(Не)знаеме колку (не)знаеме!

Во мај ја започнав темата за верувањето за националните богатства (капиталот) на Македонија. Ја започнав мојата хипотеза за неточноста на тоа верување, односно дека Македонија нема посебен капитал. Тогашниот коментар „Апсолутни вистини, доверба, толеранција и капитал“ го посветив на социјалниот капитал. Во овој коментар ќе се осврнам на човечкиот капитал – збир на човечки компетентности, знаења, квалитети…, кој се формира преку образование, наука, истражувања и култура.

Вообичаеното верување или мит е дека Македонија има висок човечки капитал, односно дека имаме образовани луѓе. Ова не е само верување – туку може да се прочита дури и во стручни студии или, пак е промовирано од Владата. Така во причините зошто да се инвестира во Македонија како прва причина се вели: „Македонија се гордее со својата образована, високо квалификувана и етичка работна сила“. Секако, тоа е зачинето со по некоја приказна за „нашите деца кои растураат по западните универзитети“. Всушност, ние веќе имаме мит за нашето образование (и човечки капитал) како супериорни. Тој мит за нашето образование е одразен со највисока доверба во образовните институции (62,1% во 2010 г.), а и наставниците, професорите се професија со највисока доверба во Македонија (66,6% во 2010 г.).

Така е во нашата митска слика за нас! Но реалноста е поразителна! Половина од населението е со неповолна образовна структура: 3,85% без образование, 10,77% со незавршено основно и 34,77% со основно образование. Со средно образование се 40,09%, со вишо 3,24% и со високо образование 7,28%. Нивото на постигнувања е уште понизок: во 2003 г. според Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА)-процената 87% од македонските ученици имаат резултати кои не се доволни за соодветно функционирање на модерно работно место, споредено со 40% во ЕУ15. Во Меѓународната студија за проверка на оспособеноста за читање со разбирање (ПИРЛС)-процената, учениците од четврто одделение постигнуваат полоши резултати од сите соседи и ЕУ членки. Меѓународната студија за трендовите во математика и природни науки (ТИМСС) од 2003 г. потврдува дека нашите ученици не се „суперученици“, резултатите и по математика и природни науки се под меѓународните резултати, и само 1% од учениците постигнале меѓународно напредно ниво споредено со меѓународниот просек од 7%. „Македонија има исклучително неповолна образовна структура“, „Осмооделенците се тапа по математика“- ваквите вести повремено стигаат до јавноста, но не успеваат да не вратат во реалноста. Одговорот за ваквите состојби се во квадратот: наставни програми, учители, услови за учење (училиштата) и домашната поддршка за учење / ученичката мотивација.

Бидејќи „немаме море, и немаме нафта“, развојот на човечкиот капитал е најверојатно единствен начин за прогрес и благосостојба на Македонија. Во последните години се спроведоа низа мерки во таа насока. Владата презеде мерки за подобрување на образовната структура со воведување на задолжително средно образование и зголемување на можностите за високо образование. Наставните планови континуирано се подобруваат, а воведен е тристепен систем на квалитет: училишна самоевалуација и надворешна евалуација, надворешното (екстерно) оценување и државната матура. Се инвестира во обука на учителите, а почнаа и подобрувања на училиштата. Училиштата кои не беа обновени од „Титово време“ за првпат станаа фокус на темелни реконструкции. Одличен пример за тоа е општина Карпош. За сето тоа зголемено е издвојувањето од државниот буџет за образование. Секако тоа дава резултати. За мерките, резултатите, потребните измени и стратегиските последици во друга прилика.

