„Го признавам само судот на својата партија“

Протестите организирани од СДСМ по повод обвинението на Мирослав Шиповиќ, по акцијата „Претседавач“, уште еднаш го отвораат прашањето за мешање во работата на судовите. Ваквите случаи не се изненадување, бидејќи во земјата „имаме култура на апсолутна вистина на верско и идеолошко ниво, и високо ниво на нетолеранција“. Верувањето во апсолутна вистина е основа на недовербата во другите или „туѓите“  и во недовербата кон институциите, особено кога не ги раководат „нашите“.

И да беше проблемот само во политичките партии… Проблемот е во повеќемина од нас – имаме проблем да прифатиме туѓо мислење, вклучувајќи и кога е од судот. Верувањето во една апсолутна вистина, придружено со маскулиноста (мачо, машкоста) на нашето општество во кое се признава само победа/губитник (win/lose) решение на спор, создава крајно неповолна околина за судството. Исклучивата верба во победа на својата вистина е во конфликт со судската власт, бидејќи судските одлуки треба да се почитуваат и кога не се совпаѓаат со сопствената перцепција, верзија на вистината. Кој од нас, граѓаните, прифатил пресуда против себе на суд во граѓански спор и рекол судот постапил професионално и според законот. Е па, и партиите за жал, наместо да водат, се вклопуваат во таа култура. Како што пишував во „Балкан е ова, бе“ судството е прифатливо само во случаи кога одговара. Во спротивно, кога не одговара важи правилото „го прифаќам само судот на (сопствената) партија“. Тоа е позната изјава на Јосип Броз-Тито, долгогодишен лидер на СФР Југославија, за време на негово судење од претходните власти. Тој пример се учеше во образованието како позитивен пример многу децении. Како тогаш сега поинаку да реагираат тогашните ученици. Такво однесување практикувале сите партии досега: ВМРО-ДПМНЕ на пример со критиките на одлуките на Уставниот суд за веропоуката, СДСМ со спротивставувањето на апсењата на свои членови, така се однесувале и ДУИ, Обединети за Македонија итн. Ваквото однесување е многу штетно за (судските) институциите и градењето доверба во нив.

Но судот не може да се постави во целосна изолација каде што нема до него да допре јавното мислење. Затоа мора да се прави разлика меѓу влијание на јавното мислење и мешање на политичари поради специјални интереси. Би разбрал и оправдал, едноставна човечка реакција во случај на верба во одреден став.

Такви протести гледаме во САД на пример при судења за криминал заснован на омраза. Карактеристичен е случајот од 2012 на Трејвон TrejvonМартин, момче, Афроамериканец, убиен според наодот на судот во самоодбрана од Џорџ Цимерман, член на „соседска патрола“. По убиството, против Џорџ Цимерман не е поднесено обвинение, туку тоа се случува по 44 дена, кога по голем јавен притисок Рик Скот, републиканскиот гувернер на Флорида, бара од јавниот обвинител да го преиспита случајот, што води кон поднесување обвинение. Во јавноста се организираат групи за поддршка и на двете страни, кои протестираат, имаат свои веб страни.  Протестите се одвиваат и за време на самото судење, а ескалираат летото 2013 година, по ослободителната пресуда  за Џорџ Цимерман. Дури и претседателот Барак Обама ја коментира ослободителната пресуда низ личното искуство на Афроамериканците велејќи: „Прво си помислив дека тоа можеше да биде мојот син, а потоа си реков дека Трејвон Мартин можев да бидам јас, пред 35 години“. Претседателот Обама повикува на преразгледување на државните и локалните закони, кои го уредуваат правото на легитимна самоодбрана, но го брани судот истакнувајчи дека спорниот процес течел професионалнo, a пресудата не треба да се оспорува.

Такви протести во Македонија имавме во случајот на Мартин go-priznavam-samo-sudot-na-svojata-partija-2Нешковски, момчето убиено во 2011 година, чие убиство се расветли исклучиво поради јавниот притисок. Таквиот јавен притисок е пожелен, потребен. Може да се оправда и јавниот притисок за случајот „Кили“, заснован на уверување „за“ или „против“ медицинска употреба на марихуана или на неговата здравствена состојба. Таквиот јавен притисок, не е мешање во работата на судот, туку влијание на јавните политики.

Влијанието на јавните политики, би ги раздвоил од мешање во работата на судовите. Во одредени ситуации не станува збор за човечка емотивна реакција или пак влијание на јавни политики, туку за одбрана на специјални или теснопартиски интереси. Најдобра пример е процесот против Владо Бучковски. Кога се отвори случајот, имаше инцидент во Собранието (заклучување на пратеници во сала) и беа организирани протести пред судот. Протестите ќе беа во ред, ако беа засновани на став. Како што се протестите за Трејвон Мартин и Мартин Нешковски, кои траеја и по судењата. Но во случајот на Бучковски, кога дојде до промена на партиските интереси на СДСМ, при неговото повторено судење немаше протести. Каде исчезна барањето правда за Бучковски?

Во случајот на Шиповиќ, загрижува што протестите ги предводат Зоран Заев, претседател на СДСМ и градоначалник на Струмица и Радмила Шеќеринска, која е и заменик-претседател на СДСМ и пратеник. И тоа со веќе видениот „отпорашки“ стил и речник. Замислете протести во САД пред суд кој би ги предводел гувернер или лидерот на републиканското мнозинство во Конгресот. Од друга страна позитивно поместување на СДСМ е промена од случајот на Бучковски до тој на Шиповиќ – од спротивставување на судскиот процес до барање за судење без притвор. Тоа што сега го бара СДСМ не е влијание на содржината на обвинението (можното кривично дело), туку на процедурата. Истражниот судија и кривичниот совет треба со должно внимание да ги разгледаат понудените гаранции за замената на притворот на Шиповиќ. Зоран Заев и Радмила Шеќеринска, се луѓе со кои може да не се согласуваме, но се истакнати личности чиј збор и гаранции треба да ги почитуваме.

1 thought on “„Го признавам само судот на својата партија“”

  1. Добра анализа. Политичките партии треба да бидат попаметни и при мешање во правни постапки треба да зборат преку нивни адвокати или правници. Во конкретниот случај гаранцијата требаше да биде понудена преку адвокатот на обвинетиот. Адвокатот на обвинетиот требаше да ја понуди на судечкиот судија. А по потреба и да даде прес изјава со која правнички ќе ја објасни состојбата. Не потребно политичарите се појавија во судот и збореа со претседателот на судот. Тој нема улога во судењето на тој начин. Судијата има слобода во оценувањето на гаранцијата и дали и како ќе ја привати во однос на бранењето од слобода или изрекувањето на казна – притвор. Правниот систем е јасен.

    Одговори

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.