Пријателски трговски спор

Неделата на граничните премини меѓу Македонија и Косово беше како сите вообичаени денови, со ништо не откривајќи дека претходната седмица таму се одвиваше косовско-македонскиот трговски спор. Тој, како што одеднаш настана и ескалираше, така и се реши. Останаа многу непознати, и покрај многуте анализи.

Во една работа сите анализи се согласуваа: трговскиот спор не беше во интерес ниту на Косово, ниту на Македонија ниту на нивните граѓани. Во ниту еден момент не можеше да се идентификува јавниот интерес кој би се бранел. Доколку не станува збор јавен интерес, мора да се бараат специјални интереси. На специјални интереси укажува изборот на времето. Трговскиот спор ескалира една недела пред завршувањето на нетарифната мерка на Македонија за увоз на брашно од ЦЕФТА земјите. Едноставно трговскиот спор започна во момент кога било јасно дека тој може да трае кратко и дека на 15 септември ќе се реши. Покрај времето, втора работа која укажува на специјални интереси е несоодветноста на мерките 10092013093405_kosovo granica kamioniшто се презедоа. Косово воведе трговско ембарго на увоз на одредени македонски производи, што не е соодветна постапка според ЦЕФТА за одговор на нетарифната мерка на Македонија за увоз на брашно, и секако е задоцнет одговор бидејќи времето за мерката истекуваше. Но и Македонија одговори несоодветно со мерка која го отежнува слободното движење на граѓаните на Косово. Веднаш потоа македонските транспортери ја блокираа границата, освен за пешаци. Целиот спор се разви за неколку дена и тоа преку викенд, кога најголем дел од институциите не работат, што е навистина за чудење.

Доколку станува збор за фрустрација на Косово поради огромниот трговски дефицит кој го има со Македонија, можеби треба да се разговара навреме. Особено ако и претходно најавената косовска мерка за такса за македонските транспортери, одложена за по септември, е поврзана со истата фрустрација од трговскиот дефицит. Потсетувајќи се на најавата за такса за македонските транспортери, всушност ја разбрав реакцијата на македонските транспортери организирани од „Макам-транс“. „Макам-транс“ демонстрира како би реагирале и на воведување на такса за македонските транспортери од страна на Косово, мерка што многу би го погодила.

Кои се другите интереси, што можеби се проткаени во трговскиот спор. За некои од аналитичарите, кои за што и да се случи вината ја гледаат во ВМРО-ДПМНЕ, трговскиот спор беше спин на ВМРО-ДПМНЕ, за да го одвлечи вниманието од спорот за името, актуелно во истите моменти, поради посетата на Метју Нимиц на Грција и Македонија. Ова теза има два недостатоци. Првиот недостаток, на Македонците ништо не може да им го одвлече вниманието од спорот за името. Името е премногу важно прашање, за да биде фрлено во сенка од трговскиот спор. Вториот недостаток, таква мотивација има Владата на Косово, која во периодот на спорот, во Брисел, преговарала со Србија и постигнале договор за телекомуникациите и за енергетиката, а се разговарало и за локалните избори. Постигнатите договори се статус неутрални, што го вклучува и инсистирањето на Србија да српскиот телеком оперира на Косово и тоа без роаминг-цени.

Македонската влада не ќе мора дополнително да го оправдува укинувањето на нетарифната мерка за пченица и брашно. Наспроти постојаните очекувања за државен протекционизам на производителите на пченица, со трговскиот спор на сите им е јасно дека таквите мерки ќе предизвикаат повеќекратно поголеми штети врз другите сектори на индустријата за храна.

Доколку не е до крај јасно дали и кои специјални интереси се причините за трговскиот спор, тој се употреби за две работи: демонстрација на моќ, и на капацитет за решавање на проблеми. Двете страни во јавноста демонстрира моќ и капацитет да ги заштитат националните интереси. И двете страни воскликнаа дека решиле проблем. Во косовските медиуми заменичката на косовскиот премиер Мимоза Кусари Љиља, објавила дека македонската влада ќе ја укине нетарифната мерка, што беше познато пред трговскиот спор, и демонстрирала како без такса се поминува границата, такса што ја немаше пред да настане трговскиот спор. Наместо решавање на реални проблеми, создаваш проблем што потоа го решаваш и се фалиш наоколу како си го решил проблемот.

Македонската јавност се запозна заменичката на косовскиот премиер Мимоза Кусари Љиља, која од косовска страна преговараше за трговскиот спор. Таа доаѓа од партијата Алијанса за ново Косово на Беџет Пацоли, која тврди дека е либерална партија, а спроведува нелиберални трговски ембарга. Поважно е дека Мимоза Кусари Љиља е кандидатка за градоначалник на Ѓаковица/Ѓакова на локалните избори што ќе се одржат на 3 ноември 2013 година и има потреба од самопромоција.

Трговскиот спор меѓу пријателските Косово и Македонија го решаваа Мимоза Кусари Љиља и Ваљон Сарачини. Куроизитет е дека трговскиот спор го решаваа двајца етнички Албанци. И плус двајцата по потекло од Ѓаковица/Ѓакова.

Кои и да биле специјалните интереси поради кој дојде до трговскиот спор, двете страни не смеат да си дозволат вакви ситуации. Таква пародија да македонско-косовската граница биде блокирана, а со патничко возило да влегуваш во Косово преку Србија, не ни треба. Косово и Македонија се пријателски нации, важни трговски партнери, и несериозно е тоа да се загрозува поради било кој ситен интерес.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.