Со објавувањето на кандидатите за претседател на републиката, се објави првата анкета на јавното мислење. Во првата анкета претседателските кандидати Ѓорѓе Иванов, Стево Пендаровски, Илијаз Халими и Зоран Поповски, имаат доверба меѓу граѓаните што е повисока од довербата во партиите нивни формални или неформални предлагачи ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ГРОМ. Подоброто мислење за претседателските кандидати, отколку за партиите-предлагачи може едноставно да е резултат на тоа што има помалку претседателски кандидати од партии, па гласачкото тело се дели на помалку делители. Но, подоброто мислење може да е и одраз на одобрување на кандидатите од страна на граѓаните, односно одраз дека партиите го направиле својот најдобар избор.
Првичните анкети велат дека Иванов е во водство пред Пендаровски, а ги следат Халими и Поповски. Кои се факторите и чинителите кои влијаат и ќе влијаат на нивото на доверба во кандидатите? Тоа се личноста – карактерот и искуството на кандидатот, неговата програма, партиската поддршка, како и вкрстената поддршка од симпатизери на други политички партии и независните гласачи.
Во сегашниот политички контекст, интегритетот, во поширока смисла, и чесноста во потесна смисла, ќе бидат клучни критериуми низ кои граѓаните ќе ги оценуваат кандидатите. Тука кандидатите стојат добро. СДСМ по подолго време има кандидат зад кој нема афери и скандали, но Иванов е во предност, бидејќи тој ги задржал тие карактеристики и дури ја вршел претседателската функција. И не случајно, во кандидатскиот говор Иванов ја нагласи својата чесност, со која ќе ја бара поддршката од граѓаните.
Иванов е во почетна предност како актуелен претседател, поради присуството во јавноста изминатите пет години. Пендаровски е прв кандидат на СДСМ кој скоро да нема негативен капитал во јавност, зашто е ново лице. Колку да тоа е предност поради тоа што македонската јавност во потрага по политичари со интегритет е склона кон нови лица, тоа може да и недостаток, бидејќи Пендаровски по Глигоров, Петковски, Црвенковски и Фрчковски е помалку познат кандидат. Политичкото искуство на Пендаровски е ограничено на кабинетите на претседателите, додека Иванов, Поповски и Халими имаат посестрано политичко искуство.
Пендаровски со слоганот „Македонија заслужува претседател“, јас би додал и Македонија за сите, го дефинира својот пристап, дека би бил претседател со свој став и дека би бил инклузивен претседател. Со огромната почит што ја имам кон Пендаровски, јас не сум сигурен дека тој има јасен став по клучни прашања, како спорот за името. И недостига убедливост дека инклузијата не се однесува само на етничките заедници, туку и на политичките ривали, како гаранција за евентуална конструктивна кохабитација. Иванов е критикуван за немање став, но прашањето не е во немањето став, туку дека има ставови кои за политичките ривали се неприфатливи. Иванов, со слоганот „Изборот е Македонија“, меѓу другите пораки дефинира јасен став за спорот за името: Република Македонија – ерга омнес. Тоа за политичките ривали може да не е доволна политичка платформа, но за многумина граѓани тоа е доволна политичка платформа. Звучи шашаво, но функционира. Колку да дел од јавноста е фокусирана на гафовите, тие не се важните работи, туку Иванов ќе треба да ја убеди јавноста или барем дел од јавноста во својата искрена посветеност на евроатлантската ориентација. Иванов ќе треба да го прифати Косово, како наш сосед, без разлика на реакциите од други соседи, и да демонстрира појака приврзаност кон ЕУ и НАТО. Поповски, мудро ја употреби предноста во неговата порана кандидатура и веќе се наметна со свои ставови како тој за политичките затвореници.
Јасно е дека Поповски и Халими ќе ја имаат целосната поддршка на своите партии ГРОМ и ДПА. Иванов имаше противкандидати во ВМРО-ДПМНЕ, кои добија над 10 отсто и прашање е дали се тоа протесни гласови. Сепак, ризикот за Иванов во нецелосна поддршка во ВМРО-ДПМНЕ е релативно мал, вклучувајќи и поради тоа што нема друг кандидат од десниот центар. Компактноста на СДСМ околу Пендаровски е недоволно јасна поради тајноста на процедурата на изборот, но ќе стане појасна следниве недели. Со претпоставка дека сите кандидати ја имаат целосната поддршка на партиите, Иванов влегува во изборите со одредена предност пред другите кандидати.
Како што пишував во „Претседателски кандидат“, за победа нема да биде доволна поддршката на симпатизерите на партиите-предлагачи, туку колкава ќе биде вкрстената поддршка од симпатизерите на други политички партии и независните гласачи. Јас претпочитам да користам терминологија како симпатизерите на други политички партии и независните гласачи, наместо етнички групи, бидејќи верувам во потребата да се надмине етничката организација на политиката. Сите четворица кандидати имаат повисока поддршка од партиската, што укажува на поддршка од симпатизери на други политички партии и независните гласачи. Додека Иванов влегува со одредена предност пред другите кандидати во партиска поддршка, тука се чини дека другите имаат предност. Пендаровски има јасна поддршка од независните гласачи етнички Албанци. Прашање е колку таа група може да влијае на исходот на изборите, а колку однесувањето на симпатизерите на ДПА и ДУИ. Додека ДПА со повикот да не се гласа за кандидат етнички Македонец го неутрализира своето влијание на изборите, ДУИ имаат поконфузни јавни пораки дека Иванов не е прифатлив и дека ниту еден од кандидатите не е прифатлив за нив. На страна можностите за тајни партиски договори. Но доколку продолжи кампањата заснована на етничка мобилизација, вклучувајќи и повикот на ДУИ да пропаднат претседателските избори, тоа може да ги намали шансите на Пендаровски. Но државнички ќе биде Иванов да стапи во директна комуникација со Ахмети и се обиде да го намали нивото на недоразбирање.
Од сите четири прашања: личност, програма, партиска поддршка и вкрстената поддршка од симпатизери на други политички партии и независните гласачи, се чини само последното евентуално може да го смени почетното водство на Иванов.