Пред десетина дена на 4-от Форум на граѓанското општество на Западен Балкан во Загреб имав можност да ги проследам настапите на Штефан Филе, еврокомесар за проширување, и Едуард Кукан, европратеник и поранешен дипломат од кариера. Настапија во различни денови и со различни ставови. Филе ги обнови надежите за членство на Западен Балкан во ЕУ и воспостави одреден ранг каде по Хрватска, следеа Црна Гора, Македонија и Србија, а потоа Албанија, Косово и Босна и Херцеговина (БиХ). За Македонија, Филе ја нагласи платформата парафразирана како „и преговори и решавање на спорот на името“ или „преку преговори до добрососедски односи“. Филе разбуди надеж кај мене можеби зошто го кажа тоа што сакав да го слушнам и во што сум длабоко убеден – билатералниот спор на Македонија со Грција, како и другите проблеми најдобро и најбрзо може да се разрешат низ процесот на евроатлантски интеграции, а застојот во нив само ќе го продлабочи јазот. Утредента Едуард Кукан, настапи со „повик за будење“: предлогот на Филе „не успева да полета во Брисел“ (не добива поддршка), мисли дека спорот за името нема наскоро да се реши и во блокирањето на Македонија палката од Грција ја презема Бугарија.
Во изјавата за можноста за одредување на датум за преговори, минатата сабота за вестите на една телевизија, звучев преоптимистички, па појаснив дека шансите на Македонија се околу 30-40 проценти. Мојата изјава се засноваше на анализа на ЕУ-политиките на национално, регионално и европско ниво. Македонија стана кандидат во 2005 година, со одлука на највисоко ниво-на Европскиот Совет (премиерите на земјите членки). Како компромис меѓу различните интереси Македонија тогаш доби кандидатски статус без препорака за одредување на датум за преговори, што мислам дека се случи за првпат во ЕУ-проширувањето. Кандидатскиот статус имаше за цел да ја награди Македонија за спроведувањето на рамковниот договор и да ја стабилизира земјава по турбуленциите предизвикани со тогашната територијална реорганизација. Исто така тоа требаше да биде поттик на регионот во истрајувањето на патот кон ЕУ. Истовремено ЕУ го усогласуваше и сопствениот буџет за 2007-2013 година и обично тоа е време за договарање меѓу разните интереси во ЕУ.
Сега има аналогија во контекстот. Постои ризик од поткопување на веродостојноста на евроатлантските интеграции во Македонија поради долгиот кандидатски статус. Со социјален „пожар“ на југ (Грција) и сега на север (Словенија), и „лесно запаливи состојки“ помеѓу нив (Хрватска-БиХ-Србија и Србија-Косово-Македонија-Албанија), на регионот му треба надеж дека има „пожарникар“ (ЕУ) што е во „близина“ и не е заглавен во своите внатрешни и финансиски проблеми. И на крајот во овој период се преговара буџетот на ЕУ за 2014-2020 година, што ја отвори сезоната за нови значајни договарања. За мене дополнителна надеж беа иницијативноста на медијаторот Метју Нимиц за спорот за името, тоа што Македонија го помина амбасадорското ниво и го достигна министерското ниво и фактот дека Австрија беше во земјите-поддржувачи. По аналогија од 2005 година, сметав дека колку на повисоко ниво (амбасадорско/министерско/премиерско ниво) се одлучува за Македонија, се зголемуваат шансите за датум за преговори. И Австрија е земја со најголем јавен отпор кон проширувањето, така што нејзината поддршка е многу значајна.
