Ахмети – предлог за капитулација, лоша анализа или кампања?

Иницијативата на Али Ахмети, претседателот на ДУИ, за добрососедските односи и спорот за името, доби нови димензии со неговата посета на Грција, која дојде по одредено летно затишје. Сега е појасно е дека неговата јулска иницијатива за „отворање на дијалог за спорот за името“, не е само ад-хок акција, туку се повеќе планирани чекори, подржани од повеќе чинители.

Прво, добро е да се расчисти една дилема: дали Али Ахмети има  право на такви чекори како посетата на Грција, односно дали тој води паралелна надворешна политика. Одговорот е едноставен, да, Али Ахмети има право да има сопствени надворешнополитички средби. Како што тоа го прават ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со надворешнополитички средби, кои ги имаат во рамките на соодветните европски партиски сојузи или на билатерално ниво. Секако, правото на надворешнополитички средби не ја исклучува политичката одговорноста и посебно одговорноста за заштита на националните интереси.

Од иницијативата на Али Ахмети досега можевме да разбереме две работи: кој е последниот предлог на Метју Нимиц, како и дека според него сега постојат услови за разрешување на спорот за името. Што би рекле кумановци „к’д ако не с’к“.

ahmeti-predlog-za-kapitulatsija-losha-analiza-ili-kampan-aЗа комплетирање на сознанијата за последниот предлог на Метју Нимиц, покрај директната изјава на Али Ахмети дека предлогот е „Горна Република Македонија“, треба внимателно да се анализира изјавата дека проблем претставува противењето на ВМРО-ДПМНЕ да се промени уставот. Со интерпретација на оваа изјава може да се заклучи дека опсегот на употреба на договореното име опишан како “најширока можна употреба“ не исклучува и промена на Уставот, односно прифаќање на грчката позиција за сложено име за севкупно употреба или “ерга омнес“. Во досегашната комуникација нема детали како ќе се регулира државјанството и што не е  најважното прашање, какво што е прашањето како ќе се дефинира јазикот. Можно е во предлогот да не е предвидено решавање на оваа прашање, но мора да се земе предвид ставот на Грција за решение што нема да го засегне грчкиот карактер на Македонија. Така што нема да биде изненадување барање за т.н. додефинирање на јазикот со придавки, додавки, загради, на пример како  славомакедонски или македонски (јазикот според уставот на Горна Република Македонија) итн. Додефинирање на јазикот бара и Бугарија со предлог тоа да биде македонски (според Уставот на Република Македонија). И долга борба за правото на употреба на придавката „македонски“.

Како и да е иницијативата на Али Ахмети овозможи да добиеме ориентација за предлогот на Метју Нимиц, кој најверојатно има две фази. Првата фаза е „Горна Република Македонија“ со „најширока можна употреба“, што во основа е нова привремена спогодба. Со тоа име Македонија би била примена во НАТО (со што САД би го постигнале тоа што нив ги интересира) и би започнала преговорите со ЕУ. Во втората фаза, би се реализирало грчкото барање за „ерга омнес“. Таа фаза би била пред завршување на процесот на ЕУ интеграции кога Македонија би одржала референдум, дали е за членство во ЕУ под новото име. Спојувањето на референдумот за членство во ЕУ и референдум за спорот за името е единствениот можен начин граѓаните на Македонија евентуално да се изјаснат позитивно за решение за спорот за името.

Збунува оцената на Али Ахмети дека сега е моментот за решение за спорот за името. Последните месеци имаше низа изјави од европски и од американски чинители кои укажуваа дека спорот за името не е висок приоритет на меѓународната заедница. Така, според Синди Даазе, експерт за меѓународно право од Универзитетот во Лајпциг, спорот за името, како и пресудата на меѓународниот суд, не е приоритет на меѓународната заедница бидејќи спорот не е безбедносен, туку е политички. Даниел Сервер, експерт за регионот, како и Кристофер Хил, поранешен амбасадор на САД, изјавија дека спорот за името не е приоритет во САД. Но не само што не е приоритет на САД, туку не е приоритет ниту на Грција. Тоа го потврдува новоименуваниот американски амбасадор во Грција Дејвид Пирс, кој изјавил дека економската криза во Грција го отежнува решавањето на спорот за името со Македонија. При посетата на Андони Самарас, грчкиот премиер на Вашингтон доминираат безбедносни теми (воена соработка, Блиски Исток, Кипар), како и економската состојба во Грција, но без збор за спорот за името. Потврда за нискиот приоритет на името дава и Мариа Јанакаки пратеничка во грчкиот парламент од Демократската левица, која во интервју изјавува „проблемот со името беше занемарен од Грција“. Прашана дали очекува скоро решение на спорот за името Мариа Јанакаки одговара „Не. Ова го мислам бидејќи потребно е да се согледа сегашнава ситуација во Грција, односно поради популизмот како тој на Златна Зора и затоа не верувам дека ќе имаме едно ако можам да кажам ‘прогресивно’ решение, односно решение кое ќе биде прифатено во денешните историски околности.“ Од тоа може да се заклучи дека за Грција сега нема услови за решение за спорот за името, дури и ако тоа е сложено име за севкупна употреба.

