Минатиот месец истекоа 100 дена на новото раководство на СДСМ. Во тие сто дена социјалдемократите беа критикувани за пасивност, а мојата критика беше за натамошната централизација на партијата преку централизацијата на изборот на претседатели на општинските комитети. Откако во октомври почна појасно да се наѕира новиот СДСМ, треба да се оддаде признание на партијата и новото раководство за постигнатото во краток временски период. Што е постигнато? СДСМ ја завршува својата раководна реорганизација, зазема појасни идеолошки позиции, отвора дебата за највисоките општествени приоритети на граѓаните … Секако имаше и можности што се пропуштени, но билансот е позитивен.
Со изборот на новите претседатели на советите, се завршува раководната реорганизација на СДСМ. Иако советите не претставуваат влада во сенка, за СДСМ ќе биде добро ако тие бидат основата за претставување на политиките и личностите кои ќе треба да ги спроведуваат тие политики.
Во ситуација кога СДСМ е поразен на неколку последователни избори со стратегија на гласање „против“ („ВМРО-ДПМНЕ не чинат, гласајте за нас“), ќе мора да пристапат со стратегија на гласање „за“ („Гласајте за нас, бидејќи сме подобри“). На СДСМ му е потребно создавање на, за граѓаните, препознатливи партиски кадри како идни носители на функции и кои граѓаните ќе ги вреднуваат наспроти сегашните носители на функции. И секако потребна е акција, потребна е напорна работа. Како што Илинка Митрева, претседателка на Дипломатскиот советот, веднаш започна со работа, со средба со сопартиец од Германија. Добро е што неколку личности излегоа од плакарот и од граѓански активисти преминаа во партиски. Уште подобро е што новиот состав навестува дека завршува времето на Бранко Црвенковски во СДСМ. За жал, СДСМ и овој пат ја испушти можноста како левичарска партија да промовира мултикултурност во партискиот состав, особено со избор на Албанци, Турци, Роми и други на челни партиски позиции.
Со изјавата на Зоран Заев, претседател на СДСМ, дека коалициите со ВМРО-ДПМНЕ во Струга и Кичево се грешка, се навести појасна доктринарна позиција на СДСМ. Да, коалициите во Струга и Кичево се грешка и добро што Зоран Заев тоа го согледува и признава. Но и коалицијата со партии кои се декларираат како десни, ВМРО-НП, Обединети за Македонија и Достоинство, е грешка и СДСМ мора коалицирањето да го постави на појасни идеолошки основи.
На програмско ниво многу добро е што СДСМ ја отвори дебатата за две најгорливи општествени прашања: сиромаштијата и корупцијата. Значајно е дека со тоа СДСМ го поместува натпреварот со ВМРО-ДПМНЕ на прашања кои обичниот граѓанин ги препознава како свои, сопствени проблеми.
Кога СДСМ ја отвори дебатата за сиромаштијата, со својот предлог даночен пакет, направи добар потег. Но таа дебата не смее да остане на декларативно или паушално ниво. Предлозите мора добро да се аргументираат, да се поткрепат со факти и бројки, мора да се докажува дека се подобри од постојните решенија на начин разбирлив за секој човек. Од посебно значење е отворање на дебата за корупцијата. Владата постигна одредени резултати во намалување на митото. Но во јавноста останува впечатокот не само дека не се допира до високата корупција, туку дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат премолчен договор за недопирливост, за неказнивост: „ние не ве чепкаме, вие не нè чепкајте“. Неодамнешните настапи, пред се на Радмила Шеќеринска, заменик-претседател на СДСМ, се навестување на напуштање на тој премолчен договор и по цена на откривање на наводните сопствени грешки и проблеми. Но и тука партијата мора од обвинувања да премине на повеќе истражување, документирање, презентирање.
И на крај една од добрите работи е дебатата која се одвива надвор од СДСМ, во медиумите, но е значајна за социјалдемократите и за сите нас. Тоа е дебатата за правецот на СДСМ, ако можам да парафразирам, меѓу „левиот популизам“ и „либералниот елитизам“. Јас не сум ниту член ниту симпатизер на СДСМ, но оваа дебата е клучна за партискиот натпревар и плурализам во Македонија, и затоа се вмешувам. Со килава опозиција, ќе имаме килава власт, само со определена, динамична опозиција ќе имаме подобра власт.
Првиот чекор за политички натпревар е понудата на СДСМ да се разликува од понудата на ВМРО-ДПМНЕ. Неколку пати имам коментирано дека СДСМ треба да заземе левичарски позиции, да изгради јасна разлика наспроти конзервативните политики на ВМРО-ДПМНЕ, и по цена СДСМ да биде поразен на следните избори, бидејќи само така ќе понуди алтернатива. Нема алтернатива во „лев популизам“, тоа е играње на домашен терен на ВМРО-ДПМНЕ. Но поддршка за левичарските позиции нема да дојде доколку СДСМ продолжи со својот елитистички пристап „народот е во право и кога греши“, на делење на граѓаните на нормални и ненормални, разумни и неразумни. Баш на нормалните граѓани им е доста од етикетирања и поларизација. И граѓаните нема да бидат привлечени со тоа што Претседателот на Собранието, ќе биде наречен „лицето одназад“.
СДСМ ја обелодени и својата нова позиција за името, дека е против промена на името која ќе навлегува во националниот идентитет, култура и јазик, и дека се против промена на Уставот, како и против предлогот „Горна Македонија“. СДСМ со новата позиција се приближи до црвените линии на ВМРО-ДПМНЕ дека не е прифатлива промена на уставното име (не е прифатлива промена на уставот), и задирање во идентитетот. И тоа не е популизам, туку е клучен чекор за постигнување на национално единство за прашањето за името, и тоа во клучен момент. Граѓаните ќе го ценат тоа.
Госпон Клековски,
Е сега ништо не разбирам. Од кај па сега вакви пофалби за СДСМ?
Ништо не ми е јасно ? :)
Поздрав,
Мајстор Перо – Чиракот