Прво буре барут

Прво буре барут, иако ние тука во Македонија буре барут го употребуваме како опис на историјата на нашата земја, не е коментар за состојбите во Македонија, туку наслов на еден од поинтересните коментари, на Александар Беќиќ,  за социјалните протести во Босна и Херцеговина (БиХ).

Социјалните протести во БиХ, во медиумите се опишани не како етничка туку како социјална експлозија, бес на политичките класи надвор од етничките граници, против политичарите кои запловиле во националистички води за да се одржат на власт,  шлаканица на меѓународните институции. Повеќемина го истакнуваат Дејтонскиот мир и комплексното политичко уредување на БиХ, како извор на политичкиот и економскиот застој на БиХ. Многумина се надеваат дека протестите ќе се развијат во босанска пролет, а некои дека ќе се рашири и во регионот.

prvo-bure-barutНе е можно да се оспори социјалниот карактер на протестите во БиХ. Некој граѓанин тоа го изразил низ „моћ народу, крај банана републикама и тајкунско банкарским прћијама“. Но потребно е да се расветлат неколку работи. Протестите може да се анализираат како протести против  национализмот и тоа ќе може да се аргументира со палењето на седиштата на ХДЗ БиХ и СДА во Мостар. Но таквата анализа ќе биде неодржлива доколку се анализира и Тузла, градот каде започнаа протестите.  Во Тузла, поранешен индустриски центар, веќе подолго време протестираат работниците, предводени од синдикатите, од некогашните индустриски гиганти, а сега жртви на неуспешни приватизации и стечаи. Соодветно изворот на проблемите е во трансформацијата на социјалистичката индустрија – превработена и неконкурентна. Доколку се споредува состојбата со Македонија, најспоредлива би била со постприватизацискиот период во 1990-тите, во Велес, Штип или Скопје. Тузла сега се соочува со тоа што се соочи Велес во 1990-тите. Доколку се погледнат барањата на работниците во Тузла, тие се социјални и доколку се политички, тоа се барања за техничка влада и избори, тоа не се барања за ново политичко уредување. Во повеќето коментари за антинационалистичкиот карактер на протестите, не се спомнува фактот дека во Тузла на власт не е СДА, ниту некоја друга партија со етничка мобилизација, туку Социјалдемократската партија на БиХ (СДП) под водство на Златко Лагумџија. СДП се декларира како работничка партија со социјалдемократска идеологија, настаната со трансформација на Сојузот на комунистите на БиХ. Сеад Чаушевиќ, премиерот на Тузланскиот кантон, првиот премиер кој поднесе оставка, е социјалдемократ. Затоа социјалните протести во БиХ се протест против севкупната политичка елита, не поради нивните националистички политики, туку поради неспособноста и неуспешноста на економската трансформација.

Затоа е климава аргументацијата за вината на Дејтонскиот договор и комплексноста на политичкото уредување на БиХ за сегашната состојба. Точно е дека четиристепеното уредување на делови од БиХ (општини, кантони, ентитети, држава) е комплексно и скапо. Изворот на нефункционалноста е состојбата каде на различни нивоа, различни политички партии ја формираат власта, каде секој со секого е во коалиција на одредено ниво, што доведува до исклучување на политичкиот натпревар, статус кво и стагнација. Политички плурализам без политички натпревар е политички картел – монопол, што е штетно за растот и развојот како и секој монопол. Но, има и други земји со комплексни уредувања, но се функционални. И како Флориан Бибер добро посочува во регионот има земји со унитарно уредување кои ги имаат истите социјални проблеми како и БиХ.

Прераснувањето на социјалните прости во босанска пролет, но не по урнекот на Арапската пролет, може да биде од значење и за БиХ и за регионот. Зајакнувањето на социјалната мобилизација, наспроти етничката мобилизација, во политиката и на Босна и на Балканот е животна потреба. Но и животна закана за многу политичари и во Босна и на Балканот. Колкава е заканата за етнократијата покажа и итната на посета на социјалдемократот (!?) Милановиќ, хрватскиот премиер, на Мостар. Многумина во македонската левица посакуваат регионализација на социјалните протести, без разлика на контрадикцијата на ставовите дека ем Хрватска и Србија напредуваат, за разлика од Македонија која стагнира, ем кај нив е толку неподносливо што ете првото буре барут ќе ги запали и нив.  Од една страна тоа е тешко замисливо, но од друга страна ние во неколку години имаме протести во Грција, Бугарија, Словенија… што укажува на тешката социјална состојба и недостиг на перспектива на целиот регион.

Босна е споредлива со Македонија по многу социо-економски параметри, како невработеност и сиромаштија,  или пак застојот во евроатлантските перспективи, во случајот на БиХ поради непримената на пресудата од случајпот „Сејдиќ-Финци“, а во Македонија поради спорот со името. Од друга страна, иако Македонија сè уште ги чувствува последиците, приватизацијата полека останува позади нас. Како поука, потребен е политички натпревар за раст и развој и отворени (евроатлантски) перспективи.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.