќе неуспешни востанија и бунтови во 20 век, прогласи независност во 2008 г. што досега е признаена од 91 земја – членки на ОН. И Косово можеби е најдобриот пример за соочување со нашите сомневања во САД и ЕУ. Еве, да ја прифатиме претпоставката дека против Македонија се води специјална војна од страна на САД и ЕУ кои не можат да прифатат постоење на Македонија и Македонци. Сигурен сум дека повеќето кои сметаат дека Вашингтон и Брисел не ги сакаат Македонците, сметаат дека ги сакаат Албанците. И дека прават сè да го подржат независно Косово, својот најверен сојузник на Балканот. Но очигледно дека поддршката од Вашингтон и Брисел за независно Косово не е доволна, бидејќи за четири години само 91 земја го признале Косово, и Косово сè уште не е член на ОН. Ако Грција нè блокира само зошто САД недоволно се залагаат за нас Македонците, тогаш зошто „албанофилските“ и „косовофилските“ САД не ја притиснат Грција да го признае Косово. Непризнавањето на Косово не е резултат на омраза кон Косово или љубов спрема Србија, туку на сопствените интереси на земјите на сите страни, да обесхрабрат создавање на нови држави посебно без благослов на старите држави на чија сметка се создаваат тие нови држави.
Еден од најгласните противници на независноста на Косово е Шпанија, која не го признава Косово и го обесхрабрува признавањето на Косово во Јужна Америка, и го прави тоа исклучиво заради самата себе. Противењето на независно Косово е превентивна мерка за независна Каталонија, а покрај заканите, Шпанија најави вето за можното членство на Каталонија во ЕУ. Во пресрет на најавите за референдум за независна Шкотска во 2014 г., и Велика Британија се заканува со блокада на членството на Шкотска во ЕУ, доколку референдумот не се одржи под взаемно прифатливи и договорени услови. Европските Шпанија и Велика Британија ќе ги блокираат сестринските Каталонија и Шкотска во нивните ЕУ-интеграции!? Ви звучи познато? Па ако во Стара Европа толку се жестат на најави за независност, не треба да нè изненадува уште поголемата жестина во нашиот Балкан. Затоа не треба да нè чуди и тоа што некои Европејци застануваат на страната на Грција, а сега можеби и на страната на Бугарија.
Разговарајќи на вакви теми, и дански националисти ќе речат, па да и норвешкиот јазик е дански јазик, ама тие сакаат така и нас не ни пречи. А богами ниту Норвежаните не се стекнале со својата независност толку лесно. За наша жал Македонија не е во Скандинавија, туку е на Балканот. На моменти е разочарувачко однесувањето на Бугарија, која самата трпела многу во својата борба за независност. Како некој што поминал низ трнливиот пат на независноста, наместо да нè поддржува на нашиот пат, на моменти се однесува како мајка која патријархалните маки кои самата ги поминала, сака да ги наметне ѝ на својата ќерка.
И сега сме тука. Го одиме најдолгиот пат на градење на независна нација, со целата тежина на нашиот грб. И мораме да истраеме. И не можеме да побегнеме во „неврзаните“, да бидеме добри со далечни земји, а во „студена војна“ со своите соседи. И не заговарам добрососедски односи со македонска капитулација. Со верба во нашата сила и нашата моќ на самоодржување, без комплекси на помал брат или помала вредност, мора да влеземе во дијалог со нашите соседи и да направиме сè што е во наша моќ да градиме добрососедски односи. И повторно не заради ЕУ, туку заради нас, бидејќи нас ни требаат добри соседи, а не четири, или сега пет, волци за соседи.
Чек, чек не разбрав, Грците од 19 век со германски цар или што беше, се стара нација, додека Македонците се нова нација од 1944/5 година или од 1991??
„Очекувано е дека треба да се истрае за правото на независна нација. Но истовремено очекувано е дека постоечките и стари нации ќе ги оспоруваат новите. Очекувано бидејќи новите независни нации може да се создадат само на територија на сметка на старите нации.“
Чија е оваа наша територија?? Ич не пазите кога пишувате. Само да се било паметен.
Терминот нација го употребувам во политичка смисла на држава-нација, а не во етничка смисла. Цитираната реченица е општ заклучок. Доколку Шкотите формираат држава – нација, да ќе ја формираат таму каде живеат, но правно тоа е територија на Велика Британија. И да за наша несреќа повеќето соседи формирале држави нации пред нас, а последни биле Бугарија во 1908 г и Албанија во 1912 г. Тоа им дало предност во нивното конституирање, која предност сега ја употребуваат.
Значи правно територијава на државава е на Бугарија, Грција и Албанија, на бившата ни Југославија, на Турција? Не разбирам навистина, мозоков не ми функционира на вакво разграничување. Ова што го прават Грците има врска токму со етносот, што пак не им држи оти што се тие? Не се Хелени, не се антички Македонци, нека не сме и ние. Ама тогаш кој е во право? Не сум учена и професор и немам докторати и магистерски титули, ама не ми е прифатливо, како човек со разум, нечие право, нечија „вистина“, сегашна, да се заснова на претходна лага со потпис и печат, а уште помалку ми е прифатливо Македонци да превидуваат некои работи за да бидат добри соседи. И ако може одговор, што е конкретно во наша моќ што можеме да направиме за да не сме лоши соседи. Јас имам впечаток дека сме исклучително мирни и толерантни луѓе.
Јас само велам дека каде има “постари браќа“ (па макар засновано и на лага) не е едноставно и треба да истраеме, и тука немаме различни ставови.
Да, мирни луѓе сме. Во мој претходен напис „Мултикултурата-проклетство или богатство“ имам наведено податоци дека од сите земји во Западен Балкан како најпријателска се доживува Македонија. Но, мислам дека не успеавме доволно успешно тоа да го презентираме во местата каде се одлучуваат политиките. Затао сега се добредојдени иницијативите за нови гранични премини, заеднички тела и сл. бидејќи на тој начин појасно се презентира политичката волја за добрососедство.