Да се опишат соседските односи на Балканот, може да се употребат описи од двата екстрема од сестрински до душмански. Или, како што вели главниот негативец во филмот „Трето полувреме” на Балканот народите се „или роднини или душмани”. По противењето на Бугарија на одредувањето ЕУ датум за пристапни преговори за Македонија, македонски весник објави насловна страна – „Пукај бе, братучед, пукај“. Можеби за некого тоа е фигуративно изразување на близината со Бугарија, но за мене, и верувам и за многумина од Македонија тоа има буквално значење. Јас имам братучеди од сите соседни нации.
Комплексната историја на Македонија ги споила татко ми Панде, од село Прекопана, Вичо планина, Костурско, Грција, и мајка ми Убавка, од село Леуново, Мавровско. Селото на мајка ми е запалено од балисти во 1943 година, а на татко ми еднаш е запалено од Отоманци во 1902 година и од Грци во 1947 година, по што жителите се раселуваат. Тоа, како и другите услови, предизвикале семејствата да се растурат по целиот Балкан и подалеку. Така, денес, покрај Македонија, имам роднини-братучеди во Грција: Костур, Солун и Атина, во Бугарија: Габрово и Травна, во Србија: Белград и кум сум во јужна Србија итн… Најголем дел од најширокото семејство се чувствуваат Македонци, но има и такви кои се чувствуваат како Грци, Бугари или Срби. Веројатно имам роднини и Албанци. Пред 15-ина година бев во Вруток и секретарот на тогашната општина од ДПА, Куртеши, ми пријде и ми рече „земјак“. Да, Куртеши се од Леуново и според преданијата биле исламизирани Македонци. Од друга страна во Леуново се мешале со Шкретите, православна група која говорела албански јазик. Затоа тоа „пукај бе, братучед, пукај“ за мене има буквално значење и „и роднини и душмани“ ми е поадекватно од „или роднини или душмани“. И затоа за мене предизвик е постигнување на добрососедство, за да бидеме само роднини, а не и душмани.
И тој предизвик за добрососедство е асиметричен. Јас немам проблем со постоењето на Грци, Бугари, Срби и на Албанци. Немам проблем ниту со тоа што дел од моите роднини избрале да бидат нешто друго. Го почитувам нивниот избор. Но барам и мојот избор да биде почитуван. Не е проблемот во името на државата, ниту во филмот „Трето полувреме“, туку во непочитување на моето лично право за самоидентификација-да бидам Македонец. Предизвикот е асимитричен, бидејќи ние како „помало дете во семејството“ треба многукратно повеќе да се докажуваме пред нашите „постари браќа и сестри“. Така филмот „Трето полувреме“ е навредлив за Борисов, Премиерот на Бугарија, иако е цивилизациски дострел слободата на (уметничко) изразување во филмови, карикатури и карневали… Па јас лично истиот филм можев да го доживеам како македонски само-критичен: Скопје е претставен како град со верска сегрегација („секој во своето јато“), главниот негативец-бугарскиот командант на Скопје е по потекло од Македонија, што би рекле наш човек, прикажани се Македонци како нацисимпатизери итн. И сега што, да обвинувам дека филмот е анти-македонски!? Но истовремено, мене не треба да ме навредат глупавите и шовинистички шеги на Каракачанов и Димитров на бугарската национална телевизија.
Ние и се трудиме повеќе. Македонија не е посветена на добрососедството само затоа што министерот Никола Поповски ќе даде таква изјава. Ниту само затоа што судот во Хаг во пресудата за НАТО ветото од Грција, ќе констатира дека Македонија ја прекршила Привремената спогодба само еднаш, во 2005 година со одреден амблем на АРМ (м.з. не со спомениците), кој по реакцијата од Грција бил повлечен. Туку зошто добрососедствoто на Македонија е перцепирано од повеќето земји од Западен Балкан: Македонија има највисока перцепција за пријателски и неутрален однос. На пример во Албанија огромни 94,8% од граѓаните ја доживуваат Македонија како пријателска или неутрална, и покрај сите прашања околу македонското малцинство во Албанија или положбата на етничките Албанци во Македонија. Помал процент, 79,4%, од истите тие Албанци имаат такви перцепции за Бугарија, со која немаат вообичаени соседски проблеми.
Од друга страна, ниту во Македонија не доминираат анти-соседски чувства. Според Галуп Балкан Монитор, Бугарија ја доживуваат пријателска или неутрална 67,1% од граѓаните. Тоа е пониско од перцепцијата кон Косово (72,7%), Албанија (77,1%) или Србија (83,4%), но многу повисока од Грција (16,8%). А и кон Грција страдаме од амбивалентност, со огромни 77,7% граѓани што ја доживуваат Грција како непријателска, најмногу Македонци патуваат токму во Грција (бројот на патници во Грција ги надминува сите други земји).
И не треба да зачудуваат ваквите перцепции. Да го погледнеме последното тромесечје од оваа година. Може да ја видиме итрината на Србија, уште еднаш демонстрирана при посетата на Николиќ, претседателот на Србија, со неговата празна, ама добро пласирана понуда околу односите СПЦ-МПЦ и може да ја видиме агресивната реторика на Сали Бериша и Хашим Тачи, премиерите на Албанија и Косово, при прославата на албанското знаме во Скопје, а за изјавите на политичарите од Грција за неприфаќење на македонскиот идентитет и да не говорам. Борисов можеше да ја подобри перцепцијата кон Бугарија, но го избра патот на Грција. Така Србија успева да се претстави како помал „душман“ од другите соседи.
Да, поради асиметричноста, неправдата, смееме да биде лути. Но лутината не смее да ни биде пречка да размислуваме рационално. Да, мора да ОПСТОИМЕ, но треба и да размислиме што ние можеме повеќе да направиме за добрососедството. За почеток со Бугарија. Бугарија не е само Каракачанов и Димитров, патем и ние имаме такви примитивци. Да не запаѓаме во нивната замка ниту, пак, стравот за грчко-бугарски заговор. Маглена Кунева, поранешна евро-комесарка од Бугарија ќе ја прогласи бугарската политика како погрешна и контрапродуктивна и ќе рече „никој нема да се сеќава дека Борисов ја запрел Македонија на патот кон ЕУ, луѓето ќе речат: Бугарија нè запре“. Одлуката на Бугарија ја критикуваа и оценија како грешка сите поранешни претседатели на Бугарија: Жељу Желев, Петар Стојанов и Георги Парванов. Секако дека е неприфатливо да поради евроатлантските интеграции да дозволиме „Делчев да стане Бугарин“, но сигурно има простор за наша понатамошна, уште една демонстрација на добрососедска волја. За да бидеме само роднини, а не и душмани.
дишите на српски, какате на српски, мочате на српски, др*ате на срспки, се удварате на српски, се узбуџавате на српски, се е*ете на српски, се веселите, кршетавте деца, свадби правите на српски, во лифт, такси и во автобус се возите на српски.
Да редам ли уште?