Без партиски лидери меѓу кандидатите за Претседател

Исчекувањето поврзано со кандидатите за претседателските избори заврши. Кандидати за претседател се Ѓорѓе Иванов, Стево Пендаровски, Илијаз Халими и Зоран Поповски. Првите коментари за кандидатите секако одат од една крајност во друга крајност. Нас секако нè карактеризираат крајности, а не умереност и одмереност. Поединечни коментари се дека ниту еден кандидат не  заслужува поддршка. Да ги тргнеме на страна ваквиот тип на коментари на кои  ништо не им е доволно добро. Политичките партии ги кандидираа најдобрите кандидати од спомнуваните кандидати. Можеби имало подобри кандидати, но според моите сознанија овие кандидати имаат најголема поддршка во јавноста. Од друга страна, овие претседателски избори ќе бидат први избори каде нема ниту еден кандидат лидер на политичка партија и, дури повеќе ниту еден кандидат не е од најтесното раководство на партиите-предлагачи. Тоа може да се толкува на два начини, првиот дека партиите сфатиле дека претседателските кандидати треба да бидат прифатливи и за независните гласачи и за симпатизерите на други политички партии, а вториот дека лидерите на партиите не ја гледаат претседателската функција како доволно моќна, доволно важна, за самите тие или нивните најблиски соработници да се кандидираат. Доколку е второто во прашање, за очекување ќе биде да претседателските избори и кампања бидат во целосна сенка на парламентарните избори и кампања.

bez-partiski-lideri-megu-kandidatite-za-pretsedatel

За изборот на кандидатите е секако важен и процесот на кандидирање посебно во ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Без заблуди за демократскиот капацитет на партиите, изборот на кандидати секако покажа одредени работи. ВМРО-ДПМНЕ дозволи процес на кандидатура со само-пријавување и тајно гласање и барем ја исполни демократската форма, не неминовно и демократска содржина и, што е поважно покажа дека има доверба во својата кохезија и единство. Збор-два за фалениот систем на конкурс. Во Македонија, конкурсот има ограничувања, бидејќи ретко се пријавуваат вистинските кандидати. Зошто е тоа така во друг коментар.

СДСМ го чуваше во тајност процесот за кандидирање и со тоа остави простор за шпекулирање за сопствената кохезија и единство. Тоа што недостасуваше во изборот на претседателските кандидати беа анкети за нивните рејтинзи меѓу граѓаните. Или сум пропуштил или ниту една партија, ниту еден медиум, ниту еден институт или агенција не ги објави рејтинзите на кандидатите кои се спомнуваа во процесот на кандидирање. Може да се најдат рејтинзи за кандидатите за претседатели во САД на две години пред нивните избори, се објавуваат рејтинзи за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но не и за кандидатите за Претседател. Рејтинзи на кандидатите се правени, се објавува во форма на ти реков-ми рече, но не и во директна форма. Не знам дали е тоа за да не се повредат кандидатите, или за мир во куќа, но јавноста има право да ги знае тие информации. И ќе ѝ беше многу појасно зошто овие, а не некои други кандидати се избрани од партиите.

Кандидатурите на Стојанче Ангелов и Билјана Ванковска, не ја добија потребната поддршка. Со тоа пропаднаа разните шпекулации – Билјана Ванковска и Стојанче Ангелов, сепак не биле скриени кандидати на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, инаку ќе го собереа потребниот број на потписи.

Во претходен коментар веќе напишав дека Стојанче Ангелов е веќе победник, бидејќи верувам дека неговиот притисок доведе до решавање на статусот на професионалните војници. Но, од друга страна по неуспехот на парламентарните избори во 2011 година и сегашниот неуспех за собирање на 10.000 потписи, политичката кариера на Стојанче Ангелов и на Достоинство, ако не е веќе завршена, ќе биде во залез.

Многу ќе недостига Билјана Ванковска во претседателската трка, не само зошто е жена, а сите кандидати се мажи. Кандидатурата на Билјана Ванковска ќе беше најдобар начин за одбележување на 8 март. Но главна причина зошто ќе недостасува е зошто ќе донесеше еден толку потребен предизвик во претседателската дебата. Сите четири кандидати за претседател ќе се залагаат за евроатлантски интеграции, и за тоа прашање ќе нема многу дебата. Ванковска со своите антимилитаристички или  антинатовски ставови, за првпат ќе обезбедеше дебата за и против НАТО, за и против македонско учество во воените мисии… Вака само со јес (да) ставови губиме можност да низ аргументирана расправа се потсетиме уште еднаш зошто сакаме во НАТО. Како граѓанин кој ја поддржа кандидатурата на Билјана Ванковска, морам да искажам две критики. Првата е за разликата во однос на конвенционалните кандидати. Јас како разлика очекував и нова етика во изборната комуникација, вклучувајќи неупотреба на етикети за политичките ривали. Втората е за недостиг на спортски дух. Не успеа првата кандидатура, но и  Митеран е избран од третпат, Алјенде од четврти пат, а и Хилари Клинтон не успеа во првиот обид. Вината пред сè треба да се бара во себеси, на пример во доцната објава на кандидатурата. Не се граѓаните апатични, треба организација и време за постигнување на успехот.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.