Се отвора дилемата зошто иницијатива на Али Ахмети, доколку сите изјави говорат дека не постојат услови за решението на името во Грција.

Не верувам дека Али Ахмети предлага капитулација (прифаќање на договор со отворен крај и можности за нови уцени од страна на Грција). Посебно капитулација, која не би била прифатена од Грција и би била залудна, кога шанси за капитулација имавме безброј пати минатите 20 години. И не го очекувам тоа од човекот кој смета дека е оправдано насилство за остварување на човекови права, како што тој го образложува насилството во 2001 година. Сигурен сум дека разбира дека правото на самоидентификација е човеково право. Не верувам и дека е лоша анализа. Али Ахмети ја презеде иницијативата која американската дипломатија ја споменува како потребна за да се зголеми интересот на Вашингтон. Со тоа Али Ахмети и најверојатно ѝ прави услуга на надворешната политика на Македонија. Прави услуга и на неговиот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ, со тоа што ДУИ го презеде политичкиот товар на иницијативата. ВМРО-ДПМНЕ добива и оставајќи го Али Ахмети самиот да ја осети грчката позиција (незаинтересираност). Секако, Али Ахмети не би го направил тоа, ако не добиваат и самиот тој и ДУИ. Кој гласач на ДУИ ќе се сомнева дека ДУИ не направила сè што е во нејзина моќ да го оствари ветувањето за евроатлантските интеграции? Дали иницијативата на Али Ахмети ќе остане само кампања, ќе биде појасно по посетата на Метју Нимиц и особено по изборите во Германија.

2 thoughts on “Ахмети – предлог за капитулација, лоша анализа или кампања?”

  1. Почитуван Мој Клековски,
    Прво за Али Ахмети :
    Кој го овластил Ахмети да разговара , преговара, договара од името на македонските институции на системот? Ахмети е САМО претседател на пол. партија и пратеник ( на папир ). Значи ли тоа дека легалните министерства кои се задолжени за обавување на тие прашања се ставаат аут? Не е ни чудо тоа имајќи во предвид кој е Министер за Надворешни работи , она детулено де јуре Министер, де факто поштар, па Ахмети си дозволува комоција да обавува паралелна надворешна и внатрешна политика. Последниве неколку месеци Ахмети беше во ЗВАНИЧНИ посети на Брисел, Вашингтон, Софија и Атина. За што разговарал, преговарал, договарал?
    Проблемот на нас во Македонија е отсаството на Национална Стратегија која ја имаат СИТЕ сериозни држави во Светот.Затоа и доаѓа до тоа да секој си води сопствена политика, се разбира различна, создавајќи при тоа конфузија во главите на странциве.
    Тотално не единство.
    За Грција:
    А да те прашам нешто: Зошто да брза Грција во решавањето на проблемот со името? Грција има накакви реперкусии со тоа што го кочи влезот на Македонија во НАТО и ЕУ ? НЕ. Никаде не и се брза. Нас ни се брза, ако ни се брза?
    А кај сме ние, ти ги давам податоците од Светска Банка за 2012 г, ГДП во регионов:
    Brojkite se milijardi $.
    Makedonija ima 9.663.000.000 $
    Srbija 37.489.000.000
    Hrvatska 56.442.000.000
    Slovenija 45.460.000.000
    Cr.Gora 4.231.000.000
    Bugarija 51.030.000.000
    Grcija 249.099.000.000

    За Америка:
    Кој е интересот на Америка за Македонија?
    Енергија – немаме
    Природни багатства (руди , јаглен, нафта…) – НЕМАМЕ
    Храна – НЕМАМЕ
    Геостратешка положба – Немаме ( сите не заобиколија ).Се гради автопатот Драч-Приштина-Ниш. Другиот Грците и Бугарите го завршуваат преку Кулата-до Калотина ( Пирот ).
    Железница – Имаме ли? Ограничување на 35 км/на час во 21 век.
    Пријатели – Немаме , и тие што ги имавме ги изгубивме.
    Излез од ситуацијава : ИМАМЕ ( мое мислење ).
    Со почит

    Одговори
    • Зошто на Али Ахмети му треба одобрување за неофицијални надворешнополитички средби, а на Никола Груевски и Зоран Заев не им треба?
      А кој е излезот од ситуацијава?

      Одговори

Напиши одговор на перо чиракот Откажи одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.