Неделата на гордоста, посветена на ЛГБТИ-лица (лезбејки, геј, бисексуалци, трансродови, интер-секс) или родовата и сексуална разноличност, почна со правдање на организаторите дека нема воопшто да организираат парада позната како „геј прајд“. Немаше и „контра геј прајд“ закажан на фејсбук од непознати лица. А имало немил настан, кога е каменуван ЛГБТ-центарот во Старата чаршија во Скопје, за време на настан за отворање на неделата на гордоста.
Геј-парада немаше во Скопје, бидејќи организаторите процениле дека нема да има доволно учесници. Сакам да верувам дека тоа не е од страв од насилство – Боки 13 секој ден демонстрира родова и сексуална разноличност, па верувам дека е безбеден и покрај целиот говор на омраза против него. Верувам дека тоа е страв од неприфаќањето и стигматизираноста на сексуалната разноличност. Во земја што е конзервативна и каде е висока нетолеранцијата, хомосексуалците се непосакувани соседи за 78 отсто од граѓаните, најнепосакувани веднаш по лицата зависници од дрога и алкохол или тие со ХИВ-инфекција. Девет од десет граѓани на Македонија не ја оправдуваат хомосексуалност. И таквиот став не е цврсто поврзан со религиозноста, етничката или партиската припадност. На скалата од 1-целосно неоправдано до 10-целосно оправдано, оправданоста на хомосексуалноста е 2,1, а по групи таа кај етничките Македонци е 2,3; кај етничките Албанци е 1,5; кај нерелигиозните лица е 2,8; кај религиозните 2,0; а кај симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ е иста.
Некој би рекол, ете до каде нè доведе власта на ВМРО-ДПМНЕ. Но нетолеранцијата кон сексуална разноличност е со многу подлабоки корени. Неколку примери. Во периодот кога наводно беше подобро, во времето на СФРЈ, машката хомосексуалност била кривично дело – декриминализацијата се случи во независна Македонија. Хомосексуалноста сè уште е законски забранета во околу 70 главно исламски земји во светот. Хомосексуалноста се сметала за нарушување на личноста и однесувањето сè до 1992 година, кога е избришана од листата на нарушувања на сексуалната наклоност во Меѓународната класификација на болести – 10 Класификација на ментални и нарушувања на однесувањето.
И со длабоки корени, сексуалната разноличност не беше на политичкиот дневен ред до неодамна. Доказ за тоа се Законот за работни односи и Законот за заштита на правата на пациентите. Законот за работни односи, донесен во 2005 година, со член 6 ја забранува дискриминацијата меѓу другите основи и таа на основа на „полова насоченост“. Во Законот за заштита на правата на пациентите, донесен во 2008 година, во времето на оваа власт, со член 5 се гарантира остварувањата на правата без дискриминација меѓу другите основи и на основа на сексуална ориентација. Сексуалната разноличност влезе во дневната политика со донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација во април 2010 година, кога власта не ја наведе експлицитно сексуалната ориентација во основите на дискриминација. Прашањето доведе до дебата во која таквото решение беше поддржано од МПЦ и ИВЗ, а жестоко критикувано од повеќе организации за човекови права и опозицијата, како и од ЕУ. Неспомнувањето на сексуалната ориентација во законот не значи и непостапување на Комисијата за заштита од дискриминација. Комисијата по претставка во 2011 година за учебник за гимназија „Педагогија“ од 2005 година, во кој хомосексуалноста се третира како опачина на сексуалниот живот, донесува препорака за измена на содржината поради вознемирување по дискриминаторска основа. Значи сексуалната ориентација и законски и во пракса е прифатена како основ на дискриминација.
Како и да е, сексуалната разноличност стана дел од дневната политика, каде што и опозицијата во околина на конзервативност и на сопствените симпатизери се врти околу прашањето како дожд околу Крагуевац. Таков ми беше впечатокот кога ја читав реакцијата на ЛДП за каменувањето на ЛГБТ-центарот, каде зборовите секс или хомосексуалност, се внимателно избегнати и заменети со „маргинализирана малцинска група“. Во првото читање помислив дека се нападнати Роми, бидејќи за мене првата асоцијација на маргинализирана малцинска група, се Ромите, не се ЛГБТ-лицата.
