Случувањата во врска со „Kongresi i Manastirit”, училиште во Чаир – Скопје, уште еднаш потврди дека именувањето на места, особено именувањето на училишта и улици може да создаде „арена“, јавен простор каде што општествените групи дебатираат за меѓусебната поврзаност помеѓу наследството, идентитетот и именувањето на местата. Именувањета на места може да биде контроверзно во сите општества, но уште повеќе во мултикултурните општества, како македонското, каде наследството и идентитетот и натаму продолжуваат да ја привилегираат етничката димензија, за сметка на другите димензии.
Спротивно на меѓународната практика, малку внимание се посветува на именувањето на училиштата во Македонија, а законската рамка не е јасно по тоа прашање.
Во именувањата на училиштата, по 2001 година, постоеја спорни случаи како тие во село Шемшево, општината Јегуновце (2006 г.), Гостивар (2006-2009 г.), како и тие во Чаир од минатата година. За жал, јавноста беше запознавана со проблемите, но не и со позитивните решенија на некои од нив. Спорниот случај во Шемшево се реши со именување на училиштето според населеното место Шемшево. Гостиварскиот случај е слика на сегашниот за „Kongresi i Manastirit”. Во 2006 година, училиштето „Братство-единство“ во Гостивар се преименува во „Bashkimi-Башкими“. Ваквото именување беше оспорено и доведе до бојкот на наставата од учениците неетнички Албанци. За сегашниот контекст важно беше, што тогаш, во 2009 година, имаше и случај до Уставниот суд кој под претседателство на Трендафил Ивановски одлучи, со мнозинско одлучување, да не ја проценува законитоста при спроведувањето на членот 14 кој наведува дека името треба да биде испишано на македонски јазик, констатирајќи дека името било испишано на кирилско писмо. Покрај надгласувањето, двајца судии имаат одделно мислење дека зборот „Башкими“ нема значење на македонски јазик и затоа треба соодветно да се толкува. Подвоеноста на Уставниот суд е јасен показател дека законската регулатива за именување на училишта не е доволно јасна, и е потребно подобрување на законските одредби.
Но за разбирање не е неопходно да постојат јасни законски одредби, потребна е и волја. Во Гостивар тоа што не можеше да се реши по судски пат, се реши во 2009 година низ дијалог: училиштето се преименува во „Единство – Bashkimi – Birlik“ („единство“ на македонски, албански и турски јазик). И секако, јавноста не дозна за позитивното решение, како што не знае за други позитивни примери како двојните имиња, како тоа „Братство – Миѓени“ во Тетово или пак за консензуалната одлука за името „Сами Фрашери“ на новото средно училиште во Куманово во 2010 година.
Што можеме да научиме од последниот случај со „Kongresi i Manastirit”?
Повторно надвладеа етничката интерпретација, а не универзалната, просветителска димензија на отворањето на ново училиште, именувано по важен просветителски настан, утврдувањето на албанската азбука.
Прашањето не го отворија националистите, туку левичарската опозиција. Тоа покажува дека изјавите дека опозицијата ќе ја промени својата политика кон меѓуетничките односи е празна декларација. Првата можност да му нанесат штета на ВМРО-ДПМНЕ, играјќи на осетливоста на именувањето во меѓуетнички контекст, тие ја употребија, заборавајќи ги најавите за свртување на нов лист.
А дека ние етничките Македонци сме преосетливи не треба многу да се аргументира. Со децении имаме повеќе училишта именувани „Лирија“, но не и „слобода“, што е значењето на „лирија“ на македонски јазик. Веројатно и никој немаше да го забележи „Конгреси и Манастирит“, доколку тоа не беше употребено во теснопартиски цели.
Од друга страна, општина Чаир, која е раководена од ДУИ, е во расчекор со декларациите на Али Ахмети, лидерот на ДУИ. Додека Али Ахмети бара решенија за спорот на името и тврди дека не се задира во националниот идентитет, неговите сопартијци во Чаир со преименувањата на четири училишта во 2012 година, како и со неупотребата на македонскиот јазик во случајот на „Битолскиот конгрес“, ги доведуваат под прашање вистинските намери на ДУИ.
И случајот уште еднаш покажа дека аналитичарите, коментаторите и активистите етнички Албанци, кои се сметаат за либерали, не се толку либерални. Многу оправдувања за отсуството на македонскиот јазик, од тоа дека општината и улиците не ги превела соодветно на албански јазик до потсетување на минатите страдања на етничките Албанци. Без храброст да се каже, да, името треба да се испише и на македонски јазик. А за оправдувањата од типот „ММЕ кој прв почна“ во друга прилика.
Поминаа многу години од вклучувањето на Охридскиот рамковен договор во политичкиот и во правниот систем на земјава, а многумина сè уште се однесуваат како тоа да не случило. Меѓу тие многумина има и етнички Албанци, кои продолжуваат да се однесуваат како да не постои мултикултурноста, и сложен повеќекратен однос на мнозинство-малцинство, во кој тие немаат статус само на малцинство туку и одговорност на мнозинство во одредени случаи.
Но случајот „Конгреси и Манастирит“, може да биде и поттик, конечно да започне дијалог за именувањата на училиштата, што ќе доведе до воспоставување на јасен и партиципативен законски механизам за именување на училишта, ќе доведе до одраз на мултикултурноста без бришење на историјата, како и до решение на „замрзнатите“ спорни именувања во Чаир од 2012 година.
***
Честит 28 ноември – Денот на знамето! Gëzuar 28 nëntori – Dita e Flamurit!