Отсекогаш посебен предизвик ми се патувања во земји многу далечни и малку присутни во медиумите како Грузија во Кавкаскиот регион, Киргистан и Казахстан во Централна Азија, Јужноафриканска Република, Боцвана… Тие земји поради малкуте информации кои ги има за нив во нашата земја нудат можност за откритија и изненадувања. Затоа со задоволство прифатив покана од универзитет во Сантијаго за учество на конференција и можност за соработка, но и за откривање на Чиле. За Чиле знаев за Салвадор Алјенде, за воениот удар на Пиноче, за исчезнатите, и за чилеанското вино. Открив дека Чиле е развиена земја, со силен дијалог и мултикултурност и нешто што најмалку го очекував – нашинци.
Дека Јужна Америка, посебно Бразил, е брзо растечка економија, знаев и претходно. Чиле има пораст од 4 до 7 отсто годишно, со исклучок на неколкуте години на глобалната криза, но веќе во 2012 г. растот е 5,5 отсто. Чиле не е само брзорастечка економија – има највисок БДП по жител во Јужна Америка и според Светска банка, од 2010 година Чиле е земја со висок приход и е развиена земја и станува членка на ОЕЦД, прва од Јужна Америка. Поедноставеното објаснување е дека бакарот во чие светско производство Чиле учествува со една третина е тајната на успехот. Има многу земји богати со природни ресурси, но без такви постигнувања, а и значењето на бакар за Чиле е во постојано намалување и сега изнесува 20 отсто од БДП и 60 отсто од извозот. Тајната на успехот се постигнатите економски слободи (седма земја во светот) со независно и ефикасно судство и мудро водење на јавните финансии. За илустрација за независно и ефикасно судство е фактот дека иако никогаш осуден Августо Пиноче, чилеанскиот диктатор од 1973-1990 година, бил предмет на неколку судски постапки и куќни притвори во периодот 2002-2006 година, што довеле до негова оставка од формалните позиции (доживотен сенатор) и непосредно пред неговата смрт во 2006 година до негова изјава за прифаќање на политичката одговорност за направеното. Тоа е еден од ретките примери домашното судство да ја наруши недопирливоста на диктатор.
За мудрото водење на јавните финансии говори кредитниот рејтинг АА-. Во Чиле се вложува во економската диверзификација, вклучувајќи со вложувања во истражувања и развој кои изнесуваат 0.6% од БДП од кои две третини се јавни вложувања. Чиле постигнува значаен развој на земјоделството, шумарство и рибарството благодарејќи на спротивната сезона, таму е лето кога во Европа и Америка е зима. Чиле е меѓу десетте најголеми производители на вино во светот. Виното не само извозен продукт, туку одлична основа за развој на вински туризам – задолжителен дел од престојот во Чиле е посета на винарница.
Економскиот развој на Чиле ја поставува основата за социјална трансформација. Во 2013 година Чиле има 6,4% невработеност. Населението кое живее под линијата на сиромаштијата е намалено од 45,1% во 1987 година на 11,5% во 2009 година. Чиле е водечка земја во Јужна Америка по нивото на човечки развој.
Пред само 25 година, Чиле бил под воена диктатура. По неуспехот на Пиноче на референдумот во 1988 година за продолжување на неговиот претседателски мандат, демократските сили предводени од Христијанските демократи се изборуваат за демократски избори во 1990 година. Оттогаш се одржани пет претседателски избори на кои трипати победуваат социјалистите, чиј историски лидер е Алјенде, победуваат во 2000 година, за само десет години по диктатурата, а во 2006 година ја доведуваат до победа Мишел Бакелет, првата жена претседател, која по уставната пауза од еден мандат сега е повторно претседател. Во 2005 година армијата ја прифаќа институционалната одговорност за воениот удар во 1973 година. Споменикот на Салвадор Алјенде, до претседателската палата во која сега владее негов идеолошки наследник, е чувана од свечената стража на чилеанската армија, истата таа која го соборила Алјенде. Чиле е еден импресивен пример на пост-конфликтен развој, каде правдата е спроведена во согласност со условите на транзицијата, доведувајќи до политичка стабилност.
Дијалогот на политичко ниво, се одвива во услови на мултикултурност. Чиле со околу 17 милиони жители е мешавина на креоле, потомците на белите доселеници, местизо, од мешано доселеничко и домородно потекло, и америндиско или домородно потекло. Иако домородното население сочинува само 5 отсто од населението, Чиле е една од 22 земји потписнички на Конвенцијата за домородни и племенски народи од 1989 година.
Чиле, поради оддалеченоста од Европа, не било место на избор за доселениците, но станало нова татковина за многу доселеници. Во таквата мешавина има и доселенички групи како Германците, кои ги негуваат своите култура и јазик. Нашата поранешна држава се уште живее во Чиле – во приморскиот град Валпараисо има Paseo Yugoslavo или југословенски пасаж. Југословенската, а сега хрватска дијаспора, брои од 200 до 400.000 луѓе. Таа е дијаспора, најчесто од Далмација, која се доселила во Чиле во 1920-тите. Според архивите имало и доселеници од Македонија.
И нешто што најмалку очекував, средба со Македонци, не од 1920-тите, туку од крајот на 1990-тите! Сашка и Горан, заминале на постдипломски студии во Сантијаго и останале, а подоцна се придружуваат Мери, Марина и други Македонци. Добро вклучено во Чиле, добро не примија и ни помогнаа во разбирањето на Чиле. Голема благодарност за нивното гостопримство!
И јас исто така многу позитивно се изненадив кога разбрав за платите во Чиле.