ЛГБТ-лицата и поддржувачи се чувствуваат загрозени, чувствувајќи дека конзервативците вршат упад во интимноста. Од друга страна, повеќе граѓани пак сметаат дека интимно прашање се пренесува во јавната сфера и се противат на тоа. Веројатно за многумина хомосексуланоста не е проблем сè додека е во приватната сфера, а станува проблем со претераниот и преагресивен начин на изразување во јавниот простор, посебно во барањата за истополови бракови. Дали тоа ги прави хомофоби? Во аналогија, дали барањето верата да остане во приватната сфера, на пример во Франција, со законите за забрана на носење шамии, ги прави тие луѓе фобични на религија? Несогласноста не е фобија. Како што и толеранција не значи согласност со други ставови, туку заемно почитување и покрај разликите во ставовите. Затоа може да се дебатира дали хомосексуалноста е природна или не, дали е биолошка, психолошка или социолошка, секако на еден цивилизиран начин од сите страни.
Мора да има простор за несогласување, но не смее да има простор за насилство и нарушување на основните човекови слободи и права на изразување, здружување и собирање, како и на еднаквоста на граѓаните. Ненасилството, слободата и еднаквоста се неприкосновени без разлика на политичките или други ставови, вклучувајќи и ако тие ставови се конзервативни или националистички.
Фрлен камен на ЛБГТ-центарот, е исто како и фрлениот камен на верниците на утринска богослужба во црквата „Св. Ѓорѓија“, или на каменуваните деца на автобуски станици. Никој не смее да фрли камен, ако тоа се случи мора да се направи сè да се пронајдат и казнат сторителите.
Сите се лутиме кога не го почитуваат нашиот етнички идентитет или нè нарекуваат со погрдни имиња кои го повредуваат нашиот идентитет. Јас имам мои црвени линии за мојот културен идентитет како етнички Македонец. Очекувам и барам од другите да го почитуваат тоа дека сум Македонец и така да ми се обраќаат. Како тогаш јас да не почитувам нечиј друг избор за родов или сексуален идентитет?
@sklek хаштаг: #РодоваИСексуалнаРазноличност
Не знам како може воопшто да дебатираме дали хомосексуалноста е „природна или не“ – за што стои „не“ – може да биде „вештачка“?
ЛГБТ лицата не се „чувствуваат загрозени“. Тие дефакто се загрозени и Републиката не презема ништо околу тоа.
Многу забавно е тоа што ја поистоветуваш судбината сите ЛГБТ лица со некој што настапува од позиција на привилегија во ентертејмент индустријата.
Аналогијата со религијата исто така е супер. Дали во Франција муслиманите не можат да стапат во брак и да ги уживаат правата што им следуваат (што знам, заедничка пензија на пример)?
И дали сакаш на крај да кажеш дека хомосексуалноста е општествено конструирана како што е тоа случај со културниот идентитет? Екстра.
Здраво Новица,
Кога одреден коментар ќе го категоризираш како глуп (како што направи на твитер), не оставаш простор за било каква аргументирана расправа. Но сепак неколку одговори.
Ако нема простор за дебата, односно ако настапуваш од позиција на апсолутна вистина, хомосексуланоста се уште ќе беше кривично дело (декриминилизрано 1996 година) или болест (избришана од МКБ-10 во 1992 година). Бидејќи тогаш тоа биле апсолутните вистини.
Јас немам видено ниту една релевантна институција која има прифатено една единствена дефиниција за основите на хомосексуалноста. Ако имаш ти сподели ја со мене.
За загрозеноста, јасно имам наведено дека земјава е конзервативна и нетолерантна, и дека осудувам насилство и што повеќе да додам.
Аналогијата со религијата е многу едноставна. Луѓето кои бараат религијата да остане во сфера на приватно не се фоби. Луѓето кои бараат хомосексуланоста да остане во сферата на приватното се хомофоби. И не е дискриминација да може да носи шамија како моден детал, а не може да се носи како верски знак?
Што е хомосексуалноста, веќе ти одговорив да ми наведеш релевантна институција која има прифатено една единствена дефиниција за основите.
Но тука не сум бил доволно јасен можеби: што и да мислиме за хомосексуалноста, неприкосновено е ненасилството, слободата (секој да биде вистинскиот тој) и еднаквост. Бидејќи јас се борам за мојот идентитет не оспорувам ничиј друг идентитет. Сите ЛБГТИ луѓе имаат слобода тоа да бидат, и за мене се еднакви граѓани.
Поздрав!
СК
Здраво Сашо,
Прости ако си се почуствувал навреден од мојата реакција на твитер.
Во остатокот од коментарот продолжуваш да релативизираш и штета што е така.
