Името наспроти ЕУ и НАТО – лажна дилема?

Насловот на мојот коментар е насловот на дебата што се одржа на 2 октомври, а на која не можев да учествувам поради отсуство од земјата. Дебатата е дел од серија дебати „Сто години Балкански војни – време за помирување“. Во воведот за дебатата се поставени повеќе прашања: првoтo, дали државата (името) е гарант за идентитетот или обратно; второто, дали спорот за името е спротивставен на интеграциите во ЕУ и НАТО (идентитет наспроти благосостојба); третото, дали интеграциите во ЕУ и НАТО се избор или нужност; и четврто, дали во решението треба да учествува јавноста (референдум). Дел од прашањата ја одразува загриженоста на етничките Албанци за сегашниот статус на евроатлантските интеграции. Бидејќи прашањата ја искажуваат искрената загриженост на дел од граѓаните на Македонија, заслужуваат искрен одговор и дебата.

Дали името на земјата и идентитетот, се неразделиви? Одговор со прашање: ако на албанското знаме се додадеше одреден елемент, да се разликува од знамето на Република Албанија, компромис кој го бараа етничките Македонци, дали тоа ќе влијаеше на идентитетот на етничките Албанци во Македонија? Јас верувам дека немаше да влијае, но етничките Албанци беа непопустливи по тоа прашање, сметајќи го знамето за интегрален дел од идентитетот. Зошто тогаш нема разбирање дека името на државата Македонија е интегрален дел од идентитетот на етничките Македонци? Но да одговорам директно, Македонци ќе има и ако државата се нарекува поинаку. Затоа што во Северна Ирска живеат Ирци, или во Велика Британија живеат Англичани, Шкоти итн. Затоа што Македонци живеат и во држави кои се викаат Албанија, Србија, Бугарија, Грција итн. Затоа што пред сè важен е националниот дух. Непопустливоста за името на државата е рефлексија на длабоката недоверба дека спорот не е за името на државата туку за идентитетот.

go-macedoniaДали ЕУ и НАТО се опција, избор или нужност? Дали ако не се интегрираме во ЕУ и НАТО ќе се зголемат другите (читај меѓуетничките) проблеми? ЕУ и НАТО се нужност за постигнување просперитет? Но тие не се гарант за просперитет и благосостојба. Од секоја земја, од нас зависи колку просперитет и благосостојба, ќе постигнеме, а ЕУ и НАТО можат само да го помогнат тоа, но не можат да нè заменат. Затоа има длабока економска криза во некои земји-членки на ЕУ, а просперитет во некои кои не се. Тогаш се нужност бидејќи ќе ги гарантираат меѓуетничките односи во земјава. Како ЕУ и НАТО ќе бидат гарант за меѓуетничките односи ако не се гарант за земјите членки? Зошто членки на ЕУ и НАТО со соочуваат со предизвици на интегритетот? Зошто Шкотска ќе одржи, а Каталонија бара, а прашање е на време кога Фландрија ќе побара референдум  за независност? Што кога ќе ја постигнеме целта, кога ќе бидеме член во ЕУ и НАТО? Која заедничка цел, идеја, сон ќе нè задржи заедно нас етничките Македонци и етничките Албанци? ЕУ и НАТО не можат да бидат цел, туку средство за постигнување на заедничка цел.  Доколку помирувањето било толку едноставно, сите ќе бевме помирени досега! 

Како до решение? Решение со закани за изолација, за проблеми? Па сигурно етничките Албанци најдобро знаат од сопствено искуство дека со закана не се решаваат идентитетски прашања.

Решение со залажување? Како онаа смешното дека идентитетските прашања не биле дел од спорот? Треба Бугарија и Грција да ни нацртаат? Опстанавме, кога сите се надеваа дека брзо ќе пропаднеме. Грција во недостаток на својот прв избор, Македонија да ја нема, се приближуваат до ставот на Бугарија: Македонците и македонскиот јазик, според нив како творба на комунистите, да се ограничат само на Република Македонија и само по 1944 година. Затоа Бугарија бара откажување од малцинството (нема Македонци надвор од Република Македонија) и додефинирање на јазикот – македонски јазик (според Уставот на РМ). Грција има и дополнително барање, јасно да се разликуваме од нивната античка Македонија, која им припаѓала само на нив, со тоа што ќе станеме „Горна Македонија“ и славомакедонци.

Решение со став дека треба да водиме реал политиката? Кога синовите на македонските борци повикуваат на реал политика, не можам да се изначудам. Та, нашите татковци и дедовци да водеа реал политика ќе немаше АСНОМ, ќе немаше македонска држава и химна. Нашата држава е резултат на изборот на нашите предци кои наместо благосостојба преку асимилација, го избрале идентитетот.

Всушност, во ставот „името наспроти ЕУ и НАТО – лажна дилема“, содржан е и одговорот, не е лажна едната, туку двете дилеми: идентитетот и просперитетот не зависат од никој друг, идентитетот и просперитетот зависат од нас. За да се отстрани дилемата име или ЕУ/НАТО, мора да се постигне национално единство по оваа прашање. И во име на националното единство да се обидеме да постигнеме компромис со Грција. Но да правиме нови отстапки кои нема да доведат до ЕУ и НАТО членство, ќе испаднеме многу глупави. Мора да се обезбеди дека евентуалниот договор со Грција нема да го засега идентитетот и тоа преку моментот на стапување на сила на евентуалниот договор со Грција. Ќе се повторам. Ние со Грција имаме и привремена спогодба и судска пресуда, која Грција не ја почитува. Која е гаранцијата дека ќе почитуваат нова спогодба? Дека нема да има нови уцени? Единствен начин да се обезбеди дека со нова македонска отстапка ќе се постигне интеграција во ЕУ и НАТО е да се отстрани можноста за нови уцени од Грција. За тоа е потребно да договорот за спорот за Грција се применува од денот на членството на Македонија во ЕУ.

***

Во Брисел, Али Ахмети покрај спорот за името, според медиумите изјавил дека албанскиот јазик како втор службен јазик е последниот неисполнет дел од Охридскиот рамковен договор. Употребата на албанскиот јазик е уредена со Уставот и со закон изгласан од пратениците на ДУИ. Доколку изјавата е да се направи притисок за името, тоа е погрешен чекор и ќе ги отежне и спорот за името и меѓуетничките односи. Доколку е реално барање тогаш е погрешна порака до етничките Македонци: во момент кога бараш компромис за името, да инсистираш на сопствени идентитетски (јазични) потреби. Подобро Али Ахмети да ни даде пример за компромис со поддршка на интегрирана, споделена иднина, на пример со поддршка на интегрираното образование.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.