Трета, шеста или втора опција

Спроти основањето на Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) на 28 септември 2013 г., како и најавата за основање на Позитивна Македонија, повторно во јавноста се расправа за потребата од трета опција, алтернатива на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Но кога зборуваме за трета опција, дали сме прецизни, дали навистина зборуваме за трета опција. Да се зборува за трета опција е неточно. Ваквото тврдење не е поткрепено само со фактот дека во 1236181_552618534793346_614832075_nМакедонија има над триесетина регистрирани партии. Ниту пак дека има повеќе од десетина парламентарни партии. Да се зборува за трета опција е доста етноцентричен концепт, бидејќи надвор од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како парламентарни партии со самостоен настап се и ДУИ, ДПА и НДП. ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА имаат доволно избори зад себе, може да се сметаат за одржливи. Тие четири партии ги опишувам како големата четворка. Бидејќи веќе имаме пет, односно четири стабилни политички опции, можеме да говориме за шеста или евентуално петта опција.

Во раните години Македонија имаше исклучително разнолична партиска сцена. Но воведувањето на пропорционалниот систем, кој нема формален изборен праг, но има суштински, го фаворизира коалицирањето, и намалувањето на опциите надвор од големата четворка. Македонија имаше две трети опции – Либерал демократската партија (ЛДП) и Демократската алтернатива (ДА). Другите нови партии со одреден успех на изборите беа отцепени фракции од главните политички партии, како на пример ВМРО-НП и НСДП, две партии кои во првите избори на кои учествуваа постигна одреден успех, но кои се тек на времето се маргинализираа. Во 1998 година и ЛДП и ДА беа значајни политички фактори, со по околу 10 проценти на гласачи, на различните листи. Причините за исчезнување на партиите надвор од големата четворка, треба да се бараат во отсуството на внатрешна партиска кохезија. Додека и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, па и ДПА успеа да ги надминат фракционерските расцепи и да ги вратат отцепените гласачи, тоа не беше случај со ЛДП на пример. ЛДП настаната со обединување на ДП, Слободни демократи, ЛП и други партии, но со тек на времето полека се раситнуваше со излегувањето на ЛП, ДОМ и фракцијата на Стевче Јакимовски. По неуспехот со самостојниот настап на изборите во 2011 година, ЛДП не може да се идентификува по свои посебности.

И покрај таквата историја, одреден простор за нови политички партии постои. Според различни анкети секој втор до секој трет граѓанин, или 50 проценти до 30 проценти од граѓаните се неопределени. Но тоа не е различно од други земји. И покрај ваквиот процент на неопределени, не треба да се занемари фактот дека Македонија веќе има четири стабилни партии, односно дека гласачкото тело е веќе релативно фрагментирано. Оттука доста веројатно е простор за нови политички партии да биде просторот кој претходно го зазема постојна партија. Такво е искуството и во регионот – јакнењето на нови партии да биде на сметка на постојните партии. Во Бугарија Обединетите демократски сили, беа заменети од Националното движење – Симеон Втори, а овие пак ги замени сегашниот ГЕРБ. Во Словенија пак, Позитивна Словенија го зафати просторот на традиционалната левица.

Но во основа во Македонија, ако се оценува според политиките, не ни треба трета опција, туку втора опција. Во Македонија доктрина и програма има ВМРО-ДПМНЕ. Иако и таа е ограничена од националната култура на егалитаризам, национализам и социјалана конзервативност. СДСМ нема своја доктрина. Ние имаме „демохристијани и социјалхристијани“. СДСМ, наместо да чека граѓаните да се изморат од власта на ВМРО-ДПМНЕ, мора да се одлучи за „девмроизација на СДСМ“.

Констатицијата дека СДСМ нема своја доктрина, туку „играат на домашен терен“ на ВМРО-ДПМНЕ, е издржана. Да, СДСМ е за прогресивен данок, наспроти рамниот данок на ВМРО-ДПМНЕ. Но што друго? Во политичкиот систем и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се против пропорционален систем со отворени листи, бидејќи постојниот ги фаворизира големите партии и нивните лидери. СДСМ секогаш кога може се обидува да плива на брановите на национализмот. Дури и ВМРО-ДПМНЕ, смогна сили да избере муслиман во своето потесно раководство, чекор што во СДСМ не се направи. ВМРО-ДПМНЕ грубо ја гази децентрализацијата кога националните власти спроведуваат локални проекти со игнорирање на локалните власти, кога се од опозицијата. Но СДСМ направи невидена партиска централизација кога се одлучи локалните партиски раководства да бидат избирани централно, од претседателот на партијата. Да не се повторувам за веќе анализираното кокетирање на СДСМ со црквата и социјално конзервативните вредности.

И недостигот на доктрина и политика, се надоместува со „нови лица“ – постојано воведување во политичкиот врв на сè помлади и помлади лица. Шансата за нова политичка опција не е само во големиот број на неопределени граѓани. Шансата не е во трета опција! Нам не ни требаат нови луѓе со стари политики! Нам ни требаат нови политики! Затоа не ни треба трета, шеста, туку втора опција, со втора политика која е јасна алтернатива на постојната политика. Алтернатива и за политичкиот систем, и за меѓуетничките односи, и за растот и развојот, и за децентрализацијата, и за сите подрачја. Доколку СДСМ не изгради јасни алтернативи на постојните политики, нова опција, нова партија ќе добие своја шанса. По ЛДП и ДА, можеби ќе има „трета мајка“ за новите опции, како ГРОМ или Позитивна Македонија, или други партии што ќе понудат алтернатива.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.