Брисел виа Атина и Софија

Посетата на Венизелос, грчкиот министер за надворешни работи, на Скопје, иако со мали очекувања, донесе одредени сигнали за грчко-македонските односи. Да се потсетиме кои се позициите на Грција и Македонија за меѓусебните односи. Атина тврди дека го поминала својот дел од патот, дека решението за спорот е име со географска одредница за севкупна употреба, што е дел од нив понудениот меморандум за добрососедство, и дека проблем е иредентизмот и неконструктивноста на Скопје. Скопје бара почитување на Привремената спогодба, градење меѓусебна доверба преку билатерални средби и поттикнување на прекуграничната соработка, нови гранични премини и проекти, дека Грција не е заинтересирана, како и барање на решение преку преговори на ниво на премиери.

brisel-via-atina-i-sofijaКои се пораките од Атина, пренесени од Венизелос? Венизелос, за грчките медиуми, изјави дека премиерот Груевски го уверил дека Македонија нема територијални претензии и не изразува иредентизам, а сега е потребна „креативна позиција во однос на името“. Колку кај нас дома, во Македонија, ни звучат смешни перцепциите за територијалните закани на Македонија кон Грција, стравот од иредентизам е присутен во Грција посебно во грчка Македонија. Затоа ова е значајна порака кон дома на Венизелос и отстапување од грчката реторика дека Скопје има територијални претензии.

Понатаму Венизелос се откажа од ставот на Атина дека спорот за името не се решава поради неконструктивноста на Скопје, со неговата изјава дека чувствува дека Скопје е подготвено за дијалогот за прашањето за името, како и за унапредување на билатералните односи. Иако е познато дека Скопје предлагаше повеќе пати билатерални политички средби и иницијативи за прекугранична соработка, добро е што конечно Атина ја виде конструктивноста на Скопје.

И не само што Венизелос ја виде подготвеноста на Скопје, туку најави идни средби со македонскиот политички врв, како и иницијативи за подобрување на билатералната соработка. Со тоа Атина одговори на барањата на Скопје за поинтезивна билатерална соработка. Венизелос го покани Никола Попоски, македонскиот министер за надворешни работи на ЕУ настан во Солун, во април годинава. Ова е значаен чекор во градење на билатералните односи. Билатерални политички средби меѓу Македонија и Грција имало кога биле на власт социјалистички влади во Атина, или пак со конзервативни власти, но надвор од Грција. Со сегашната конзервативна Влада под водство на Самарас, еден од иницијаторите на спорот за името, контакти немаше до минатата година, кога тие контакти ги воспоставија министрите од ДУИ, помалиот партнер во власта во Скопје, а и Венизелос, е министер од ПАСОК, помалиот партнер во власта во Атина. Оттука е значајно да се види како ќе почне да се гради довербата меѓу Нова Демократија и ВМРО-ДПМНЕ, поголемите партнери во властите во Атина и Скопје, а посетата на министерот Попоски на Солун, како министер од ВМРО-ДПМНЕ во градот во кој се одржа најголемите протести против Република Македонија, ќе биде значаен чекор.

Четврта порака од Венизелос е дека разговорите за спорот за името треба да се одвиваат во рамките на процесот договорен во ОН. Вака срочената изјава значи одбивање на понудата за подигање на нивото на разговори на премиерско ниво и сигнал дека Атина сè уште не е подготвена за завршница на спорот за името.

Прифаќањето дека Скопје е подготвено за дијалог за спорот за името, не значи и истовремена подготвеност на Атина сега да го решава спорот. Атина попушта во однос на иницијативите на билатералната соработка, но ќе сака да го одложи решението за спорот со името, секако со префрлање на вината на друга страна. Признавајќи дека постои подготвеност на Скопје за дијалог, Венизелос го дефокусира вниманието од Атина со копенхашките критериуми, добрососедство… Истовремено Венизелос тврди дека Атина е вратата кон Брисел? Што Македонија може да подобри во Атина, политичкиот дијалог, слободата на медиумите, независноста на судството, или пак спорот за името? Копенхашките критериуми се сведуваат на добрососедските односи, а таму клучниот проблем е договорот за добрососоедство со Грција и спорот за името. Но Венизелос најави дека тактиката на Атина ќе биде да го одложи спорот за името преку Софија, односно македонско-бугарскиот договор за доброососедство. Според Венизелос, спорот за името бил ништо, дека главниот проблем бил „идеолошкиот“ спор меѓу Македонија и Бугарија.

Сумирањето на посетата е дека Атина отстапува од реториката за неконструктивност на Скопје, ги прифаќа иницијативите за билатерална соработка, одбива решавање на спорот на името на премиерско ниво, бидејќи Атина не е сега подготвена за решение, и дека одолжувањето ќе го постигне со вклучувањето на Софија и договорот за добрососедство. Одредени домашни коментатори побрза да ја прогласат посетата за неуспех на македонската дипломатија, а за поентирање на Венизелос кој пред меѓународната заедница се претставил како умерената страна. Дали Венизелос беше лажен или вистински, ќе покажат следните месеци, но одмереноста на изјавите во грчките медиуми оставаат простор за умерен оптимизам. Македонија постигна успех со признанието за подготвеноста за дијалог, и доби насока: патот кон Брисел виа Атина има уште една станица – Софија. Колку побрзо го склучиме договорот за добрососедство со Бугарија, толку побрзо ќе стигнеме до решавање на спорот за името.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.