Да се вратам на темата од насловот. Како родител со две деца – едно во основното училиште „Петар Поп Арсов“ – Карпош 4, Скопје и едно во гимназијата „Никола Карев“ – Скопје, можам да посведочам за подобрувањата во образовните, но и да согледам социо-културен и проблем во домашната поддршка за учење. Јас сум одраснат во семејна култура, каде што образованието е за знаење и каде што тоа што вујко ми бил директор на средното училиште во кое учела мајка ми не било предност за мајка ми, туку дополнителен предизвик. Сега сум сведок на обратен процес. Развивме еден парохијализам или локалистичка свест, каде што е поважно „кого знаеш, а не што знаеш“, каде што се „учи за диплома, а не за знаења“. „Не е можно моето дете да не знае“ – оценките на нашите деца се удар на нашите суети, бидејќи можеби укажуваат на недоволна домашна поддршка или мотивација. Тогаш проблемот се пренесува на наставните програми и учителите. „Многу тешки предмети“, „што глупости учат децава“ и „Не се секирај ќерко, тато го знае учителот/директорот“- стана мото на нашиот образовен процес. И доколку „не ургираш“ за своите деца, влегуваш во ризик твоите деца да помислат дека „не се бориш“ за нив. И полошо, тоа да стане ограничување во изборот на натамошно образование, бидејќи „петките со ургенции“ вредат повеќе од „четворките со знаење“. На состанок на училишниот одбор на локалната осмолетка бев зачуден дека има повеќе стотина одлични ученици, а само десетина добри ученици!? Како е можно тоа, кога според повеќе теории, според кривата на оценување, 10% ученици може да постигнат одлични и 10% многу добри резултати, а сите други добри или потпросечни резултати. Барањата за подобрување на квалитетот, надворешното оценување и државната матура, се доживуваат како на нови пречки за „нашите деца“. На родителски средби учителите се правдаат „оваа година оценките ќе бидат малку построги бидејќи, знаете ќе има надворешно оценување“. Сиротото Министерство за образование се плаши да ги објави целосните резултати од државната матура, да не доживееме шок. И тоа така сè до универзитет. Во едно истражување за корупцијата во високото образование, професор на Универзитет, ќе каже „додека има студенти кои студираат за диплома, ќе има професори кои ќе наплаќаат за тоа“.

На крај, ние, родителите цели среќни, што „истуркуваме одлични деца“ и „со сите десетки“ на факултет. Ама сметката дома не е иста како на пазар. Ние може по дома да се радуваме на одличните, ама ние подигнуваме онеспособени генерации – имаме двапати повеќе ученици кои не ги задоволуваат потребите на модерното работно место од ЕУ15. Со образовниот јаз наместо економски да се приближуваме кон ЕУ, ние долгорочно ќе тапкаме во место. И за тоа вината ја носиме сите ние. И единствен пат за ЕУ-интеграциите, не е промена на името, туку промена на нашата образовна и работна култура и етика. Во пресрет на 5 октомври, Меѓународен ден на учителите и овогодишното мото „Поддржи ги учителите“, повикувам на еден важен чекор – поголема домашна поддршка за пообјективно (построго) оценување.

1 thought on “(Не)знаеме колку (не)знаеме!”

  1. Почитуван г-дин Клековски

    Проблемите во образованието во целост се од општествена природа – јас, лично, не гледам вина кај родителите туку кај целокупното општество и заради тоа потребно е да се направат општествени промени за да се врати квалитетот на образованието.

    Како ментор се среќавам со исклучителни ученици кои успеваат да постигнат резултати за секоја почит. Претходно како учител се среќавав и со ученици кои не постигнуваат никакви резултати. Нам, како општество, ни е обврска првите да ги наградиме а вториве да ги прекориме. За жал сликата – “Бубалица, се утепува од учење а кога ќе заврши школо ќе ’рмба за некој кој не може да сложи простопроширена реченица“ е најчестата слика која ја претставуваме пред децата. Е ова е суштината на проблемот!

    Како општество мора да се справиме со овој феномен. Учениците кога ќе освојат медал на Интернационална Олимпијада треба да ги пречекуваме на плоштад. Овие ученици треба да гостуваат на сите телевизии, да имаат интервјуа во сите печатени медиуми, своето позитивно искуство да го пренесат до целата нивна генерација. На овој начин ќе креираме слика каде науката е водечка сила и под налет на овој бран се повеќе и повеќе деца ќе се внесат во учењето.

    Со зголеменото интересирање кај децата целиот товар на менаџирање на процесите ќе се префрли во образовните институции. Првично ќе биде потребна сегрегација во образованието – имено МОН (Министерството за Образование и Наука) ќе мора да вложи средства во формирање на образовни институции каде учениците ќе учат по специјализирани програми и ќе се надградуваат во определени полиња. Ако на МОН не им е јасно како тоа се прави нека ги погледнат примерите на најдобрите приватни средни училишта каде учат најуспешните ученици.

    По ова истото тоа министерство ќе треба да ги стимулира и финансира учениците при учества на натпревари. Во изминативе две години многу други приватни организации, па дури и локални самоуправи, имаат одвоено поголема сума на средства, а сеуште незнам дали МОН има покриено и дел од трошоците за учество на ученик на Интернационална Олимпијада.

    Конечно вака подготвените ученици кога ќе дојдат на универзитетите ќе можат да изберат кај кој професор ќе се дообразуваат, со што неминовно ќе дојде до конкуренција и во високото образование со што целокупниот образовен процес ќе почне да се движи во позитивна насока.

    За жал не сум во позиција да го променам општеството но ќе направам се што е во моите можности да се подобри ситуацијата во образованието.

    Со почит
    Трифун

    Одговори

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.