Во претходниот напис коментирав за политичките партии и граѓанските организации, односно за партиските влијанија во граѓанскиот сектор, а по повод на неодамнешното преминување на граѓански активисти во СДСМ и коментари поврзани со тој чин. Мојот одговор поаѓа од тоа дека политичките партии и граѓанските организации се сестри, кои потекнуваат од истата слобода – слободата на здружување, како и фактот дека треба да го споделуваат просторот на (јавните) политики, бидејќи и двата сектора имаат начела на влијание на политиките. Но потребата за сестринско разграничување постои и со закон е утврдено непартиското начело на граѓанските организации, односно забрането е финансирање на конкретни политички партии и влијание на јавни избори.
Историска недоверба меѓу двете страни е од почетокот на транзицијата кога СДСМ го воведе терминот граѓанско општество како противтежа на етнонацијата. Етнонационалните елити во таквото граѓанско општество видоа закана-предавство на националните интереси. Но и самите граѓански организации, во тој период, најголем дел излезени од чадорот на СКМ и Социјалистичкиот сојуз на работниот народ, по инерција ги продолжија своите привилегирани односи со левицата, што само ја продлабочи недовербата со десницата. Беа потребни години да се надмине тоа недоразбирање.
Но на тоа недоразбирање се надоврза ново – граѓанските организации, наместо сестрински односи, кон политичките партии почнаа да градат сопернички и на моменти непријателски односи. Пред десетина години, при дијалог за дефиниција на граѓанскиот сектор, водечки личности од граѓанскиот сектор жестоко се противеа на вклучување на политичките партии во граѓанското општество, иако тоа е прифатено од водечки глобални организации како Цивикус. Сличен но помал отпор имаше кон вклучување на синдикатите, коморите, како и црквите и верските организации во концептот на граѓанско општество. Иако на пример, според Антонио Грамши, кој има придонес на современото разбирање на граѓанското општество, црквата е дел од граѓанското општество. Од каде беше тој отпор кон сестринските организации? Впечатокот е дека тоа се должи на привилегираниот однос што го имаа граѓанските организации кај странските донатори. Како во ретко која земја значаен дел од фокусот на странските донатори, посебно до пред десетина години, беа граѓанските организации. Странските донатори сметаа дека е доволно да се зајакне граѓанското општество, како клучна состојка на демократијата. Тој фокус значеше пристап кон многу ресурси. Тоа значеше дека граѓанскиот сектор разви позначајна структура од сите други форми на здружување: синдикати, политички партии и други, кои беа запоставени. И повеќе граѓански организации го продлабочуваа јазот кон другите, во обид да се заштитат сопствените привилегии. И да за заштити сопствената „чистота“, наспроти „валканите“ партии. И всушност првите осуди на премини од граѓански организации во политички партии, не доаѓаа од политичките партии туку од самите граѓански организации.
Пратеникот Илија Димовски повикува на саморегулација на граѓанскиот сектор, за да се раздвои непартиско политичко дејствување на граѓанските организации од партиски дејствување. И тој ќе се изненади дека барем во една работа е истомисленик со Владимир Милчин, директорот на Отворено општество Македонија. На трибина „Граѓанските организации и политиката“, Милчин ќе запраша: „Имаат ли граѓанските здруженија регулативи и процедури со коишто ќе се оневозможи нивната злоупотреба во интерес на партиските кариери или амбициите да се биде пратеник или министер?“ Проблемот е што такви изјави се поврзани со „туѓите“, но не со своите. Прашањето на Милчин не е поставено кон сегашните премини во СДСМ, ниту кога водечка граѓанска активистка стана кандидат за градоначалник на Скопје. Беше поставено во 2006 година, кога водечки активист за лица со посебни потреби беше на партиска листа на ВМРО-ДПМНЕ. Како што и загриженоста на Димовски за скорешните премини во СДСМ, не постоеше кога членови на граѓански организации стануваа пратеници или министри на ВМРО-ДПМНЕ. Едноставно секој гледа во туѓиот, а не во својот двор.
И вината на граѓанскиот сектор е во неможноста да изгради Етички кодекс, кој меѓу другите прашања ќе го уреди прашањето на начелото на непартиско дејствување, односно на раздвојување на непартиски политички ангажман од партиско дејствување. Тоа граѓанскиот сектор не успеаа да го постигне, доколку добро се сеќавам во 2004/05 година, кога постоеше барем одреден степен на доверба и кохезија. Сега, кога јазовите во самиот сектор се продлабочени тоа ќе биде уште потешко.
И кога се говори за кодекс, не заговарам продлабочување на јазот меѓу граѓанските организации и политичките партии. Не заговарам како во спортот дека откако си го носел националниот дрес на една земја треба да поминат повеќе години за да облечеш дрес на друга. Дури ниту дека граѓански организации не треба да го поддржуваат зајакнувањето на институцискиот капацитет на политички партии. Напротив, сметам дека за остварување на влијание на јавните политики, граѓанските организации ќе мора да ги подобруваат своите односи со политичките партии. Кодексот е потребен за постигнување на договор што се добри практики и за јакнење на еснафската солидарност.
***
Авторот бил извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во периодот 1993 – 2011 година, член на органите на повеќе граѓански организации, вклучувајќи и во Отворено општество – Македонија (ФИООМ) во периодот 2003 – 2005 година.