Сноуден – лавина

snouden-lavinaКога во мај оваа година со објавата на „Гардијан“ започна масовната шпионска афера предизвикана со откритијата на Едвард Сноуден, изведувач на Националната агенција за безбедност (НСА) на САД, личеше на веќе видено, личеше на случајот Викиликс од 2010 година кога започна објавувањето илјадници тајни документи на САД обезбедени од војникот на американската војска Челси (Бредли) Манинг. Но жестокоста на САД во потрагата по Едвард Сноуден, која заплаши и многу кавгаџиски и фалбаџиски светски лидери, кои еден по еден ги одбиваа барањата за политички азил, навестуваше дека можеби се случува нешто повеќе. Таа перцепција се засили со одлуката на Русија да му одобри привремен политички азил. Што толку важно знае Едвард Сноуден, што Русија се осмели да му брцне во око на Вашингтон?

Објавата на шокантно кршење на Четвртиот амандман на Уставот на САД, со прислушување на телефони на граѓани на САД и  надгледување електронската пошта и Интернетот на милиони луѓе со програмите ПРИСМ, Икс-кејскоре и Темпора, предизвика брза одбранбена реакција дека телефоните не биле преслушувани, туку била собирана метадата (податоци за податоците) и дека со прислушувањето биле спречени напади врз САД.

Во јули следуваше нова епизода.  Глен Гринвалд, новинар кој започна со објавувањето на тајните документи на Сноуден, објавил дека Бразил е меѓу земјите кои се систематски прислушувани. Тоа подоцна се разви во откритие дека е прислушувана и претседателката Дилма Русеф, што во септември доведе до откажување на нејзината посета на САД. На изјавата на претседателот Барак Обама дека „националните операции за безбедност општо имаат една цел и таа е да се осигури дека Американците се безбедни“, деновиве на германска телевизија ја демантира Глен Гринвалд. Според него, на случајот на Бразил, каде се прислушувани економски конференции, нафтени компании и министерството за енергетика, покажува дека „прислушувањето е за обезбедување на економски предности, и нема ништо со националната безбедност и дефинитивно ништо со тероризмот“. Тоа е особено интересно, земајќи и предвид дека Сноуден и не работел директно за НСА, туку за фирма-изведувач, познатата „Буз Ален Хамилтон“, консултантска компанија која нуди и „економски и бизнис-анализи“ и која има бројни скандали зад себе за врските меѓу политиката и бизнисот.

snouden-lavina-2Но најновите епизоди, кои според најавите не се и последни, откриваат и дека САД прислушувале 35 светски лидери, вклучувајќи лидери на пријателски земји како Ангела Меркел, и дека собрале десетици милиони мегаподатоци од Шпанија, Франција и Италија. Секако шокот на сојузниците е голем – додека е очекувано прислушување од ривали како Русија, тоа не се очекува од сојузниците. Левата и зелената опозиција во Германија веќе бараат парламентарно сослушување и бараат Едвард Сноуден да биде заштитен сведок. На сослушувањето на Конгресниот комитет за разузнавање на 29 октомври, генералот Кит Александер, директор на НСА, и Џејмс Клапер, директор на националното разузнавање, даваат изјави за контрола на штетите, но колку тие се обидуваат да ги намалат штетите, тие се зголемуваат. За прислушувањето во Шпанија, Франција и Италија, тие велат дека не е дело на НСА туку размена на податоци со нивните разузнавачки служби. Со тоа неминовно во скандалот покрај САД се вовлекуваат и тие земји. За прислушувањето на лидерите на сојузнички земји тие велат дека „шпионирањето на странски држави, дури и оние сојузничките – е основен принцип на разузнавачкиот занает и дека се одвива со децении“. И дека европските земји рутински се обидуваат да ги прислушуваат лидерите на САД.

Деновиве станува јасно дека случајот „Сноуден“, го надминува значењето на  Викиликс. Сè повеќе и погласни се прашањата како НСА ги собира информациите, и републиканците и демократите бараат расправа во Конгресот, конгресмени предлагаат закони за запирање на активностите на НСА итн. Пресметката кој ќе ја понесе политичката одговорност е веќе започната. Додека Белата куќа тврди дека не била запознаена, а Конгресниот комитет за разузнавање тврди дека биле „недоволно информирани“, клучните разузнавачи на прашањето дали Белата куќа била информирана за прислушувањето на странските лидери одговараат „Тие можат и знаат“ (“They can and do”), со оградување за деталите поради огромните размери на прислушувањето.

Новиот развој повеќе е во прилог на  ставот дека Сноуден не е шпион, туку дека го бранел јавниот интерес. Обама и Конгресот му должат на Сноуден и треба да му се извинат. Така можеби ќе ги намалат разочарувањата. Претседателот Обама, надвор од САД, дочекан како нова надеж, кој само за надежта беше награден со Нобелова награда за мир, уште еднаш ги покажа своите ограничувања во надворешната политика на САД – тој е само „добриот полицаец“ во играта на „лош (републикански) и добар (демократски) полицаец“.

Развојот на случајот „Сноуден“, може ги израдува сите кои веруваат дека „Запад – не е повеќе политички, туку само географски поим“, но тој е доказ на спротивното. Да, тоа е голем удар на западната демократија поради многу причини. Меѓу другото и со двојните стандарди на американските политичари: не е во ред да се прислушува лидерот (Ангела Меркел), но во ред е да се прислушуваат нејзините граѓани. Но истовремено постоењето на Едвард Сноуден („ниту сум херој, ниту предавник. Јас сум Американец“), медиумите кои ги објавуваат документите, постоењето на наградата „Сем Адамс“ за разузнавачки интегритет, воспоставена од поранешни разузнавачи и информатори (whistleblowers), сослушувањето во Конгресниот комитет за разузнавање, демонстрираат дека можеби не е идеална, но западната демократија има внатрешни системи на проверки и баланси кои се коректив на моќта.

Што имаме ние со сето тоа? Па може да научиме како да направиме значаен чекор. Дали имаме сили за парламентарно сослушување во Комисијата за надзор на работата на управата за безбедност и контраразузнавање и на агенцијата за разузнавање по примерот на САД?

***

Пред неколку часа, врз основа на документи обезбедени од Едвард Сноуден, „Вашингтон пост“ објави дека со програмот за интернет надгледување „Мускулар“, НСА ги има инфилтрирано Гугл (Google) и Јаху (Yahoo) и само за последните 30 дена има собрано 181,280,466 нови записи – метадата, но и содржини на електронската пошта.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.