Во колумната велиш „да се дебатира дали хомосексуалноста е природна или не“ – прашав што значи „не“? Дали значи дека може да биде „вештачка“? На пример од тоа што може да се заклучи од википедија: Along with bisexuality and heterosexuality, homosexuality is one of the three main categories of sexual orientation within the heterosexual–homosexual continuum.[1] There is no consensus among scientists about the causes of why a person develops a particular sexual orientation;[1] however, biologically-based theories for the cause of sexual orientation are favored by experts,[3] which point to genetic factors, the early uterine environment, or both combinations.[4] Moreover, there is “no substantive evidence” which suggests parenting or early childhood experiences play a role.[4] While there are those who still hold the view that homosexual activity is “unnatural” or “dysfunctional”,[5][6] research has shown that homosexuality is an example of a normal and natural variation in human sexuality and is not in and of itself a source of negative psychological effects.[1][7] Furthermore, most people experience little or no sense of choice about their sexual orientation[1] and there is insufficient evidence to support the use of psychological interventions to change sexual orientation.[8] Prejudice and discrimination against homosexual and bisexual people (homophobia) have, however, been shown to cause significant psychological harm, and are especially damaging to children who are homosexual or bisexual.[7][8]
… дека има луѓе што сметаат дека таа е неприродна, но тоа е спротивно на сите научни истражувања. (Линковите до тие што велат дека е неприродна се на http://www.religioustolerance.org/ – па ти сам валидирај колку нивните ставови се релевантни / научни / не знам.)
Понатаму, можеби било така да науката ја третирала хомосексуалноста како болест некогаш (не можам да најдам точна референца сега), но веќе не е така (поради најдените докази) и според тоа не гледам како може да дебатираме за тоа (без притоа да се понудат нови докази?)
Од друга страна да мешаме како науката третира нешто со тоа како законот (нелегална хомосексуалност) третира нешто е мешање баби и жаби.
Понатаму, продолжуваш да споредуваш со религија. Не знам како е во Франција, но од она што го има на нет специфичноста на употребата религисти симболи е прецизно одредена: https://en.wikipedia.org/wiki/French_law_on_secularity_and_conspicuous_religious_symbols_in_schools . Така што дискусијата за „јавната сфера“ е неодредена, широка, служи како магла пред очи…
На крај, добро е што за тебе се еднакви граѓни и ЛГБТ луѓето. Можеби ќе се залагаш да можат да користат заедничко здравствено осигурување од државата.
Поздрав.
н.
Здраво Новица,
Па „глуп“ не е добар почеток на било која конверзација.
Самиот велиш дека нема консензус за причините зошто некој човек развива одредена сексуална ориентација. („There is no consensus among scientists about the causes of why a person develops a particular sexual orientation).
Чим нема консензус значи дебатата е отворена.
Аргументот за декриминализацијата (1996 г.) и за бришењето од регистарот на болести (1992 – патем има линк до документот во мојот напис http://www.who.int/classifications/icd/en/bluebook.pdf) ги наведувам не да ја осудам хомосексуланоста, туку да укажам дека само со прифаќање дека нема АПСОЛУТНИ ВИСТИНИ може да стигнеме до вистината.
И сегашните теории за хомосексуалноста не смеаат да се прифатат како апсолутни вистини.
Јас сум доктор по медицина по образование и мојот став е дека најголем дел од појавите се КОМПЛЕКСНИ и дека сите кои се обидуваат да најдат ЕДЕН ОДГОВОР на комплексни прашања крајно ги ПОЕДНОСТАВУВААТ работите. Еден период сите појави се објаснуваа генетски, што значи дека човек нема никаква контрола врз својот живот. Јас одбивам мое постоење каде моето постоење зависи од моите гени, а не од стекнатите искуства и моите одлуки. Тоа го засновам на лично искуство. Инаку најголеми „љубители“ на генетиката и на чистотата на гените беа нацистите:)
За мене се еднакви сите луѓе!
Поздрав,
СК
Мои пријатели ме уверија дека не е точен мојот исказ дека Боки 13 бил безбеден, туку дека бил неколку пати физички нападнат. Исто така ми посочија неколку примери на физички закани врз ЛГБТИ кои не се познати на јавноста. Се извинувам за моето непознавање! Се извинувам ако тоа го релативизира постоењето на загрозеност од насилство на ЛГБТИ луѓето!
Сашо Клековски
Хаха чери-пикинг на референците од Википедија.
Да се повторам: Во колумната велиш „да се дебатира дали хомосексуалноста е природна или не“ – прашав што значи „не“? Дали значи дека може да биде „вештачка“?
Мислам дека е очигледно од сите наведени точки дека што се однесува до рационалниот распит на науката хомосексуалноста е природна, а се дебатира за тоа кои и колку биолошки фактори влијаат.
Така што, да видиме што е отворено за дебата? Дали хомосексуалноста е природна или не? Хмммм.. https://en.wikipedia.org/wiki/Homosexuality_in_animals
Поздрав и дочитање.