Иако бев умерен песимист за датумот за преговори и прогнозирав евентуално „датум без датум“, сепак поради тие 30-40% шанси, на 11 декември почувствував одредена разочараност. Можеби тоа беше поради твитот на Штефан Филе: „#Државите членки на ЕУ до #Скопје: реална&достижна перспектива за отворање на #пристапни преговори што не смее да се испушти“. Многумина на Твитер бурно реагираа на „#Скопје“. Но си велам тоа не треба да ме изненадува од ЕУ, која во 1992 година бараше да ја избришеме Македонија од името и чиј амбасадор неодамна нè нарече „славомакедонци“ зошто тоа во „Брисел така подобро разбирале“. И јасно дека сега јавната реакција многу лесно може да тргне во насока „Не во ЕУ“. Инаку новиот моментум за сите држави на Западен Балкан, звучеше слично: условено ветување за следен чекор.
Покрај досегашните причини за евроскептицизам што ќе добие нов поттик по четвртото по ред „не“ од ЕУ, сега се јавуваат и дополнителни отпори. Претходните кругови на проширување беа во периоди на просперитет на ЕУ, а следните најверојатно ќе бидат во период на економски застој. Затоа ќе има сè повеќе прашања од типот „што добива Словенија (Македонија) од ЕУ“. Самото членство веќе не може да биде цел самото по себе, мора повторно да си одговориме, потврдиме, афирмираме кои цели Македонија ќе ги постигне преку евроатлантските интеграции.
Надвладувајќи ги емоциите, погледнав во други два моменти во твит-пораката „реална и достижна перспектива за отворање на пристапни преговори“ и „која не смее да се испушти“. Првиот дел ми го отвори прашањето дали досега во претходните три препораки/години отворањето на пристапни преговори не беше реално и достижно. Дали Филе изјавува дека досега не нè блокира Грција, туку пред сè противниците на ЕУ-проширувањето? Дали и сега е блокадата од исти причини, а добрососедството е изговор? Вториот дел укажува дека 2013 година ќе биде година на позначајни договорања и дека Македонија, покрај Црна Гора и најверојатно Србија има шанси да го фати „следниот воз“ за членство во ЕУ. Во спротивно може да чекаме многу подолго за следниот круг. Да парафразирам српска шега за „перспективи за отворање на пристапни преговори за време на турското претседателство со ЕУ“. Во книгата „Европа 2030“ поранешни министри дадоа три различни перспективи на проширувањето.
Британската перспектива за ЕУ со Западен Балкан, Турција, дури и други земји-членки на ЕУ; германската, мислам од Јошка Фишер, за проширување со Западен Балкан, без Турција; и португалската (медитеранската) перспектива дека Македонија и Косово нема да станат членки на ЕУ поради билатерални спорови.
Со перспективите изнесени во „Европа 2030“ и Филевата перспектива „која не смее да се испушти“, како и претходната најава дека НАТО самитот во 2014 година ќе биде самит за проширување, со реализам треба да се соочиме дека во 2013 година можеби ќе се најдеме на раскрсницата, меѓу натамошни евро-атлантски интеграци или нивен застој на подолг период. Мора со крајно внимание да измериме што добиваме, што губиме. И покрај очекуваната подгреана политичка атмосфера во пресрет на локалните избори, на почетокот на 2013 година мора да посветиме внимание на ЕУ и на клучното прашање-добрососедските односи, и направиме сè што е можно за евроатлантската перспектива. Да, тешко дека ќе се помести спорот за името со Грција во следните три месеци, но мора со крајна одговорност од сите политички чинители да покажеме добра волја, и дополнително да направиме обид за постигнување на договор за добрососедство со Бугарија.
Почитуван Клековски,
Имам прашање Бр.1 до Вас : Сега , со оваа одлука на Брисел, ќе добиеме датум за преговори или не? Го поставувам ова прашање затоа што на ТВ ги слушам изјавите на компетентните претставници во Владата дека ова било НАЈДОБРАТА оценка за Македонија??? Има еден виц : “операција успешна, пацијент мртав”.
Прашање Бр 2. Само името е проблем? Да не е нешто друго во прашање?
( тука не мислам на јазикот, нацијата…) . Да не се валка нешто друго “позади Водно ” ?
Поздрав