Политичките партии и граѓанските организации – прашање што одвреме навреме се актелуизира во целиот период по независноста на Македонија. Сега се актуелизира со изборот на Лидија Димова, извршна директорка на Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), и на Маргарита Цаца Николовска, претседателка на Институтот за човекови права, за претседатели на партиски совети на СДСМ. Како и секој друг настан на поларизираната македонска политичка сцена, преминот на граѓански активисти во политичка партија предизвика реакција во рамките на двата екстрема од одобрување до осуда.
Еден од тие што реагира е и Илија Димовски во написот „Невладин сектор и независни новинарство – Каде треба да биде границата“. Тој пишува дека македонската јавност никогаш досега (во последните дваесетина години) не мислела и не мисли дека невладиниот сектор и медиумите успеваат да останат надвор од партиските влијанија и цели. Притоа Илија Димовски мисли на поврзаноста на СДСМ и невладиниот сектор. Иако се оградува дека мнозинството на граѓански организации се на нивото на професионалните принципи, Илија Димовски смета дека целиот сектор има лош имиџ поради злоупотребите на дел од нив кои поддржуваат политички партии. На крај повикува на храброст да се проговори за темата и на потребата од саморегулација.
При понатамошната дебата мора да се појде од разбирањето на разноличноста на граѓанските организации, кои ги има над 11.000, од хоби и спорт до човекови права, од мали локални организации до големи национални сојузи. За кого точно говориме кога говориме за граѓанскиот сектор?
Малкумина во Македонија кога расправаат на темата на политички партии и граѓански организации, имаат на ум дека расправат за сестрински односи. Политичките партии и граѓанските организации се сестри, кои потекнуваат од истата слобода – слободата на здружување загарантирана со членот 20 на Уставот на Македонија. Политиката – односно учеството во градење на јавното мислење и креирањето политики е основно начело на граѓанските организации утврдено со членот 14 од Законот за здруженија и фондации. Иста основа, исто поле на работа, доволно за континуирана дебата за сестринско разграничување. Дилема која колку е македонска, толку е и меѓународна!
Кај нас расправата за разграничувањето меѓу политичките партии и граѓанските организации водеше во воспоставувањето на основното начело на граѓанските организации за непартиско дејствување утврдено со член 13 од Законот за здруженија и фондации, кој вели „Организациите не можат да вршат активности на политичка партија, односно не можат да обезбедуваат директно или индиректно финансирање на конкретна политичка партија и да влијаат на изборите.“ Прашањето „каде треба да е границата“ е одговорено.
И додека дебатата често се води кога политичките партии имаат чувство за загрозеност од граѓанските организации, таа е многу ретка кога политичките партии навлегуваат во граѓанскиот простор, на пример, со формирањето на партиски институти како „Павел Шатев“ и „Прогрес“, или пак формирањето на фондации од страна на политичарите. Можеби тоа има поврзаност со отвореноста на граѓанскиот сектор за сите, и одредената окупација на политичкиот простор од страна на политичките партии.
Значи дебата имало и ќе има, а постои и закон. Како е во практиката и што мисли јавноста за оваа прашање? Дали е точно дека граѓаните имаат недоверба во граѓанскиот сектор? Во 2013 година довербата кон граѓанските организации е на највисоко ниво од 2006 година и изнесува 59,3 отсто. Всушност, довербата во граѓанските организаци е во постојан пораст од 2006 година, од кога МЦМС ја мери довербата и кога изнесувала 33,1 отсто. И оваа доверба е заснована на половина од граѓаните кои можат да наведат примери за успешни граѓански организации, како МОСТ, „Меѓаши“, „Ел Хилал“, СОС Детско село, „Хабитат“, „Полио Плус“, АДИ, Хелсиншки комитет, НСИОМ, СЗПМ, СОЖМ.
За споредба за добар или лош имиџ довербата во политичките партии изнесува 27,9 отсто, и довербата во нив е најниска од било кој друг сектор или институции во Македонија. Пониска и од довербата во медиумите, која пак е во стрмоглав пад од 2006 година кога изнесувала 56,7 отсто на 37,4 отсто во 2013 година. Затоа колку што е важна дебатата за граѓанското општество за идниот развој на земјата, исто толку важна е дебатата за политичките партии!
Не дека граѓанскиот сектор нема предизвици пред се себе, вклучувајќи ги односите со политичките партии. Малцинство граѓани имаат мислење дека односите меѓу политичките партии и граѓанските организации се односи на взаемно почитување. Околу половина од граѓаните сметаат дека политичките партии кога имаат партиски интерес, ги присвојуваат ставовите на граѓанските организации, а кога немаат интерес, ги осудуваат како блиски до другата страна. Секој петти граѓанин смета дека политичките партии основаат граѓански организации и ги користат како свои гласноговорници. Од ваквите ставови произлегува дека граѓаните вината ја гледаат на страната на политичките партии.
Но ваквата позиција е премногу дефанзивна и прелесно го поместува проблемите во туѓиот двор, во тој на политичките партии. (Продолжува)
***
Авторот бил извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во периодот 1993 – 2011 година, член на органите на повеќе граѓански организации, вклучувајќи и во Отворено општество – Македонија (ФИООМ) во периодот 2003 – 2005 година.